Долгорочните таргети на централните банки за инфлација под 3 отсто годинава дефинитивно нема да се остварат, извесно е дека нè очекува уште една година со агресивна монетарна политика и раст на каматните стапки. Вакви се проценките на дел од домашните инвестициски експерти кои стабилизација и благо намалување на каматите очекуваат следната година.
Проценките на главниот извршен директор на „Генерали Инвестменст“, Лазе Камчев се дека ЕЦБ ќе оди со зголемување до 3,75 отсто, а ФЕД барем најмалку уште два пати ќе ја покачи референтната каматна стапка.
„Годинава ќе видиме уште предизвици во насока од притисок на инфлацијата и очекувам дека ќе има дополнителни зголемувања на каматните стапки, не толку агресивни како лани, но секако од нивоата коишто се денес ќе имаме одредено покачување. НБРМ верувам дека ќе го следи сè она што ЕЦБ го прави и може да видиме уште едно или две покачувања на каматните стапки “, рече Камчев во емисијата „Зум ин“.
На сличен став е и Горан Мартиноски, инвестициски експерт од Прво пензиско друштво кој очекува успорување на инфлацијата во земјава на 6-7 отсто.
„Нè очекува период кога повторно ќе се качуваат каматните стапки, но тоа би завршило до крајот на годината и потоа ќе видиме некои нови движења. Нашите проценки во нашата групација се дека ќе има околу трипати зголемување на стапката на ФЕД по 0,25 отсто во следните неколку месеци. Потоа очекуваме период на стабилизација, па да следува пад на каматната стапка “, рече Мартиноски во гостувањето во емисијата.
Инвестициските експерти во емисијата зборуваат и за состојбите со македонската берза, ефектите од владините мерки и Народната банка во борбата со инфлацијата, а даваат и совети како во вакви услови да се структурираат портфолијата и кои би биле најдобрите опции за инвестирање во 2023 година.