Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе испрати претставници во Пакистан на разговори за завршување на војната со Иран во понеделник навечер и повторно се закани дека ќе ја нападне цивилната инфраструктура ако Техеран не се согласи на договор.
„Нудиме многу фер и разумен ДОГОВОР, и се надевам дека ќе го прифатат, затоа што ако не го сторат тоа, САД ќе уништат секоја електрана и секој мост во Иран,“ напиша тој во објава на социјалните мрежи.
Американскиот лидер изјави за „Фокс њуз“ дека специјалниот пратеник Стив Виткоф ќе отпатува во Исламабад на разговори во вторник што може да траат до среда. „Њујорк Пост“ објави дека зетот на Трамп, Џаред Кушнер, исто така ќе учествува во преговорите за завршување на војната која однесе илјадници животи. Објавата дојде откако Иран ја повлече својата одлука за повторно отворање на транспортот низ Ормускиот Теснец како одговор на американската блокада.
Прочитај повеќе
Блокадата на Ормуз ги намалува шансите за мировен договор меѓу САД и Иран
Блокадата на Ормуз се заканува да ја продлабочи енергетската криза што ја тресе глобалната економија
19.04.2026
Нов нафтовод меѓу Ирак и Турција би го решил проблемот со Ормускиот Тесенц
Извршниот директор на Меѓународната агенција за енергија, Фатих Бирол, предложи изградба на нов нафтовод што би ги поврзал нафтените полиња во Басра, Ирак, со медитеранскиот нафтен терминал во Џејхан, Турција, за да се намали зависноста од Ормускиот Теснец, според турскиот весник „Хуријет“.
19.04.2026
Војната го буди стравот од стагфлација на глобалната економија
Првичните резултати паднаа на историски најниска точка
19.04.2026
Растот на цената на горивото ги брише авионските врски
Патниците со авиони треба да се подготват за повеќе непријатности во наредните месеци. Авиокомпаниите ширум светот ќе имаат се повеќе откажувања на летовите и приземјување на авионите за да се справат со огромното зголемување на цените на авионското гориво.
19.04.2026
Иран објави дека Ормуз е затворен, сопственици на бродови пријавуваат пукање
Радио-пораката пристигнала во време кога државната новинска агенција „Нур“ објави дека теснецот повторно е под „строга управа и контрола на вооружените сили“
18.04.2026
Застојот околу Ормуз се заканува да ја продлабочи глобалната енергетска криза и да ги поткопа очекувањата за брз мировен договор. Ормуз е една од неколкуте нерешени точки во мировните разговори, вклучувајќи ја и иранската нуклеарна програма и тековната израелска инвазија врз Либан.
„Бродовите чекаат инструкции од вооружените сили на Иран за да се утврди дали можат да поминат низ рутата,“ објави полуофицијалната новинска агенција „Мехр“ во неделата.
Сепак, доцна во саботата, претседателот на иранскиот парламент Мохамад Багер Галибаф, кој ја предводеше иранската делегација на разговорите со САД претходно овој месец во Пакистан, рече дека иако разликите „остануваат значителни,“ преговорите напредуваат. Тој додаде дека иранските вооружени сили се подготвени да дејствуваат дури и додека траат дискусиите.
„Невозможно е другите да поминуваат низ Ормускиот Теснец, а ние да не можеме,“ рече тој во телевизиско обраќање, мислејќи на американската поморска блокада.
Во меѓувреме, американската војска се подготвува да се качи на танкери поврзани со Иран и да заплени трговски бродови во меѓународни води во наредните денови за да го принуди Иран да го отвори Ормуз, објави„Волстрит џурнал“ во саботата, повикувајќи се на анонимни американски функционери. Белата куќа веднаш не одговори на барањето за коментар за извештајот на весникот.
Морнарицата на Корпусот на исламската револуционерна гарда издаде соопштение во саботата попладне предупредувајќи ги бродовите да не ги напуштаат местата каде што се закотвени во Персискиот залив и Оманското Море, додавајќи дека приближувањето кон теснецот „ќе се смета за соработка со непријателот, а бродот ќе биде таргетиран.“
„Тие сакаа повторно да го затворат теснецот како што прават со години и не можат да не уценуваат,“ изјави Трамп за новинарите во саботата за Иран, иако теснецот беше целосно отворен сè до почетокот на американско-израелската кампања за бомбардирање пред седум недели. „Ќе имаме информации до крајот на денот, знаете. Разговараме со нив. Застануваме цврсто.“
Последните случувања во изминатите 72 часа ја илустрираат непредвидливата природа на конфликтот, како и непостојаната - и понекогаш контрадикторна - природа на изјавите на Трамп.
Претседателот во петокот рече дека договорот со Иран е речиси постигнат, вклучувајќи отстапки што Техеран никогаш јавно не ги направил, сигнализирајќи дека е подготвен да потпише и да се насочи кон домашни прашања. Тој дури изјави за „Еј-би-си њуз“ дека им верува на Иранците, цивилизација која неодамна се закани дека ќе ја уништи.
Но, клучно е што Трамп ја остави блокадата на теснецот на сила сè додека договорот не биде финализиран.
Иран ја нарече блокадата прекршување на прекинот на огнот и повторно се обиде да го затвори водниот пат. Тоа го поттикна најновиот напад на Трамп, во кој тој ги обнови заканите за иранската цивилна инфраструктура ако не прифатат договор.
Има и знаци дека прекинот на огнот во Либан - поврзан со одлуката на Иран да дозволи сообраќај низ Ормуз - може да се распадне. Израелските одбранбени сили рекоа дека нападнале „саботери“ кои се приближувале до нивните трупи и го прекршувале на примирјето.
Импулсот за траен мир се гради од крајот на минатата недела, но пукнатини почнаа да се појавуваат во саботата со критиката на Иран за продолжената американска блокада.
Британската морнарица наскоро потоа соопшти дека танкер бил приближен од чамци на иранската гарда пред да биде нападнат, додавајќи дека бродот и екипажот се безбедни. Контејнерски брод бил погоден од непознат проектил во одделен инцидент крај брегот на Оман, рекоа тие.
Врховниот лидер на Иран, Мојтаба Хамнеи, изјави дека „морнарицата е подготвена да им ја даде на непријателите горчината на нови порази“ во соопштение по повод Националниот ден на армијата. Не беше јасно дали неговата порака е директен одговор на случувањата околу Ормуз.
Иран го контролира теснецот и ќе ги обезбеди своите права „или на преговарачка маса или на терен,“ рече првиот потпретседател Мохамад Реза Ареф, според полуофицијалната агенција „Мехр“.
„Иако изгледа дека договор е на повидок што може да стави крај на тековниот круг на непријателства меѓу САД и Иран и да донесе олеснување на енергетските пазари, малку е веројатно дека ќе резултира со целосен или траен мир,“ напишаа аналитичари на „Блумберг економикс“, вклучувајќи ја Џенифер Велч, во извештај. „Оценуваме дека секој договор ќе биде ограничен и кревок.“
Цените на нафтата, горивото и природниот гас паднаа поради надежите дека најновите случувања ќе значат крај на војната и дека повеќе енергетски ресурси ќе можат безбедно да транзитираат низ Ормуз. Брент суровата нафта падна за 9 отсто во петокот на околу 90 долари за барел. Цените на дизелот во САД и Европа исто така се намалија.
Во забележителен пресврт, реалните цени на нафтата исто така значително се намалија заедно со цените на фјучерсите. Во петокот, dated Brent, најважната физичка цена во светот, падна под 100 долари за барел за првпат од 11 март. Акциите го продолжија својот раст поради шпекулации дека војната наскоро ќе заврши.
Една од предлозите што се разгледуваат е САД да ослободат 20 милијарди долари замрзнати ирански средства во замена за тоа Техеран да се откаже од својата залиха на збогатен ураниум, објави „Аксиос“, повикувајќи се на двајца американски функционери и уште двајца неидентификувани извори запознаени со разговорите.
Трамп го одби тој предлог во телефонско интервју за „Блумберг“ во петокот, повеќепати велејќи „не“ кога беше прашан дали би ги ослободил тие 20 милијарди.