Украина ризикува да остане без пари за финансирање на одбраната од Русија во рок од два месеца, бидејќи низа фактори ја доведуваат во прашање помошта вредна десетици милијарди евра од клучните донатори.
Киев во моментов има средства доволно да ги покрие трошоците само до јуни, според процените што ги споделиле домашни и странски официјални лица, кои зборувале под услов на анонимност поради чувствителноста на информациите. Поддршката од западните сојузници беше клучна Украина да остане во борбата од повеќе од четири години од целосната инвазија на Русија.
Низа неодамнешни неуспеси, од ветото на Унгарија за заем од 90 милијарди евра од Европската Унија, преку спорот за најновиот пакет помош од Меѓународниот монетарен фонд, до забавената иницијатива на НАТО за испорака на оружје, значително го намалија просторот за маневрирање на Украина.
Прочитај повеќе
Помошта за Украина блокирана во Брисел: Орбан поставува услови
ЕУ лидерите го обвинија Виктор Орбан дека ја блокира клучната финансиска помош за Украина и ја продлабочува кризата во Брисел поради негови лични политички амбиции.
19.03.2026
Украина ја прифатила мисијата на ЕУ за враќање на протокот на нафта низ „Дружба“
Одлуката доаѓа по неколку недели тензии меѓу Киев и Унгарија и Словачка, кои рекоа дека ќе стават вето на клучен пакет од 90 милијарди евра заеми за земјата додека не се обнови протокот.
17.03.2026
Зеленски го нарече „уцена“ условувањето на средствата од ЕУ со нафтоводот „Дружба“
Нафтоводот кој преку Украина носи нафта до Словачка и Унгарија, беше погоден од руски беспилотни летала кон крајот на јануари.
15.03.2026
Ништо од „брзата лента“ за Украина и Западен Балкан во ЕУ
На дипломатска вечера во Брисел се урнати надежите за брзо влегување во ЕУ
05.03.2026
Четири години војна во Украина: Кој профитираше, кој загуби и каде се пазарите денес
Четири години по почетокот на војната во Украина глобалните финансиски пазари изгледаат речиси непрепознатливо во споредба со првите месеци од 2022 година.
26.02.2026
Гувернерот на централната банка на Украина, Андриј Пишни, изјави во интервју за „Блумберг“ на почетокот на месецов дека, доколку не пристигнат меѓународни средства, институцијата во најлошо сценарио може повторно директно да го финансира Министерството за финансии. Со тие средства би се исплаќале плати за војниците и работниците и би се финансирале основните јавни услуги.
Предизвикот за финансирање на одбраната на Украина доаѓа во момент кога Русија сè повеќе остварува буџетски приходи од растот на глобалните цени на нафтата, поттикнат од војната во Иран. Тој конфликт истовремено ги троши и американските воени ресурси и вниманието на претседателот Доналд Трамп, што ги става во втор план дипломатските напори за постигнување мировен договор за Украина.
САД практично ја прекинаа директната помош за Украина откако Трамп повторно се врати во Белата куќа во јануари минатата година, оставајќи Европа да го преземе товарот преку финансирање оружје и финансиска поддршка за владата во Киев.
Новата транша на средства од Европската Унија требаше да започне следниот месец, откако лидерите на блокот во декември се договорија да обезбедат заеми за оваа година и за 2027 година.
Но тој распоред беше доведен во неизвесност откако унгарскиот премиер Виктор Орбан најави дека ќе го блокира ослободувањето на заемите додека Украина не го обнови транзитот на руската нафта низ својата територија преку нафтоводот Дружба, кој беше оштетен во напад на силите на Москва.
Министерството за финансии во Киев не одговори на барањето за коментар. Во средата министерот за финансии Сергеј Марченко на Фејсбук наведе дека ги очекува исплатите од Европската Унија „во блиска иднина“.
Судбината на заемот најверојатно ќе остане неизвесна најмалку до периодот по општите избори во Унгарија на 12 април. Орбан, лидерот во Европската Унија што важи за најнаклонет кон Кремељ, се соочува со најсериозниот предизвик во своите 16 години на власт, бидејќи неговата партија Фидес значително заостанува зад главниот политички противник.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги отфрли унгарските потези како уцена.
Во објава на Телеграм во четвртокот, претседателот рече дека неговата земја се надева „на алтернатива што ќе ѝ овозможи на Украина пристап до овие средства“, во спротивно „армијата ќе се соочи со недостиг од средства“. Тој предупреди дека недостигот од финансирање ќе влијае врз производството на различни видови дронови и врз набавката на системи за противвоздушна одбрана, кои се клучни за одржување на воените операции.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го увери Киев дека Европската Унија ќе го испорача заемот за Украина „на еден или на друг начин“.
Засега нема знаци дека ќе се случи тоа.
Орбан целата своја кампања за реизбор ја темели на остри напади кон Украина. Дури и ако биде сменет од функцијата унгарски лидер, неговиот словачки колега, премиерот Роберт Фицо, предупреди дека би го задржал ветото.
Застојот најверојатно ќе ги искомплицира разговорите за дополнителни 30 милијарди евра за Украина, средства што Европската Унија се надеваше да ги обезбеди од други земји, вклучувајќи и од економиите на Г7, кога министрите за финансии ќе се состанат во Вашингтон во април за состаноците на Меѓународниот монетарен фонд.
Киев исто така се соочува со тешкотии во исполнувањето на обврските од најновата програма за заем од 8,1 милијарди долари од Меѓународниот монетарен фонд, одобрена минатиот месец, во услови на заострен политички судир меѓу Зеленски и украинскиот парламент. Пратениците сè уште не ги усвоија измените на даночната регулатива што ги бара ММФ, а кои треба да го отворат патот за понатамошни исплати, откако 1,5 милијарда долари веќе беа исплатени во рамките на четиригодишната програма.
Иако имаат рок до следната планирана ревизија во јуни за да ги спроведат реформите, времето истекува. Тимот на фондот, предводен од шефот на мисијата Гевин Греј, се сретна со украински пратеници на почетокот на месецов за да ја процени способноста на парламентот да ги одобри измените, изјавија претходно извори за „Блумберг“.
Ситуацијата дополнително ја влошува и неподготвеноста на дел од сојузниците во НАТО да обезбедат нови средства за програмата за купување американско оружје позната како ПУРЛ (PURL). Украинската амбасадорка во НАТО, Аљона Гетманчук, изјави за „Блумберг“ дека само мал број земји го плаќаат најголемиот дел од опремата и дека станува сè потешко повторно и повторно да се бара помош од нив.
Киев проценува дека оваа година му се потребни 15 милијарди долари за купување американско оружје.
Вкупно, Украина ќе има потреба од 52 милијарди долари странска помош во 2026 година, според процените на нејзините финансиски власти.
Ако сегашниот недостиг од средства продолжи, Украина може да се соочи со „финансиска трагедија“ веќе во април, изјави минатиот месец за „Форбс Украина“ Данијло Хетманцев, претседател на парламентарната комисија за финансии.