Земјите од Персискиот Залив сѐ повеќе се незадоволни од начинот на кој САД ја водат војната со Иран и во приватни разговори ги доведуваат во прашање американските безбедносни гаранции, изразувајќи загриженост дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп очигледно нема јасна стратегија, велат извори запознаени со ситуацијата.
Еден месец по почетокот на конфликтот меѓу САД и Израел со Иран, против кого земјите од Персискиот Залив една година лобираа, регионот и натаму е изложен на напади од Иран. Саудиска Арабија во петокот пресретна шест дронови, додека две пристаништа во Кувајт беа погодени. Во меѓувреме, Ормускиот теснец, витален поморски коридор и економска артерија на регионот, и понатаму е речиси целосно затворен, што предизвикува загуби од нафтени приходи што се мерат во милијарди долари.
Многу официјални лица ги доведуваат во прашање мотивите, посветеноста и целите на Трамп во оваа војна, како и целта на присуството на американските бази на нивните територии, поради кои тие се најдоа на мета на иранските напади, велат извори кои побарале да останат анонимни поради чувствителноста на темата.
Сепак, ниту една од тие земји јавно не ги изнесе овие загрижености за да не го налути Трамп, а малку е веројатно дека ќе побараат американската војска да ги напушти своите бази.
Некои од земјите, особено Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија, заземаат поостар став кон Техеран и размислуваат за можност да се вклучат во напади врз таа земја доколку нивната клучна инфраструктура дополнително биде оштетена, објави Блумберг во средата. Абу Даби сака да формира коалиција на земји, вклучително и САД, со цел да се стави крај на иранската контрола врз Ормускиот теснец, велат извори запознаени со ставовите на американските сојузници во Персискиот Залив.
„Едноставно е незамисливо оваа агресија да прерасне во трајна закана“, изјави претходно оваа недела Анвар Гаргаш, висок дипломатски советник на претседателот на Обединетите Арапски Емирати, додавајќи дека секое примирје мора да вклучува ограничување на иранската „нуклеарна закана, ракетите, дроновите и заплашувањето во теснецот“.
Bloomberg
Многу официјални лица од Персискиот Залив стравуваат дека Трамп би можел да постигне договор со Техеран што нема да ја ограничи иранската програма за балистички ракети ниту поддршката за паравоени групи како Хезболах и Хамас, велат изворите. Тие сметаат дека таков исход е можен за Трамп да може да прогласи победа и да се повлече од војната, која е непопуларна во САД и ги зголеми цените на енергенсите ширум светот.
Доколку тоа се случи, земјите од Персискиот Залив стравуваат дека ќе мора сами да се соочат со огорчен Иран, кој и натаму би имал одредена контрола врз Ормускиот теснец, велат изворите.
Според соговорниците, администрацијата на Трамп сега им сигнализира на сојузниците дека засега не планира копнена инвазија врз Иран, иако распоредува илјадници војници на Блискиот Исток.
Изјавите на Трамп за Фокс њуз оваа недела ги охрабрија земјите од Персискиот Залив. Тој изјави дека САД ќе продолжат да ги штитат сојузниците во регионот дури и „ако не останеме“ во Иран. „Веројатно би сакале да останеме“, рече тој. „Ако не останеме, ќе ги штитиме. Знаеме дека беа многу добри.“
Овие изјави следуваа по средбите на високи претставници на Обединетите Арапски Емирати, вклучително државната министерка Лана Нусеибех и Султан Ал Џабер, директор на главниот производител на нафта во земјата, со американски политичари како потпретседателот Џеј Ди Венс во Вашингтон.
„Белата куќа ги разбира економските последици од затворањето на теснецот“, изјави Нусеибех во интервју дадено во САД оваа недела. „Тоа ѝ е прилично јасно на администрацијата. ‘Што следува?’ е токму прашањето на кое сега се работи.“
Прашана за можната употреба на воена сила, таа изјави дека „сите опции се на маса за Ормускиот теснец да остане отворен“.
Трамп по преземањето на функцијата минатата година прво ги посети Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Катар. Овие земји заедно ветија инвестиции во САД во вредност од повеќе билиони долари, вклучително во вештачка интелигенција и дата центри. Обединетите Арапски Емирати минатата недела соопштија дека планот за инвестиции и економска соработка со САД, вреден 1,4 билиони долари, се одвива според планот.
„Сепак, многумина во регионот се прашуваат што навистина им донесоа тие ветувања“, велат изворите.
Според нив, земјите се особено незадоволни бидејќи САД ги игнорирале нивните стравувања дека Иран би можел да ги нападне како одмазда во случај на војна. Вашингтон, велат тие, повеќе внимание им посветил на аргументите на Израел. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој има многу блиски односи со Трамп, долго време тврди дека Иран сака да развие нуклеарно оружје — што лидерите во Техеран го негираат — и дека воена акција против таа земја е неопходна.
Дополнително, официјални лица од земјите од Персискиот Залив изразиле незадоволство од одлуката на САД привремено да ги суспендираат санкциите за иранска нафта што се наоѓала во танкери на море, потенцијално вредна повеќе од 10 милијарди долари. САД се одлучиле на овој потег за да ги намалат растечките цени на суровата нафта. Во исто време, земјите од Персискиот Залив не можеле да извезуваат поголем дел од својата нафта поради заканите од Иран кон бродовите што пловат низ Ормускиот теснец.
Некои земји од Персискиот Залив тивко ги повикуваат САД да продолжат со нападите врз Иран, па дури и да се обидат да го соборат режимот, велат изворите. Тие стравуваат дека во спротивно Иран ќе ја задржи контролата врз теснецот и нивните економии ќе ги држи како заложници, со што дополнително ќе ја зајакне својата позиција.
Промената на режимот во моментов изгледа недостижна како цел. Иако САД и Израел зборуваа за тоа во првите денови од војната, сега тоа се споменува поретко. Иранската војска и власт останаа обединети, и покрај тоа што неколку високи функционери беа убиени, додека бомбардирањето на иранските вооружени сили продолжува.
Сега, додека илјадници дронови и ракети летаат над градовите во арапските земји од Персискиот Залив — кои треба да бидат сигурни дестинации за туристи и финансиски инвеститори во нестабилен регион — дел од официјалните лица размислуваат за насочување кон соработка со други земји и за зајакнување на односите со Кина, велат изворите.
Пекинг веројатно не би понудил безбедносни гаранции, но, според нив, тоа веќе не го прават ни САД, а реториката на Кина во изминатата година, со која се претставува како попредвидлива суперсила, добива сѐ повеќе поддржувачи, велат соговорниците.
Во подготовката на текстот помогнаа Бен Бартенштајн и Ник Вадхамс