Прогнозите за 2025 година се оптимистички, со очекување дека економската состојба ќе биде за нијанса подобра во споредба со претходната година. „Главни фактори за тоа ќе бидат стабилизацијата на инфлацијата и намалувањето на каматните стапки“, вели во емисијата „Зум ин“ професорот на Виенскиот институт за меѓународни економски истражувања Бранимир Јовановиќ. Се очекува дека инфлацијата ќе продолжи да се намалува, што ќе доведе до зголемена куповна моќ за граѓаните и фирмите. Тоа ќе создаде попозитивни очекувања и ќе поттикне поголема потрошувачка, што ќе ја подигне економската активност во целост.
„Сепак, и покрај овие позитивни трендови, постојат и ризици. Главниот предизвик за годинава ќе биде геополитичката нестабилност, особено во контекст на промените на политичкиот фронт во САД. Овие фактори можат да предизвикаат неизвесност и да влијаат на глобалната економија. Затоа, иако се очекува умерен раст и подобрување на економската ситуација, неопходно е внимателно следење на овие ризици и нивното влијание на локалните и глобалните економски трендови“, вели Јовановиќ.
Блумберг Адрија ТВ
Борбата против сивата економија да биде приоритет на Владата
Една од главните препораки за 2025 година е сериозно да се пристапи кон борбата против сивата економија. Поттикнувањето на бизнисите да преминат во легален сектор, преку даночни стимулации, ќе доведе до зголемени приходи за буџетот. „Според истражувања на Стопанската комора, секоја година се губат над 450 милиони евра поради сивата економија“, вели даночниот експерт Павле Гацов.
Блумберг Адрија ТВ
„Од друга страна, треба да се намали зависноста од готовина, која е еден од главните канали за корупција. Со помош на дигитализацијата и новите софтверски решенија, како што се електронски потписи и дигитализирани административни процеси, можно е да се намали контактот со администрацијата и, истовремено, да се намали просторот за коруптивни практики“, вели Гацов.
Сепак, успешната борба против сивата економија зависи и од политичката волја и посветеноста на властите да се спроведат потребните реформи.
Пазарот на капитал со поскромен раст
Пазарот на капитал во 2025 година ќе биде под влијание на глобалните економски трендови. Во САД се очекува раст на берзите, но тој ќе биде поскромен во споредба со 2024 година, кога растот беше позначителен. Ова ќе биде резултат на високото ниво на задолженост, што ја намалува способноста на пазарот за понатамошен раст. „Зголемувањето на каматните стапки, како и новите даночни политики, создаваат дополнителни ризици за компаниите“, вели главниот извршен директор на „КБ Публикум инвест“, Горан Марковски.
Блумберг Адрија ТВ
Во Европа, пак, состојбата изгледа пооптимистички. Пазарот има потенцијал за раст, ако економските услови се нормализираат, трендот на пад на каматните стапки продолжи и се намалува задолженоста на владите.
Со оглед на овие прогнози, важно е за инвеститорите и бизнисите да ги следат динамиката на каматните стапки, задолженоста на државите и промените во пазарната вредност на акциите. „Трендовите во 2025 година ќе бидат дефинирани од адаптацијата на пазарите на новите економски реалности, што ќе има значителен ефект врз пазарот на капитал“, вели Марковски.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...