Втор авион на американските воздухопловни сили се урна во регионот на Персискиот Залив во петокот, објави „Њујорк тајмс“, додека САД веќе спроведуваат операции за пребарување и спасување, по одделен инцидент во кој Иран собори борбен авион.
Авионот А-10 „Вартог“ паднал во близина на Ормускиот теснец приближно во исто време кога Иран собори американски борбен авион Ф-15Е, наведува весникот, повикувајќи се на американски официјални лица. Единствениот пилот е безбедно спасен.
САД, во инцидентот со Ф-15Е веќе спасија еден од двајцата членови на екипажот, изјави американски официјален претставник кој сакал да остане анонимен поради чувствителноста на информациите. Потрагата по вториот член на екипажот е во тек.
Првата потврдена борбена загуба на американски борбен авион би претставувала значајна ескалација на петнеделната војна, која веќе предизвика глобална енергетска криза. Американскиот претседател Доналд Трамп бил информиран за инцидентот со Ф-15Е, соопшти Белата куќа порано во петокот. Централната команда на САД не одговори на претходното барање за коментар за соборениот авион.
Иранската новинска агенција „Тасним“ во петокот објави дека Иран соборил „високотехнолошки американски борбен авион“. Иранските државни медиуми и претходно изнесуваа слични тврдења кои САД ги негираа. Централната команда на Пентагон во четвртокот ја отфрли како неточна тврдењето на Иранската револуционерна гарда дека соборила непријателски авион над остров во Ормускиот теснец.
„Иранската револуционерна гарда повеќепати изнесе неточно тврдење“, се наведува во објава на Централната команда на социјалните мрежи.
Иран во текот на ноќта кон петокот гаѓаше дополнителни цели во арапските држави во Заливот, неколку часа откако Трамп упати нови закани кон иранската енергетска инфраструктура со цел да изврши притисок врз Техеран да започне мировни преговори. Американскиот претседател во четвртокот објави снимка од уривање на мост на социјалните мрежи, предупредувајќи дека „ќе следува многу повеќе“ доколку Иран не се согласи на договор.
Иран остана непопустлив, а министерот за надворешни работи Абас Арагчи порача дека нападите врз цивилната инфраструктура „нема да ги принудат Иранците на предавање“. Засега нема знаци дека земјата ќе попушти на барањата на САД повторно да го отвори Ормускиот теснец и да ги прекине нападите, туку нуди сопствени услови за постигнување договор.