Европа започнува историски процес на повторно вооружување, а нејзините одбранбени компании очајно се обидуваат да обезбедат клучна компонента за високотехнолошкото оружје: ретки метали, кои побрзите американски конкуренти веќе ги преземаат.
И покрај едногодишното примирје во трговската војна за ретките метали меѓу Соединетите Американски Држави и Кина, Пекинг и понатаму одржува строги контроли врз снабдувањето и забранува продажба на компании што произведуваат оружје.
Тоа ги направи залихите надвор од Кина уште повредни, а според некои процени, европските резерви на ретки метали може да се исцрпат за само неколку месеци. Ова ги принудува одбранбените компании да реагираат брзо и агресивно за да си обезбедат доволни количини.
Прочитај повеќе
Трамп се пофали со успехот за ретките метали по разговорите со Шји Џјинпинг
Иако Трамп ја нарече средбата со Шји „победа“, експертите предупредуваат дека Кина го доби преговарачкиот дуел и ја зацврсти својата економска позиција.
31.10.2025
Трамп склучи договор за критични минерали со Австралија за да ѝ се спротивстави на Кина
Претседателот Доналд Трамп, потпиша историски договор со австралискиот премиер Ентони Албанезе, кој е во посета на САД, со цел да се подобри пристапот на Америка до ретки земни елементи и други критични минерали — напор за спротивставување на цврстата контрола на Кина врз синџирите на снабдување со клучни метали.
21.10.2025
Крај на „лесните пари“ од оружје? „Рајнметал“ паѓа, а инвеститорите бараат нов рудник за „злато“
Во сенка на вестите од Женева, на европските берзи се случува тивок, но брутален земјотрес. По три години доминација, одбранбениот сектор се колеба, а „паметните пари“ веќе си најдоа нова цел.
27.11.2025
Од чипови до антимон - како политиките на Трамп ги диктираат трендовите на берзата
Кина во моментов е најголемиот производител на антимон, а Русија е еден од значајните добавувачи.
09.11.2025
Вложувањата во ВИ и одбраната го издигнуваат европскиот индустриски сектор
Растот на вложувањата во ВИ и одбраната го издигнува европскиот индустриски сектор, кој ова тримесечје бележи подобри резултати од другите.
16.10.2025
Досега, американските компании многу подобро се снаоѓаат во таа ситуација отколку нивните европски конкуренти.
„Ако погледнеме колку време ни треба во просек да продадеме, да речеме, едед тон тербиум на европски партнер, зборуваме за три до четири недели; со Американците тоа е повеќе три до четири дена“, вели Тим Боргшулте, главен финансиски директор на берлинската трговска компанија со критични суровини „Ноубл елементс“ (Noble Elements).
Ретките метали се неопходни за одбранбени компоненти како напредни сензори и прецизни мотори, кои се користат во сè – од воени бродови и ловци до воени дронови. Производителите на компоненти веќе го чувствуваат притисокот.
Според добро упатен извор, во една европска одбранбена компанија, залихите во Европа се толку намалени што производството би можело да се соочи со проблеми за само неколку месеци.
Јан Гизе, висок менаџер за ретки метали во франкфуртската трговска компанија со метали „Традиум“ (Tradium GmbH), вели дека американските одбранбени компании ја користат својата големина и финансиска моќ за да обезбедат снабдување и да осигураат материјалите навреме да стигнуваат до производителите на компоненти, уште во најраните фази од синџирот на снабдување.
Ова може да значи помал надзор врз трансакциите и недоволна транспарентност на делови од синџирот на снабдување – заштита од можно построги ограничувања од Кина. Во исто време, им гарантира на производителите на компоненти дека ќе ги добијат потребните материјали.
За разлика од нив, европските одбранбени компании се обидуваат да купуваат ретки метали директно, без координација со снабдувачите и со минимална поддршка од владите. Боргшулте вели дека неговите европски одбранбени клиенти често не знаат точно каква количина и кој квалитет на ретки метали им се потребни, ниту кога им се потребни, што резултира со доцни и непотполни набавки кои не ги исполнуваат барањата.
Bloomberg
Американските компании покреативно го користат знаењето за синџирите на снабдување, вели Гизе. „Американците имаат чувство на итност, финансиска сила и луѓе со јасни мандати и експертиза кои носат одлуки — нешта што на Европа ѝ недостасуваат,“ додава тој.
Лице запознаено со состојбата во една германска одбранбена компанија вели дека нивните американски конкуренти се многу поагресивни на европскиот пазар. Брзината со која Американците ги наоѓаат и купуваат ретките метали ги оставила со многу малку достапни количини, и тоа по високи цени, додава изворот.
Кинеските ретки метали продадени пред април 2025 година, кога стапија во сила ограничувањата за извоз за одбранбенаta индустрија, се распродаваат многу брзо. Тешко е да се процени колкава количина на ретки метали циркулира на пазарот поради високата фреквенција на трансакции.
Во Европската Унија нема ограничувања каде ретките метали можат да се продаваат или извезуваат, што отвора можност за нивно одлевање на други континенти.
Соединетите Американски Држави ја поставија независноста од кинеските залихи како приоритет и купија државен удел во „МП Матеjриалс“ (MP Materials Corp.), компанија што го управува единствениот американски рудник за ретки метали во Калифорнија. Американското Министерство за одбрана ќе гарантира минимални откупни цени за нивното производство во наредните десет години, заштитувајќи ја компанијата од ненадејни пазарни промени.
Bloomberg
Европската унија, од своја страна, го усвои Законот за критични суровини во 2024 година, а оваа недела треба да ги објави деталите за новата иницијатива „Рисорс ЕУ“ (RESourceEU). Двете мерки имаат за цел да ја намалат зависноста од Кина преку развој на домашни синџири на снабдување и партнерства за критични минерали со земји надвор од блокот. Германската развојна банка „КфВ“ (KfW) пред една година воспостави фонд за суровини од 1 милијарда евра.
Армин Папергер, извршен директор на најголемиот германски производител на оружје „Рајнметал“ (Rheinmetall AG), на прес-конференција за финансиските резултати во почетокот на ноември рече дека компанијата спроведува неделни стрес-тестови за суровини. Тој посочи дека секторот за автомобилски делови се соочува со поголеми предизвици од крупниот одбранбен сегмент, бидејќи има поголема потреба од ретки метали.
„Во моментот имаме милијарди во залихи,“ рече Паперге, мислејќи на критичните материјали и компоненти.
Помалите компании најчесто не можат да си дозволат такви мерки, а создавањето големи резерви од ретки метали е ризик од акумулирање прескапи и тешко употребливи залихи.
Ханс Кристоф Ацподиен, претседател на Федерацијата на германската безбедносна и одбранбена индустрија, оцени дека европските компании не биле неподготвени за ограничувањата на Кина во однос на ретките метали. Но, нагласи дека преработката — а не самото рударење — е главната пречка за развој на домашно снабдување.
„Ретки метали има и во Европа, па дури и во Германија. Но во минатото задоволно ја препуштавме нивната преработка на Кина, што повеќе не е изводливо,“ рече Ацподиен во соопштение на здружението.
Преработката на ретките метали создава опасни нуспроизводи, што го отежнува добивањето регулаторни одобренија, а многу европски земји немаат соодветна технологија за рафинирање. Во Франција, вели Боргшулте, некои компании за ретки метали дури повлекле работници од пензија за повторно да ја пренесат стручната експертиза.
Германија води преговори за можен договор за подморници со Канада, кој би можел да вклучи и германски инвестиции во рударството и преработката таму. Канада располага со некои од најголемите резерви на ретки метали во светот, кои владата ги проценува на над 15,2 милиони тони.
Европските сојузници треба да работат заедно на намалување на зависноста од Кина кога станува збор за синџирите на снабдување со ретки метали, вели Торстен Бенер, коосновач и директор на Институтот за глобална јавна политика во Берлин.
„Ова мора да биде пристап: ‘Што и да е потребно’ — исто како за време на кризата со еврото“, вели тој.