Додека изминатата година беше лоша за индустриското производство, кое бележеше пад, годинава конечно се забележува тренд на закрепнување.
Индустриското производство во мај годинава во однос на мај лани е зголемено за 6,1 отсто. Во периодот јануари – мај, пак, во споредба со минатата година растот изнесува еден процент, покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика.
Но, додека се стабилизираат и цените на енергентите, кои беа најголем предизвик за компаниите, сега проблем е недостигот од дел од основните репроматеријали. За челичарниците тоа е старото железо.
Bloomberg Adria
„Секако, најчесто купуваме и од околните земји Србија, Бугарија, Косово... Но очекувам дека најголемиот предизвик ќе биде токму во овој дел, поточно во квалитетот на старото железо што може да се обезбеди како основен репроматеријал за нашето производство. Ако ова е тренд да кажеме за следниот период, тоа ќе биде уште поголем тренд во следните години, бидејќи голем дел челичарници што работат со високи печки претпоставувам дека, сакајќи да преминат кон оној зелен челик, повеќе би се префрлиле кон електропечки, онакви како што имаме ние, таков тип технологија, а за таа технологија е неопходно исклучиво старо железо. Така што очекувам најголемите проблеми во следниот период да бидат во овој дел“, вели директорката на „Макстил“, Марија Дуковска-Павловска.
Таа посочува дека во дефицитот влијаат и геополитичките случувања и војната во Украина, а доколку овој тренд продолжи, според неа, ќе растат и цените на крајните производи.
Коментирајќи ги генерално состојбите во индустриското производство, директорката на „Макстил“ е задоволна со трендовите и посочува дека компанијата бележи раст на бројот на нарачки од нивните клиенти.
Bloomberg Adria
„Задоволни сме од бројот на нарачки и најавите што ги имаме за следниот квартал. Споредено со минатите години, зголемен е обемот на нарачки, особено кога станува збор за овој летен период, кога обично забележувавме мала стагнација и мало намалување. Оваа година тоа не е случај, имаме зголемување во бројот на нарачки од нашите клиенти од Европа. Мало намалување единствено имаме во Турција. Годинава очекуваме раст на целокупното производство за околу десетина отсто“, вели Дуковска-Павловска.
Она што го истакнува како проблем е „носењето ад хок законски решенија“, посочувајќи го најавениот данок на екстра-профит.
„Она што му пречи на бизнисот е непредвидливоста. Носењето на овој закон во втора половина на фискална година да важи за минатата фискална година е многу несериозно. Знаеме каква е ситуацијата во државата, но верувајте дека многу е тешко ова да им се објасни на акционери што живеат и работат во средина каде што овие макроекономски фактори што влијаат на бизнисот се многу попредвидливи. Дополнително, ваквите непредвидени трошоци влијаат на инвестициите. Мораме да го ревидираме планот за инвестиции, бидејќи значителен износ ќе оди за плаќање на овој данок и, секако, тука мора да бараме алтернативни извори на финансирање, а нашите слободни средства, наместо да ги инвестираме за долгорочно намалување на нашите трошоци и за да станеме ’позелени’, ние треба да ги дадеме за други цели“, вели Дуковска-Павловска.