Носењето на Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи се очекува да влијае на намалувањето на цените на земјоделските и прехранбените производи, а со тоа и на квалитетот на производите. Овој закон практично ќе ги ограничи маржите на некои земјоделски и прехранбени производи во маркетите. Предвидена е листа на земјоделски и прехранбени производи каде што рабатот ќе биде ограничен на 10 отсто, додека сега тие маржи изнесуваат од 30 до 40 отсто од цената.
„Ова законско решение треба да им обезбеди подобра позиција на земјоделците, но доколку истото тоа не се спроведе, може да се доведеме во ситуација и така намаленото земјоделско производство во Македонија уште повеќе се намали и да станеме комплетно зависна држава од увоз на храна. А тоа не го посакуваме, затоа што имаме ресурси за производство на храна“, вели Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери.
Таа додава дека за македонските земјоделци е проблем тоа што се соочуваат со ниски откупни цени и тешкотии со пласманот.
„Сето тоа е резултат на неорганизираност од нас, земјоделците, кои не сме организирани во задруги за да може заеднички да настапиме при продажба на нашите земјоделски производи и да се избориме за повисоки откупни цени. Сето тоа го искористуваат големите трговци, големите откупувачи. И така, граѓаните плаќаат скапи производи, но парите завршуваат кај големите играчи, а не кај земјоделците, кои својот труд го продаваат по ниски откупни цени“, вели Мојсовска.
Таа додава дека климатските промени исто така се сериозен проблем на кој треба да му се посветат поголемо внимание и пари од страна на државата, за да се креираат мерки што ќе им овозможат на земјоделците да го заштитат и одржат своето производство.
„Како Национална федерација на фармери, предлагаме повеќе мерки што треба да се донесат затоа што земјоделците моментално со вакви откупни цени се немоќни сами да се заштитат. Секако, треба и стратегиски да се настапи“, вели Мојсовска.
Недостигот од работна сила го мачи и земјоделскиот сектор. Сезонски работници нема.
„Работната рака старее. За жал, на нивите се луѓе што имаат над 50 години. Младите не гледаат атрактивност да работат на поле иако се високи дневниците. За сезонските работници мора да најдеме некое решение, а едно од нив е да се донесат од трети земји за да може да продолжиме со тоа што се работи и она што се родило да се собере“, вели Мојсовска.