Податоците за економијата во еврозоната за декември испраќаат мешани пораки на почетокот на оваа година. Има знаци дека земјите од монетарната унија закрепнуваат, но Германија, моторот на европската економија, и натаму обесхрабрува.
Имено, економската доверба во декември во еврозоната забележа подобрување трет месец по ред, сигнализирајќи дека регионот можеби оди кон благо закрепнување.
Но, нарачките во германските фабрики се зголемија многу помалку од очекуваното во ноември, што е обесхрабрувачки знак за најголемата европска економија, која се потпира на својата преголема производствена база за да го врати растот.
Добро утро, ова се останатите пет вести кои се важни за почеток на оваа пократка работна недела.
ББА анализа: „Џонсон Мети“ е регионален хемиски лидер, а Германија проблемот
Ограничениот раст на германската економија ќе влијае негативно на продажбите на компаниите од хемискиот сектор во регионот Адрија затоа што производството главно завршува на германскиот пазар (31 отсто), стои во најновата анализа на аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“.
Клучно за производителите на хемиски производи од регионот во наредниот период е да се фокусираат на диверзификација на извозот во повеќе земји наместо зависност од една како што е случајот сега.
Инфлација во 2024-та: БиХ ќе помине најдобро, за Македонија изборите се трик
Ако им се верува на аналитичарите, годинава растот на цените ќе забави во целиот регион Адрија.
Иако регионот е комплексен во однос на геополитиката и потезите на монетарните власти, преовладува ставот дека инфлацијата ќе се намали под притисокот на мерките кои досега ги носеа централните банки, но и надворешните притисоци. Затоа очекуваме барем малку полесна 2024 година – во Македонија е изборна, а новите предизборни трошења и трошењата од предизборните ветувања повторно можат да имаат влијание на раст на стапката на инфлација. Анализираме за секоја земја поединечно.
Прогнози: Ништо од падот на цените на становите во регионот Адрија годинава
Цените на недвижностите низ регионот Адрија очигледно ќе останат високи уште некое време, иако во некои земји е забележан пад на прометот. Главна заедничка карактеристика на сите пазари е слабата понуда, особено кога станува збор за нови згради.
Ниту една од земјите не очекува голем број нови станови во блиска иднина, а високите трошоци за материјали, работна сила и задолжување, заедно со силната побарувачка, не оставаат многу простор за значителни корекции на цените.
Протестите во Германија го ставаат под ризик снабдувањето со нафта
Испораките на горивото до делови од Јужна Германија беа нарушени во понеделникот, бидејќи земјоделците блокираа патишта и автопатишта за да протестираат против планираната фаза на кратење на дел од субвенциите за фармерите.
Пристапот до комплексот за преработка на нафта „Баерноил“ бил попречен, стои во известувањето до превозниците до кое имаше пристап „Блумберг“. Влијанието во фабриката во Нојштад се покажа особено силно. Комплексот е делумно во сопственост на „Варо Енерџи“.
Арктички студ од Париз до Берлин
Леденото арктичко време што предизвика хаос во нордискиот регион минатата недела се прошири на југ и покрива голем дел од континентална Европа.
Најниските температури вчера се движеа од-8,5 Целзиусови степени (17F) во Берлин и-4 Целзиусови во Париз, според „Максар Технолоџис“. Живата падна на речиси-20 степени Целзиусови во Осло, додека жолто временско предупредувања за мраз е на сила за делови од Обединетото кралство.