Следниот пат кога Доналд Трамп ќе се обиде да ги стави во ред традиционалните сојузници на Америка, германската влада има намера да биде подобро подготвена.
Официјални претставници во Берлин почнале да ги мапираат слабостите во американските синџири на снабдување за да утврдат каде Германија и нејзините партнери од Европската унија би можеле да извршат притисок, велат лица запознаени со напорите. Целта е да се постигне консензус меѓу земјите од ЕУ за тоа како да го искористат својот влијателен капацитет доколку повторно бидат вовлечени во спор со Белата куќа.
Првичните наоди укажуваат на начини како да се насочат кон големите американски технолошки компании со блиски врски со Белата куќа, велат официјалните претставници. Други опции би можеле да бидат насочени кон бумот на инвестиции во ВИ, кој годинава помогна американските акции да достигнат рекордни нивоа, или кон зголемување на цените на лековите за американските гласачи — прашање за кое претседателот веќе покажа дека е чувствителен.
Прочитај повеќе
Германскиот приватен сектор забавува поради инфлациските притисоци од војната со Иран
Германската економија се соочува со нов удар. Поскапата енергија и геополитичките тензии ја намалија активноста во приватниот сектор и ги влошија очекувањата.
24.03.2026
Фрустрацијата на германскиот канцелар од ЕУ станува сѐ поочигледна
Германскиот канцелар Фридрих Мерц сè поотворено го истакнува начинот на функционирање на ЕУ, критикувајќи го Брисел за бавната бирократија. Тој бара нова визија за Европа.
18.03.2026
Германија ја ограничува динамиката на поскапување на горивата на бензиските пумпи
На операторите на бензински пумпи ќе им биде дозволено да ги зголемуваат цените на бензинот и дизелот само еднаш дневно.
17.03.2026
Планот на Мерц од 600 милијарди евра за одбрана ја потресува Германија
Огромните одбранбени трошоци ја поттикнува германската индустрија со нови фабрики, повеќе нарачки и зголемен интерес од инвеститорите.
17.03.2026
Германската крајна десница ја пренесува својата борба во фабричките хали
Економската несигурност и отпуштањата во автомобилската индустрија отвораат простор за подем на крајно десничарски синдикат во германските фабрики.
20.03.2026
Германскиот 10-годишен принос на највисоко ниво од 2023 година поради страв од инфлацијата
Стравот од нов енергетски шок поради војната во Иран ги турна германските приноси на највисоко ниво од 2023 година и ги зголеми очекувањата за нови потези од ЕЦБ.
12.03.2026
„Со тоа што ќе останат обединети, Европејците можат да му покажат на Трамп дека се подготвени да му возвратат“, изјави Тобијас Герке, експерт за економска стратегија во Европскиот совет за надворешни односи. „Ако Европа убедливо покаже дека тактиките на заплашување не функционираат, тоа со тек на време може да ги ослабне оние сили во Вашингтон кои го поддржуваат Трамп.“
Германската иницијатива е дел од итните европски напори за создавање геополитичка рамка со која ќе се управува со растечката непријателска политика на САД и со зголеменото влијание на Кина. Но, процесот носи и значителни ризици: ширум ЕУ, високи официјални претставници се свесни колку би биле изложени нивните компании доколку евентуалните одмазднички мерки со САД излезат од контрола.
Официјалните претставници предупредуваат дека не се донесени никакви одлуки за активирање на плановите и дека нивниот посакуван исход е обновување на односите со Белата куќа.
Портпаролка на германската канцеларија на канцеларот одби да коментира, додека портпарол од Министерството за економија изјави дека трговијата сè почесто се користи за унапредување на сопствените интереси на државите.
„Федералната влада внимателно ги следи овие случувања со фокус на критичните синџири на снабдување и степенот на зависност од нив““, изјави портпаролот за „Блумберг“. „Се разгледува не само зависноста на Германија, туку и онаа на земјите на потекло и на државите што увезуваат стоки од Германија и Европската унија.“
Тензиите меѓу САД и Европа ќе дојдат во преден план во четврток, кога министрите за надворешни работи на Г-7 ќе се соберат во близина на Париз за да разговараат за последиците од американско-израелскиот напад врз Иран, кој предизвика раст на цените на енергијата ширум светот.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц минатата недела им порача на германските пратеници дека Европа мора да научи дека зависностите создадени во периодот на најсилна глобализација не се еднострани. Други држави, рече тој, исто така зависат од ЕУ за клучни набавки, а блокот треба да биде подготвен да го искористи тоа влијание.
„Ги идентификуваме нашите интереси“, рече тој, „и во исто време и средствата за нивна одбрана.“
Притисокот на Трамп во јануари да го преземе Гренланд од Данска го промени размислувањето во европските престолнини, велат официјалните претставници. За многумина, тој настан јасно покажа дека ерата на заемната трансатлантска посветеност е завршена. Иако САД и натаму остануваат партнер во одредени области, велат тие, истовремено претставуваат и безбедносен ризик на кој Европа мора да биде подготвена да одговори.
„Нема враќање на тоа како беа работите порано“, изјави германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер во вторникот. „Јазот е премногу длабок.“
Помалата зависност на САД од европскиот извоз ја намалува моќта на ЕУ за трговски притисок
Поврзаност на извозот меѓу ЕУ27 и САД, 2024
Bloomberg
Работата во Берлин е сè уште во релативно рана фаза, при што службениците собираат податоци за европските економски врски со САД, велат владини претставници. Паралелно се одвива иницијатива и во Брисел, каде што Европската комисија ги мапира ранливостите на ЕУ во пресрет на новата безбедносна стратегија. Како дел од тој процес, официјални претставници разговараат и за тоа како блокот би можел да ги искористи своите клучни лостови на влијание во однос на конкурентските сили.
Европските претставници исто така разговараат за механизми за компензација за поддршка на земјите членки кои би биле повеќе изложени на можни одмазднички мерки од САД, доколку дојде до такво сценарио. Сите се свесни дека САД и натаму имаат предност.
„Германија, како економска сила, не може да си дозволи да ги прикрива сопствените алатки на влијание“, изјави Корнелија Вол, претседателка на берлинската школа „Херти“. „Но таквите закани не треба лесно да се користат, бидејќи во меѓусебно поврзан свет — ваквите потези секогаш носат трошоци за двете страни и можат да предизвикаат надолна спирала.“
Точки на притисок врз САД што ги идентификува Берлин: Единствениот пазар
Најголемиот адут на Европа е пазарната моќ на нејзините 450 милиони платежно способни потрошувачи, велат официјални претставници вклучени во разговорите. Ограничувањето на пристапот или заострувањето на регулативата за американските компании претставува најсилното економско средство на блокот. Големите технолошки компании блиски до Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс се особено чувствителни на напорите на ЕУ за регулирање на социјалните мрежи.
Нови даноци, казни или оперативни ограничувања за „Алфабет“ (Alphabet Inc.), „Амазон“ (Amazon.com Inc.) или „Мета“ (Meta Platforms Inc.) би можеле значително да ги погодат нивните профити. Според Антонио Барозо, висок аналитичар за геоекономија во „Блумберг економикс“ (Bloomberg Economics), Европската унија веќе располага со законска рамка преку Законот за дигитални услуги и Законот за дигитални пазари што би ѝ овозможила да ги насочи мерките кон американските технолошки компании.
Центри за податоци
Уште една точка на притисок се синџирите на снабдување поврзани со вештачката интелигенција. Американските компании од „Опен еј-ај“ (OpenAI) и „Антропик“ (Anthropic) до единиците за ВИ на „Мајкрософт“ (Microsoft Corp.) и проектите на Илон Маск поврзани со „Икс“ делумно зависат од европски индустриски компоненти за изградба на своите центри за податоци, покажува анализата на германските официјални претставници. Меѓу тие компоненти е и специјализирана опрема од компании како „Сименс“ (Siemens AG), велат тие.
Европа веќе ја приспособува својата индустриска политика на сè поконфронтациската глобална средина. Преку мерки како Законот за индустриско забрзување, Европската унија им дава приоритет на домашните компании во јавните набавки и поттикнува поголема употреба на европски компоненти со што делумно ја штити својата производствена база и ги оттурнува американските и кинеските конкуренти.
Полупроводници
Контролата на извозот би можела да биде уште поболно средство против САД, велат германските официјални претставници. Вашингтон и натаму зависи од европски компании за хемикалии што се користат во производството на полупроводници, додека холандската компанија „АСМЛ“ (ASML) и нејзините германски добавувачи „Цајс“ (Zeiss) и „Трумф“ (Trumpf) произведуваат напредни литографски машини неопходни за производство на најсовремени чипови.
Во последните години САД вршат притисок врз европските влади да ја ограничат продажбата на тие исти компании кон Кина, со цел да се спречи Пекинг да обезбеди пристап до најнапредните чипови.
Bloomberg
Лекови, хемикалии и машински алати
Европските компании ги снабдуваат активните состојки за речиси половина од сите бренд-лекови што се продаваат во САД и 90 отсто од инсулинот што Американците го користат секој ден, според Американската стопанска комора во Брисел. Тие исто така обезбедуваат повеќе од една третина од увозот на хемикалии што снабдуваат широк спектар индустрии во САД.
Со подетална анализа на глобалните синџири на снабдување, Комората идентификувала речиси 300 различни категории во кои американските компании целосно, односно 100 отсто зависат од европски добавувачи за својот увоз. Постојат и повеќе од 700 категории во кои зависноста е 90 отсто или повеќе.
Европски инвестиции
Европската унија е најголемиот извор на странски директни инвестиции во САД. Иако владите не можат да диктираат каде европските компании ќе го вложуваат својот капитал, тие би можеле да ги приспособат регулаторните рамки или да ги укинат извозните стимулации за да го насочат европскиот капитал подалеку од американскиот пазар. Претходната влада во Берлин користеше слични алатки во обид да го намали обемот на странски директни инвестиции што се насочуваат кон Кина.
Точки на притисок што најверојатно не се опција: Американски средства
Европските влади и инвеститори поседуваат околу 10,4 билиони долари во американски акции, што претставува приближно 15,3 отсто од пазарот, според Комората. Тие исто така поседуваат 3,4 билиони долари во американски државни хартии од вредност и 2,9 билиони долари во корпоративни обврзници на американски компании. Тоа претставува речиси половина од сите американски акции во странска сопственост и околу една третина од американските државни обврзници и обврзниците на државни агенции што ги држат странски инвеститори, како и 57 отсто од корпоративниот долг што се држи надвор од САД.
Џорџ Саравелос, глобален раководител за истражување на девизните пазари во „Дојче банк“ (Deutsche Bank AG), посочи дека европските инвеститори би можеле да размислат за продажба на значителен дел од тие вложувања доколку трансатлантските односи дополнително се влошат. Според лица запознаени со темата, официјалните претставници во Берлин сè уште собираат податоци во оваа област.
Но користењето на таков груб инструмент би било ризичен потег, смета Барозо од „Блумберг економикс“. Координирањето масовна продажба на средства би било тешко, а глобалната доминација на американските пазари и на доларот значи дека таков потег би ѝ нанел значителна колатерална штета и на самата Европа.
Американски воздухопловни бази
Германските официјални претставници исто така ја разгледуваат улогата што европските воени бази ја имаат во способноста на САД да проектираат сила ширум светот, велат лицата. Нивната вредност дополнително дојде до израз за време на нападите врз Иран. Според Американската стопанска комора, на САД би им чинело меѓу 100 и 200 милијарди долари годишно да ја надоместат таа празнина доколку не постоеше НАТО.
Но американското воено присуство исто така има клучна улога во гарантирањето на безбедноста на самата Европска унија, па тешко е да се замисли европските лидери да направат нешто што би го довело тоа во прашање, особено откако војната во Украина ја покажа заканата од Русија.
„Ова не е прашање на конфронтација, туку на заедничко дефинирање на нашите интереси“, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус минатата недела, кога беше прашан за обидите на Берлин да ги искористи слабите точки на САД. „Тоа што работите не се секогаш 100 отсто усогласени е вистина во секој брак, без разлика дали е добар или лош.“