Германската индустрија е во поголем пад од очекуваното, што секако ќе има влијание и врз македонската индустрија, со оглед на тоа што најголем дел од извозот од Македонија е токму во Германија. Секако дека овие случувања во Европа, особено во Германија, ќе имаат влијание врз македонското стопанство, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ Трајан Ангелоски, директор на „Арилјеметал“ и претседател на ССКМ.
Тој појаснува дека металската индустрија станува бизнис како игра на среќа, со оглед на тоа што многу брзо се менуваат цените на металите.
„Металот е една од основните суровини во сите економии и доколку економијата функционира квалитетно, тогаш растат и цените на металите или се стабилизирани. Доколку економијата не функционира баш најдобро, тогаш се случува значаен пад на цените на металите“, вели Ангелоски.
Bloomberg Adria
Во изминатиот период се случија толку големи потреси во зголемувањето на цените, а во многу кратко време и пад на цените на металите, така што многу компании на кои металот им е основна дејност навистина се во една незавидна состојба, па со една погрешна одлука прекуноќ може да се направат големи негативни резултати.
Ангелоски посочува дека домашните компании постојано апелираат дека треба да добијат ист третман како странските.
„На странските компании им е овозможено да увезуваат одредени суровини со 3 отсто царина, а домашните компании со 15 отсто, до таа мера е изразена нерамноправноста“, вели Ангелоски.
Ангелоски додава дека во индустриските зони странските компании имаат даночни и фискални олеснувања и дека административните процедури се минимизирани во зоните.
„Постојано апелираме за промена на тие состојби, но до овој момент нема конкретни дејства. Имаше еден закон за поддршка на домашните инвестиции и до одреден степен тоа олеснува, но клучните поенти дефинитивно не се отстранети. Домашните компании се чувствуваат максимално дискриминирано во сопствената земја и тоа предизвикува чувство на фрустрација“, заклучува Ангелоски.