За Саудиска Арабија, тоа што се најде заробена среде војна меѓу Иран и неговите најголеми непријатели - Израел и САД - претставува остварување на најлошото сценарио од кое кралството одамна се плашеше.
Државата, која се гледа себеси како економски и политички лидер на арапскиот свет и светилник за муслиманите ширум светот, Иран одамна го доживува како ривал - и како закана против која претходниот саудиски крал повеќепати ги повикуваше САД да преземат мерки. Но откако САД навистина го направија тоа, Саудиска Арабија со загриженост сфати дека е вовлечена во судирот.
Иран испука ракети и дронови кон кралството и го погоди неговото нафтено стопанство со попречување на сообраќајот низ Ормускиот Теснец.
Прочитај повеќе
Саудискиот нафтовод што го заобиколува Ормуз достигна капацитет од 7 милиони барели
Саудиска Арабија извезува до 7 милиони барели дневно преку алтернативна рута кон Црвеното Море.
28.03.2026
Саудиска Арабија и ОАЕ преземаат чекори кон приклучување во војната со Иран
Партнерите на САД од Персискиот Залив се движат кон подиректно вклучување во конфликтот со Иран, објави „Волстрит џурнал“, во момент кога тензии растат и нафтата реагира на новите ризици.
24.03.2026
Иран ги ескалира нападите врз Саудиска Арабија, главна цел нафтената инфраструктура
Техеран лансираше речиси 100 дронови кон Саудиска Арабија во понеделникот, што е далеку над претходниот дневен просек од помалку од 25.
17.03.2026
Саудиска Арабија ги купува сите достапни танкери за да го заобиколи Ормускиот теснец
Најголемиот саудиски превозник на нафта започна да резервира танкери по исклучително високи цени, додека огромна флота бродови се упатува кон Црвеното Море за да ја натовари суровата нафта на кралството, како алтернатива на застојот во Ормускиот теснец.
12.03.2026
Саудиска Арабија го засилува директниот контакт со Иран за да ја смири војната
Саудиска Арабија и неколку европски и блискоисточни држави се обидуваат преку дипломатски контакти со Иран да ја намалат ескалацијата на војната.
06.03.2026
Како се позиционираа Саудијците во периодот пред војната?
Неколку недели пред војната, кога дипломатските преговори меѓу Иран и САД изгледаа сè понесигурни, а претседателот Доналд Трамп почна да ја споменува можноста за воена интервенција, саудиските функционери на сите начини им уверуваа своите ирански соговорници дека нема да дозволат територијата и воздушниот простор на кралството да се користат за напад врз Исламската Република. Де факто владетелот на кралството, принцот Мохамед бин Салман (MБС), такво уверување му даде на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во телефонски разговор на 28 јануари. Истото го направија и соседите Катар и Обединетите Арапски Емирати.
Како војната влијае врз Саудиска Арабија?
И покрај своите предвоени дипломатски напори, Саудиска Арабија, Катар и ОАЕ - како и Бахреин и Кувајт - од почетокот на непријателствата беа засипани со повеќе од 5.000 ирански дронови и ракети, поради што досега во заливските арапски држави имаше околу 30 жртви. Иако најголемиот дел од овие напади ги претрпеа ОАЕ, иранските проектили погодија и клучни саудиски нафтени полиња и рафинерии во нејзината Источна провинција, дипломатската четврт во центарот на Ријад и американската воздушна база „Принц Султан“ близу престолнината.
Иранското затворање на Ормускиот Теснец - клучна рута за извоз на нафта, гас и други суровини од Персискиот залив - ја ослаби способноста на Саудиска Арабија да ја пласира својата сурова нафта на пазарот. Ако Иран продолжи да го контролира Ормус и ја реализира заканата дека ќе го попречи и другиот клучен теснец, Баб ел Мандеб на влезот во Црвеното Море, тоа би значело катастрофа за Саудиска Арабија, најголемиот извозник на нафта во светот. Баб ел Мандеб моментално се користи како рута за пренесување на саудиските нафтени текови од пристаништето Јанбу на Црвеното Море, на западот од кралството. Саудијците таму преку нафтовод од своите источни полиња испраќаат неколку милиони барели сурова нафта дневно.
Дополнителен проблем би можеле да бидат јеменските Хути, поддржани од Иран, кои на 28 март изведоа први напади врз Израел. Оваа група претходно речиси целосно го запре бродскиот сообраќај во Црвеното Море.
Ќе влезе ли Саудиска Арабија во војна?
Саудиска Арабија досега се воздржуваше од воено одмаздување против Иран, бидејќи се плаши дека тоа би ја изложило на уште поголема агресија. Но изгледа дека нејзиното трпение се топи. Во досега најострите изјави на некој саудиски функционер, министерот за надворешни работи принц Фајсал бин Фархан на 19 март го предупреди Иран дека неговата земја и нејзините регионални партнери располагаат со „многу значајни капацитети и способности што можат да ги искористат“. Тој рече дека „малата доверба“ што се изгради повторно со Иран по обновувањето на дипломатските односи меѓу двете држави во 2023 година е „целосно уништена“, додавајќи дека понатамошната агресија нема да остави „речиси ништо“ што би можело да се спаси во односите. Два дена подоцна, саудиските власти по нападот со дрон врз Јанбу го протераа иранскиот воен аташе, неговиот помошник и уште тројца ирански дипломати.
Според лица запознаени со ситуацијата, Ријад приватно им соопштил на САД дека ќе одговори со воена акција ако Иран ја нападне неговата енергетска инфраструктура, како што најави дека ќе направи доколку претседателот Трамп ја реализира својата закана за напад врз иранските електроенергетски објекти.
Каков исход од војната посакува Саудиска Арабија?
Иако саудиското раководство не верува дека промена на режимот во Иран е реалистична цел, сепак го поддржува решителното американско дејствување за повторно отворање на Ормуз и намалување на иранските нуклеарни и ракетни капацитети, како и неговата способност да проектира моќ преку посреднички милиции, велат две лица од Заливот запознаени со саудиското размислување.
Сепак, Саудиска Арабија ќе продолжи да постапува внимателно, велат експертите. „Саудијците имаат малку доверба дека оваа војна ќе ја елиминира иранската закана или дека САД, кои ја носат одговорноста за започнување на сегашниот конфликт, ќе ги заштитат Саудијците од ирански напади. Ова особено важи ако Саудиска Арабија се вклучи поодредено,“ напиша Мајкл Ратни, поранешен американски амбасадор во кралството, во коментар за Центарот за стратешки и меѓународни студии. „Кога ќе се слегне правот од сегашниот конфликт, нивното најдобро можно сценарио е Иран, управуван од ослабена верзија на истата Исламска Република што владее со земјата од 1979 година, при што нејзината способност и подготвеност за извоз на револуција, се надеваме, ќе биде значително помала.“
Саудискиот престолонаследник бин Салман и претседателот Трамп /Bloomberg Mercury
Зошто Иран и Саудиска Арабија се ривали?
Непријателството и недовербата меѓу Арапите и Персијците, автохтоните жители на Иран, датираат уште од почетоците на исламот, кој се појавил во 7 век во Мека и Медина, двете во денешна Саудиска Арабија. Откако Иран во 16 век го прифатил исламот како официјална вера, од основањето на Саудиска Арабија во 1932 година па сè до денес, односите варираат меѓу соработка и отуѓеност. Повеќето Саудијци припаѓаат на сунитската гранка на исламот, додека повеќето Иранци припаѓаат на ривалската шиитска гранка.
Во седумдесеттите години постоело значајно соработување меѓу Саудиска Арабија и Иран. На крајот од таа деценија Саудијците се обиделе да склучат безбедносен договор за регионот на Заливот, кој би го вклучувал и Иран. Односите нагло се влошиле во 1979 година, кога бил соборен иранскиот монарх, шахот Мохамед Реза Пахлави. Власта ја презел ајатолахот Рухолах Хомеини, воспоставувајќи шиитски теократски режим и промовирајќи форма на револуционерен ислам што директно ја загрозил верската легитимност на саудиското кралство и владејачката династија Ал Сауд. Во наредните децении односите станале непријателски.
Често се нагласува идејата дека Иран, исламска теократија, и Саудиска Арабија, дом на двете најсвети исламски места, се натпреваруваат за лидерство во муслиманскиот свет. Но нивното ривалство во последните години повеќе се обликува околу две спротивставени визии за Блискиот Исток.
Престолонаследникот Мохамед, 40-годишен, кој го започна планот за економска и општествена трансформација познат како „Визија 2030“, изјави дека сака регионот да го оддалечи од конфликти и да го насочи кон развој и просперитет. Регионот би останал цврсто поврзан со САД и под вистински услови би го вклучил Израел и би ги нормализирал односите со него. Оваа визија ја поддржува и Трамп, со кого МБС, како што е познат саудискиот лидер, изгради тесни врски.
На другата страна, Иран под водство на покојниот 86-годишен ајатолах Али Хаменеи и сега неговиот син Моџтаба, остана посветен на вооружен отпор против Израел и неговите поддржувачи, пред сè САД. Неговите лидери го замислуваат регионот без она што го нарекуваат американска и израелска хегемонија - било воена, културна или економска - и сакаат поголема улога за сили како Кина и Русија. Техеран ја користи оваа визија за да го обликува сегашниот конфликт.
„Иран сака да ги убеди заливските држави дека американските бази не се таму за да ги штитат; тие се таму за да водат војна против Иран и да донесат војна во Заливот,“ изјави Вал Наср, професор на Школата за напредни меѓународни студии при Универзитетот Џонс Хопкинс, за „Блумберг“ на средината на март. „Се надеваат дека по крајот на оваа војна американското присуство во регионот ќе стане проблематично.“ Досега иранската стратегија кај повеќето заливски држави, вклучително и Саудиска Арабија, има спротивен ефект.
Како се развиваше ривалството меѓу Иран и Саудиска Арабија низ годините?
Во осумдесеттите години Саудиска Арабија во војната против Иран го поддржуваше ирачкиот лидер Садам Хусеин. Откако САД во 2003 година го соборија Садам, Иран настојуваше да го изгради своето влијание, најчесто преку мрежа на сојузнички влади и посреднички милиции во земји како Ирак, Либан, палестинските територии, Сирија и Јемен.
Според откриени американски дипломатски депеши, поранешниот саудиски монарх кралот Абдулах во еден момент повеќепати ги повикувал САД да „ја отсечат главата на змијата“ со воени напади врз иранската нуклеарна програма, за која САД и нивните сојузници одамна се сомневаат дека може да се искористи за производство на нуклеарно оружје. Ријад во 2016 година ги прекина дипломатските односи со Техеран. Тие повторно беа воспоставени дури во 2023 година во договор посредуван од Кина.
Двете страни во минатото меѓусебно се обвинуваа дека се обидуваат една со друга да се дестабилизираат одвнатре. Ријад му припишуваше на Техеран обиди да ги радикализира шиитите во саудиската Источна провинција и во соседен Бахреин, додека Иран го обвинуваше кралството за наводна поддршка на етнички арапски сепаратисти во неговиот крајбрежен регион Ахваз.
Но воената и политичката димензија на ривалството најмногу се одвиваше преку посредници и поддршка на спротивставени фракции и влади низ целиот Блиски Исток. Во Либан, Саудиска Арабија отворено го обвини Иран и неговото посредничко движење Хезболах дека стоеле зад атентатот врз нејзиниот сојузник, поранешниот премиер Рафик Харири во 2005 година, за да ја преземат државата и да го неутрализираат влијанието на Ријад. Во Сирија, страните со децении се натпреваруваа за наклонетоста на режимот на семејството Асад; борбата заврши во корист на Саудиска Арабија кога кон крајот на 2024 година иранскиот сојузник Башар ал Асад беше соборен од страна на исламисти, кои сега се поддржани од кралството.
За Саудиска Арабија најблиската битка беше онаа во Јемен, каде што МБС на почетокот на 2015 година започна војна против хутите, поддржани од Иран, кои ја соборија владата во Сана. Тогаш МБС отворено ја претстави војната во Јемен како битка за протерување на Иран од арапскиот свет. Но бидејќи не успеа да ги собори хутите, следеше договор за прекин на огнот со оваа група, што беше главен мотив за договорот од 2023 година за повторно воспоставување односи со Техеран.
Пред нападот на палестинската група Хамас, поддржана од Иран, врз Израел на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика војната во Газа, МБС беше на чекор до одбранбен договор со САД, кој ќе вклучуваше и нормализација на односите со Израел. Потоа принцот Мохамед почна да се залага за подобри односи со Иран, истовремено настојувајќи да ги продлабочи врските со други регионални сили како Пакистан и Турција, за да го балансира она што експертите го опишуваат како саудиска загриженост за израелската хегемонија. Сегашната војна, особено иранските напади врз Саудиска Арабија и другите заливски држави, веројатно повторно ќе ги пренасочи приоритетите на кралството.