Американскиот претседател Доналд Трамп се откажа од заканата дека ќе ја уништи иранската енергетска инфраструктура откако сојузниците на САД и земјите од Персискиот Залив го предупредија дека таков напад може да има сериозни последици, велат лица запознаени со разговорите.
Трамп во понеделникот изјави дека на Иран му дава петдневен рок пред евентуална акција, посочувајќи на нови разговори со Техеран за кои верува дека би можеле да доведат до договор за решавање на конфликтот.
Одлуката на Трамп следуваше откако дел од сојузниците предупредија дека војната брзо може да прерасне во катастрофа. Регионалните партнери им соопштиле на САД дека трајното уништување на иранската инфраструктура речиси сигурно би довело до пропадната држава по завршувањето на конфликтот, велат изворите кои инсистирале да останат анонимни.
Прочитај повеќе
Биткоинот зајакна откако Трамп најави пауза во нападите врз Иран
Криптопазарот закрепна откако Трамп најави пауза во нападите врз иранската енергетска инфраструктура, при што биткоинот скокна за речиси пет отсто, а нафтата нагло поевтини.
23.03.2026
Трамп ги одложи нападите врз Иран, нафтата падна за 14 отсто
Американскиот претседател ја одложи воената операција врз иранските електроцентрали.
23.03.2026
Европските акции тонат во корекција по ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток
Акциите во регионот паднаа откако Иран изврши нови напади преку Персискиот Залив неколку часа пред истекот на рокот на американскиот претседател Доналд Трамп за повторно отворање на Ормускиот теснец.
23.03.2026
Цената на нафтата расте како што отчукува часовникот за ултиматумот на Трамп за Ормуз
Нафтата од типот Брент се искачи над 113 долари за барел, што е раст петти ден по ред, додека Вест Тексас Интермедијет (ВТИ) беше близу 100 долари.
23.03.2026
Иран возврати на ултиматумот на Трамп - ќе ја напаѓа инфраструктурата на Блискиот Исток
Иран во неделата предупреди дека ќе ја нападне клучната инфраструктура низ Блискиот Исток ако претседателот Доналд Трамп ја исполни својата закана да ги „уништи“ електраните во Техеран ако Ормускиот теснец брзо не се отвори.
22.03.2026
Трамп му даде на Иран рок од 48 часа, се закани со напади врз енергетските постројки
Иран со нападот покажа способности за кои претходно не беше познато дека ги има
22.03.2026
Повлекувањето се совпаѓа и со уште еден интерес на претседателот, а тоа е смирување на пазарите потресени од неговите закани и тековниот конфликт. Одлуката на Трамп, објавена непосредно пред почетокот на тргувањето во САД, делумно била насочена кон намалување на тие стравувања, велат изворите, и веднаш предизвикала остар пад на цената на нафтата Брент и раст на S&P 500, како и на американските државни обврзници.
„Трамп мораше да најде начин да се повлече од заканата што сигурно ќе предизвикаше нова ескалација, овојпат со преминување на нов праг – напад врз цивилна енергетска инфраструктура, што веројатно би се сметало за воено злосторство“, изјави Дејна Строул, поранешна заменик-помошник секретарка за одбрана на САД за Блискиот Исток. „Веројатно не е случајност што најавата за петдневна пауза и разговори дојде непосредно пред отворањето на пазарите во САД во понеделникот наутро.“
Трамп, за време на патувањето во Тенеси, рече дека претставници на Иран се јавиле за да започнат разговори, бидејќи сакале да постигнат договор по неговата закана дека ќе ги нападне енергетските постројки.
„Преговараме долго време, а овојпат тие се сериозни, и тоа е само поради одличната работа што ја заврши нашата војска“, изјави Трамп.
Преговорите меѓу неименуван ирански претставник, неговиот зет Џаред Кушнер и советникот Стив Виткоф започнале во саботата и продолжиле во неделата, рече Трамп. Според американскиот претседател, Техеран се согласил да го предаде нуклеарниот материјал во земјата и да не ја обнови својата нуклеарна програма.
Се очекуваше разговорите да продолжат по телефон во понеделник. Запрашан кој би го контролирал клучниот Ормуски теснец во рамки на таков договор, Трамп рече: „Можеби јас и ајатолахот - кој и да е ајатолахот.“
„Ќе видиме како ќе оди тоа, и ако оди добро, на крај ќе го решиме ова“, изјави Трамп. „Во спротивно, ќе продолжиме да бомбардираме.“
И други земји потврдија дека имале разговори со САД по неговата закана. Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека неговата влада била запознаена со разговорите со Иран.
„Ги поздравувам разговорите што се водат меѓу САД и Иран, и сакам да биде јасно пред комитетот дека Обединетото Кралство беше запознаено дека тоа се случува“, рече Стармер во понеделникот.
Началникот на пакистанската армија, Асим Мунир, разговарал со Трамп во неделата, додека пакистанскиот премиер Мухамед Шехбаз Шариф во понеделникот разговарал со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, објави „Фајненшл тајмс“.
Сепак, иранското Министерство за надворешни работи ги негираше разговорите меѓу САД и Иран во изјава за државната новинска агенција „Мизан“. Претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Галибаф, во објава на социјалните мрежи во понеделникот изјави дека тврдењата на американскиот претседател се лажни вести „што се користат за манипулација со финансиските и нафтените пазари“.
Воздушни напади на Блискиот Исток
Напади од 28 февруари, најновите се заокружени
Bloomberg
Одлуката на Трамп да ги запре планираните напади врз енергетските постројки била делумно насочена кон стабилизирање на цената на нафтата, велат лица запознаени со дипломатските разговори, а Трамп во понеделникот и самиот го потврди тоа.
„Цената на нафтата ќе падне како камен веднаш штом се постигне договор“, рече Трамп. „Мислам дека тоа веќе се случува денес. Значи имаме многу сериозна шанса да постигнеме договор.“
Но ваквото мешање на мотиви отвори прашања во Вашингтон и на Волстрит за реалните изгледи за мир. Долгата практика на Трамп да се повлекува од максималистички закани, иранската историја на одолговлекување на нуклеарните преговори, како и претходни случаи кога САД користеле разговори со Техеран како тактика пред нови воени акции, ги наведуваат дипломатите и трговците да се сомневаат дека преговорите навистина ќе доведат до договор.
„Претседателот исто така има склоност кон погрешно насочување, па не може да се исклучи можноста неговиот рок од 48 часа да служи како прикритие за некаков настан во блиска иднина што би ја променил ситуацијата на терен“, наведува анализа на „Клирвју енерџи“ (Clearview Energy Partners LLC).
Дополнителна загриженост предизвика и брзата реакција на Иран, кој негираше дека воопшто се водат разговори, додека истовремено прогласи победа.
„Тој се повлече откако слушна дека наши цели ќе бидат сите електрани во Западна Азија“, објави полуофицијалната иранска новинска агенција „Фарс“, повикувајќи се на анонимен ирански извор. По извештајот на „Фарс“, цената на суровата нафта врати околу половина од првичниот пад, бидејќи дел од трговците се сомневаа во точноста на изјавата на Трамп.
И покрај цврстите тврдења на Трамп дека има директни комуникации, многу американски сојузници реагираа претпазливо, одлучувајќи да почекаат и да видат како ќе се развива ситуацијата, скептични поради повеќекратните пресврти на американскиот лидер во текот на тринеделниот конфликт.
Трамп призна дека разговорите не биле со ајатолахот Моџтаба Хаменеи, кој беше назначен за врховен лидер откако неговиот татко, Али Хаменеи, беше убиен во нападите. Трамп рече дека САД немале директен контакт со новиот лидер и дека не се сигурни дали тој е жив, но врз основа на разузнавачки информации веруваат дека Стив Виткоф и Џаред Кушнер разговараат со вистинскиот центар на моќ во Иран.
Сепак, постои ризик паузата да ја потврди стратегијата на Иран, особено ако разговорите не донесат резултат.
„Ова може да ја зацврсти перцепцијата во Техеран дека ако возврати со закани, особено кон енергетската инфраструктура во регионот, може да ги натера САД да се повлечат“, изјави Џонатан Паников, поранешен заменик национален разузнавачки офицер за Блискиот Исток во Националниот разузнавачки совет на САД. „Од нивна перспектива, Иран не само што победува, туку ваквите потези ја зголемуваат неговата способност за одвраќање.“
Во исто време, Трамп не кажа дали ќе се воздржи од напади врз воени цели во земјата за време на петдневната пауза. Израел не очекува брз крај на војната и планира да продолжи со операциите, избегнувајќи напади врз енергетска инфраструктура, посочува израелски официјален претставник кој побарал да остане анонимен.
Израел бил однапред информиран за објавата на Трамп на социјалните мрежи, рекоа двајца претставници, а израелската армија соопшти дека во рок од еден час по најавата извршила напади во срцето на иранската престолнина Техеран. Затоа не е јасно дали одлуката претставува почеток на процес за завршување на војната. Портпарол на израелската војска изјави дека војната не е паузирана и дека борбите продолжуваат.
Трамп, пак, призна дека разговарал со Израелците за преговорите, но изрази уверување дека на крајот тие ќе поддржат евентуален договор.
Иран најголемиот дел од електричната енергија ја добива од електрани на природен гас
Инсталиран капацитет во оперативни електрани, во мегавати
Bloomberg
„Мислам дека Израел ќе биде многу задоволен од она што го имаме“, рече Трамп. „Пред малку разговаравме со Израел. Мислам дека ќе бидат многу задоволни. Ова ќе биде мир за Израел, долгорочен мир, загарантиран мир, ако ова се реализира.“
Различни земји од Блискиот Исток, меѓу кои Турција, Саудиска Арабија и Оман, во изминатите две недели учествувале во неформални дипломатски контакти со Иран со цел да се ограничи војната и, ако е можно, да се постигне примирје меѓу Исламската Република и коалицијата САД-Израел.
„Тоа е одлично за другите земји од Блискиот Исток, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар, а особено Кувајт и Бахреин“, рече Трамп, осврнувајќи се на своите напори.
Во деновите пред објавата на Трамп, најактивните неформални канали кон Иран биле оние организирани од Турција и Оман, според висок дипломат распоредeн во регионот, додека пораки исто така се пренесувале преку Ријад, Њу Делхи и Каиро, според друг извор. Сепак, не е јасно колку тие разговори влијаеле врз одлуката на Трамп.
Во исто време, претставници од повеќе земји од Персискиот Залив, кои настојуваа да останат надвор од војната, го заострија својот став кон Иран по неколкунеделните напади од Техеран. Саудиска Арабија им соопштила на САД дека е подготвена да го нападне Иран доколку Исламската Република ги таргетира нејзините електрани и постројки за вода, според лица запознаени со ситуацијата.
Обединетите Арапски Емирати беа меѓу најгласните, при што повеќе официјални лица изјавија дека земјата ќе се брани од иранска агресија, а висок советник на претседателот на Емиратите изјави дека Иран ги приближил уште повеќе кон Израел и САД.
Одлуката на Трамп покажува колку неговиот пристап кон војната е непостојан. Во само три дена тој испрати илјадници маринци во регионот и зборуваше за можни копнени операции, потоа навести дека војната „се приближува кон крај“, предложи други земји да го отворат Ормускиот теснец, а на крај постави ултиматум од 48 часа.