Доколку нема сериозни инвестиции во енергетскиот сектор, проблемите во иднина ќе бидат уште поголеми, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ универзитетскиот професор Ристо Цицонков, коментирајќи го невидениот регионален енергетски колапс што ги погоди БиХ, Хрватска и Црна Гора.
„Знаеме дека сега светски тренд е преоѓање кон обновливи извори на енергија, претежно на електрична енергија што се добива од обновливи извори, што значи дека потрошувачката на струја ќе биде сè поголема. Но сметам дека нема доволна координација во самите држави и во регионот оваа транзиција да се следи со задоволително темпо и инвестиции“, смета Цицонков.
Тој критикува дека Македонија потфрли кога станува збор за вложувањата во енергетиката.
Ристо Цицонков (гостување)
Bloomberg Adria
„Еве, и со последната стратегија за енергетски развој, на пример, е предвидена изградба на голема хидроцентрала во Чебрен, меѓутоа не се наоѓа начин да се изгради. Се бараат стратегиски партнери од странство и слично, што е погрешен начин. Во секој случај, таа е најважната инвестиција во енергетскиот сектор во Македонија. Да, сега има голем бран на инвестиции во сончева енергија, меѓутоа тоа е нестабилна енергија. Нам ни треба стабилен производител на енергија. Од друга страна, истовремено нè притиска РЕК Битола, чии електроцентрали е предвидено да се затворат. Така што имаме големи предизвици и проблеми, а и претходната и новата влада ја прикажуваат ситуацијата како добра, но во реалноста не е така“, вели Цицонков.
Професорот смета дека формирањето на новото министерство за енергетика е добар чекор, но дека списокот за реформи на ова поле е долг.
„Уште една работа што треба веднаш да се направи е да се изгради комбинирана централа на гас, која ќе произведува електрична енергија и топлина, затоа што хидроцентралите се градат бавно, а нам ни треба стабилен производител што поскоро. Затоа потребно е да се изгради најмалку една гасна термоцентрала со комбинирано производство на струја и топлина, иако гасот не е еколошко гориво, но како транзициско гориво во моментов е најрационална опција“, додава Цицонков.