САД и Иран договорија двонеделен прекин на огнот што се очекува да ја запре американско-израелската воена кампања, во замена за повторно отворање на Ормускиот теснец од страна на Техеран. Овој потег што навестува привремена деескалација, додека пошироките тензии може да останат нерешени.
Американскиот претседател Доналд Трамп го објави договорот во вторникот на социјалните мрежи, само неколку часа откако Пакистан, посредник во разговорите, го повика лидерот на САД да се повлече од рокот за нанесување масовна штета врз Иран доколку не ги исполни неговите барања. Договорот им купува време на двете страни да постигнат подолгорочен договор за завршување на шестнеделната војна, во која загинаа илјадници луѓе и беше поттикната глобална енергетска криза.
Трамп изјави дека се согласил „да го суспендира бомбардирањето и нападите врз Иран за период од две недели“, доколку Иран се согласи на „ЦЕЛОСНО, ИТНО И БЕЗБЕДНО ОТВОРАЊЕ на Ормускиот теснец“.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека „во период од две недели ќе биде овозможен безбеден премин низ Ормускиот теснец во координација со вооружените сили на Иран“, и дека доколку нападите врз Иран бидат запрени, „нивните моќни вооружени сили ќе ги прекинат своите одбранбени операции“.
Bloomberg
Израел, исто така, се согласил на прекинот на огнот, според претставник на Белата куќа. Дел од арапските држави во Персискиот Залив пријавија продолжени напади од страна на Иран веднаш по објавата на Трамп, што остава неизвесност околу тоа кога точно ќе започне примирјето.
Цената на нафтата падна најмногу во речиси шест години откако Трамп ја објави одлуката, што се случи околу 90 минути пред неговиот рок во 20 часот, во кој Иран требаше да го отвори теснецот или да се соочи со масовно воено бомбардирање.
Глобалниот бенчмарк Брент се намали за дури 16 отсто, на 91,70 долари за барел. Индексот MSCI Asia Pacific порасна за 4,1 отсто, достигнувајќи највисоко ниво во последните три недели, додека фјучерсите на американските берзански индекси пораснаа за повеќе од 2 отсто, а европските берзански фјучерси скокнаа за 5 отсто.
И САД и Иран го претставуваат прекинот на огнот како „победа“, но значајни разлики и натаму постојат меѓу нивните барања за целосно завршување на војната, изјави Мона Јакубиан, советник во Програмата за Блискиот Исток при Центарот за стратешки и меѓународни студии.
„Иран вели дека ќе овозможи слободен премин во наредните две недели низ Ормускиот теснец, но во координација со вооружените сили на Иран. Ако САД се согласат на тоа, тоа е огромна отстапка за Иран“, рече таа за Блумберг ТВ по објавата на примирјето.
Одлуката на Трамп претставува драматично повлекување во однос на неговата остро формулирана објава на социјалните мрежи претходно во вторникот, во која предупреди дека „целата цивилизација ќе умре вечерва, и никогаш нема да се врати“ доколку Иран не попушти. Неговите закани за напади врз цивилната инфраструктура на Иран, вклучително и електрани, би можеле да се сметаат за воени злосторства доколку беа реализирани.
Иако пазарите воздивнаа со олеснување, прекинот на огнот адресираше криза во чие создавање учествуваше и самиот Трамп, кога САД и Израел ја започнаа војната кон крајот на февруари. Сепак, договорот не ги опфати неговите барања за ограничување на иранските нуклеарни, ракетни или дрон програми. Исто така, нема индикации дека САД се подготвени да одговорат на барањата на Иран за траен договор и укинување на санкциите.
„Ова во суштина е краток здив од ескалацијата во која се наоѓаа, но јасно е дека сѐ уште сме далеку од какво било решение на конфликтот, а камоли од решавање на неговите суштински причини“, изјави Мајкл Синг, поранешен висок директор за Блискиот Исток во Советот за национална безбедност за време на администрацијата на Џорџ В. Буш.
По првичната објава на Трамп, не беше јасно дали веднаш може да се воспостави пат кон деескалација.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, клучен посредник, изјави дека Техеран, Вашингтон и нивните сојузници се согласиле на целосен прекин на огнот, кој би го опфатил и Либан, каде Израел води паралелен конфликт против проиранската милиција Хезболах.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го оспори тоа, велејќи дека привремениот договор не го проширува прекинот на огнот и на Либан.
Кувајт, Саудиска Арабија, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати, како и Израел, пријавија ракетни и напади со дронови од страна на Иран веднаш по објавата на Трамп, што остава неизвесност околу тоа кога прекинот на огнот ќе стапи во сила.
САД очекувале дека ќе биде потребно време наредбите за прекин на нападите да стигнат до Иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда, објави Аксиос. Ваквите доцнења се типични во конфликти, при што борбите често продолжуваат пред постепено да стивнат.
Американските сили во раните утрински часови во вторникот нападнаа воени цели на главниот извозен нафтен центар на Иран, островот Харг.
Воздушни напади на Блискиот Исток
Напади од 28 февруари, најновите се заокружени
Објавата на Трамп на социјалните мрежи претходно предизвика итна трка на посредниците во последен момент за продолжување на индиректните преговори. Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф претходно напиша дека разговорите „напредуваат стабилно, силно и моќно“ и дека неговата земја побарала од Иран да го отвори Ормускиот теснец „за соодветен период од две недели како гест на добра волја“.
Подоцна во вторникот, Шариф ги покани сите страни во Исламабад за продолжување на преговорите. Портпаролката на Белата куќа Каролин Левит изјави дека разговорите за следната фаза се во тек, но дека „ништо не е финализирано“.
Некои од најсилните поддржувачи на Трамп и најгласни застапници на нападите изразија претпазливост околу договорот.
„Мора да запомниме дека Ормускиот теснец беше нападнат од Иран по почетокот на војната, со што беше нарушена слободата на пловидба“, напиша на Икс сенаторот Линдзи Грем, републиканец од Јужна Каролина.
„Во иднина, неопходно е Иран да не биде награден за овој непријателски чин против светот.“
Целосните услови на можниот договор не беа објавени. Трамп само рече дека САД добиле предлог од 10 точки од Иран, опишувајќи го како „изводлива основа за преговори“.
„Речиси сите точки на претходно несогласување се договорени меѓу САД и Иран, но двонеделниот период ќе овозможи договорот да биде финализиран и реализиран“, изјави тој.
Трамп подоцна за АФП изјави дека верува дека Кина го охрабрила Иран да преговара и дека залихите на ураниум на Иран ќе бидат „целосно ставени под контрола“.
Барањата на Иран вклучуваат задржување на контролата врз Ормускиот теснец, прифаќање на неговите активности за збогатување ураниум, укинување на сите примарни и секундарни санкции, како и повлекување на американските борбени сили од регионот, се наведува во соопштението на Врховниот совет за национална безбедност пренесено од државните медиуми.
Останува многу нејасно околу договорот за прекин на огнот и дали ќе се одржи. Двонеделниот рок може да се продолжи со согласност на двете страни, но Иран во преговорите влегува со „целосна недоверба“, јавуваат државните медиуми.
Сепак, одлуката за повлекување, барем засега, претставува уште еден пример на претседателот кој се повлекува од заканите да ја прошири листата на воени цели во Иран и на цивилна инфраструктура како електрани и постројки за десалинизација. Во март, тој му даде на Иран рок од пет дена да го отвори теснецот или да се соочи со такви напади, а потоа го продолжи рокот за уште 10 дена.
Овој модел стана толку препознатлив што доби и сопствен акроним — TACO, односно „Трамп секогаш се повлекува“ (Trump Always Chickens Out). Сега фокусот повторно се префрла на Ормускиот теснец и прашањето дали бродовите ќе можат безбедно да минуваат низ оваа клучна водна рута. Иако некои бродови поминаа низ теснецот во последните недели, најчесто не станува збор за бродови од земји што Иран ги смета за непријателски или за оние што барем премолчено ги поддржале американско-израелските напади.
„Вистинскиот тест ќе биде дали сопствениците и операторите на бродови ќе го променат своето однесување по најавата за прекинот на огнот и уверувањата дека и други бродови, а не само на Ирак, ќе бидат безбедни“, изјави Клејтон Сајгл, виш соработник во Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон.
Планот за двонеделен прекин на огнот предвидува и Иран и Оман да наплатуваат такси од бродовите што транзитираат низ Ормускиот теснец, објави Асошиејтед прес, повикувајќи се на регионален претставник директно вклучен во преговорите. Според извештајот, Иран би ги користел тие средства за реконструкција.
Пред објавата на Трамп, референтната нафта Брент, цената што се користи за вреднување на поголемиот дел од реалните глобални трансакции со нафта, ги надмина сите претходни рекорди и достигна 144,42 долари за барел, додека фјучерсите на Брент, се тргуваа околу 109 долари.
Одложувањето од две недели најверојатно ќе ги стабилизира цените на нафтата на околу 100 долари за барел, што се наметна како ново рамниште за време на конфликтот. „Самото тоа одложување веројатно ќе биде доволно да не врати на новото стабилно ниво, иако тоа во никој случај не значи целосно враќање на претходните цени“, изјави Кевин Бук, извршен директор во „Клир Вју“ (ClearView Energy Partners) со седиште во Вашингтон.