САД во средата им соопштија на пратениците дека за војната со Иран потрошиле околу 25 милијарди долари, што досега е најцелосната јавна процена на трошоците на конфликтот.
Вршителот на должноста главен финансиски службеник на Пентагон, Џулс Херст, ја изнесе таа сума за време на сведочење пред Комитетот за вооружени сили на Претставничкиот дом, заедно со министерот за одбрана Пит Хегсет.
Сослушувањето, свикано за расправа за рекордното барање на администрацијата за одбранбен буџет од 1,5 билиони долари, им даде на пратениците прва јавна можност да ги прашаат високите претставници на министерството за американската војна со Иран, која почна на 28 февруари.
Хегсет тврдеше дека зголемувањето на одбранбениот буџет за 40 отсто ќе надомести години недоволно финансирање, но пред пратениците, чија поддршка му е потребна за одобрување на барањето, настапи со пркосен тон.
„Најголемиот предизвик, најголемиот противник со кој моментално се соочуваме се непромислените, невнимателни и поразителни зборови на конгресните демократи и некои републиканци“, рече тој зборувајќи за војната со Иран.
Конфликтот го затвори клучниот пловен пат во Персискиот Залив за танкерите со нафта и гас, ги подигна глобалните цени на енергијата и ги разниша американските сојузништва во Европа, додека американскиот претседател Доналд Трамп сега се обидува преку американска поморска блокада да изврши притисок врз Иран да преговара за завршување на војната.
Хегсет ги предупреди сојузниците и на „последици“ ако не помогнат во американската војна против Иран, при што го издвои НАТО поради, како што рече, „неодговорното“ изостанување на помош за американските сили. „Ќе го запаметиме тоа“, рече тој.
„Сојузниците кои нè поддржаа, како Израел, Јужна Кореја, Полска, Финска, балтичките држави и други, особено ќе ги цениме“, порача Хегсет во писмена изјава пред сослушувањето. „Сојузниците што нема да го сторат тоа, сојузниците што и натаму не го исполнуваат својот дел во колективната одбрана, ќе се соочат со последици.“
„Сојузниците што нè поддржаа, како Израел, Јужна Кореја, Полска, Финска, балтичките држави и други, особено ќе ги наградиме“, изјави Пит Хегсет во писмена изјава пред сослушувањето. „Сојузниците што нема да го сторат тоа, сојузниците што и натаму не го исполнуваат својот дел во колективната одбрана, ќе се соочат со последици.“
Демократскиот член на Комитетот за вооружени сили на Претставничкиот дом, Адам Смит од Вашингтон, буџетското барање на администрацијата го нарече „целосно нереално“ и го обвини Пит Хегсет дека „неоправдано“ ги навредува американските сојузници и дека „во Иран дејствува самостојно“.
„Кој е планот за постигнување на нашите цели? Ги видовме трошоците“, рече Смит. Во пресрет на меѓуизборите, на кои прашањата за трошоците за живот ќе имаат голема тежина, републиканските пратеници неволно се обидуваат да ги убедат гласачите во зголемување на одбранбената потрошувачка за 440 милијарди долари, што веројатно би се финансирало на сметка на популарните социјални програми.
Американското бомбардирање на Иран потроши и голем дел од американските залихи на ракети и бомби. Пентагон процени дека во првите два дена од војната само за муниција потрошил 5,6 милијарди долари, објави „Вашингтон пост“ во март.
Хегсет негираше дека војната ги исцрпела залихите на муниција. Сепак, една од причините за толку големото зголемување на одбранбената потрошувачка е обновата на залихите на муниција, за која во текот на војната имаше голема побарувачка, а која беше користена и во одбраната на Израел минатата година, откако Иран возврати по бомбардирањето на нуклеарните објекти.
„Нашите глобални залихи на муниција се ниски и немаме капацитети за брза обнова на складиштата“, рече во воведната изјава пратеникот Мајк Роџерс, републикански претседател на комитетот, кој рекордниот одбранбен буџет го претстави како пресврт по децении недоволни вложувања.
Хегсет во средата го повтори и новиот став на администрацијата на Трамп кон Кина и рече дека САД сакаат „пристап што не е насочен кон доминација, туку кон урамнотежен однос“.