На 13-тиот кат од зградата Берлајмонт во Брисел, Урсула фон дер Лајен воспостави претседателски апарат кој ги надгледува речиси сите аспекти на случувањата во рамките на Европската комисија (ЕК).
Нејзината тесно поврзана група советници го држи во свои раце секојдневното функционирање на извршното тело на Европската унија (ЕУ), додека фон дер Лајен речиси сè, освен својот најтесен круг, го турка на спореден колосек и до детали управува со оваа огромна организација. Според зборовите на луѓе кои директно го познаваат нејзиниот начин на работа, голем проблем е тоа што ваквиот пристап го преоптоварува нејзиниот кабинет и ја намалува фокусираноста на нејзините клучни економски одговорности. Како последица, нејзината поширока кампања за оживување на европскиот проект запира.
Во седум години на чело на Европската комисија, 67-годишната фон дер Лајен помогна да се води ЕУ низ пандемијата на ковид-19, војната во Украина, конфликтите на Блискиот Исток, како и враќањето на Доналд Трамп и неговите трговски тарифи во Белата куќа.
Прочитај повеќе
Енергетскиот притисок врз ЕУ ќе трае повеќе години
Европската Унија се подготвува за долготраен енергетски ценовен шок откако Иран ја парализираше клучната гасна фабрика во Катар, зголемувајќи ја можноста за повеќегодишен недостиг на снабдување.
20.03.2026
Фон дер Лајен апелира Европа да ги развие скапите капацитети за кои зависи од САД
„Ќе го поттикнеме новиот индустриски договор што не само што ќе нè чува безбедни, туку ќе биде и мотор на раст“, рече фон дер Лајен.
14.02.2026
ЕУ во страв од поскапо греење и гориво бара помеки климатски правила
Брисел подготвува мерки за ублажување на ударот од новиот систем за јаглерод врз граѓаните и стопанството.
21.10.2025
Фон дер Лајен го поддржа „силниот, иако несовршен“ трговски договор
Фон дер Лајен и Фридрих Мерц го бранат договорот на ЕУ со САД, оценувајќи дека носи стабилност и спречува трговска војна, која би ја чинела Европа скапо.
25.08.2025
Европејците се бесни на Урсула фон дер Лајен
Договорот со САД „создава безбедност во неизвесни времиња“ и „обезбедува стабилност и предвидливост на трговските односи“, истакнува шефот на Европската комисија.
28.07.2025
Сепак, постигна само скромен напредок во задачата на Комисијата да го зајакне единствениот пазар и да ја зголеми конкурентноста на блокот за да може да напредува во сè понепријателски свет.
Напнатостите што тлееа со години сега почнуваат да излегуваат на површина. Минатиот месец нејзините поранешни колеги од конзервативната пратеничка група предводена од ЦДУ на затворен состанок во Берлин побарале ограничувања, односно надзор врз надлежностите на Комисијата, додека делегација од водечки технолошки директори ѝ порачала дека во прашања важни за компаниите не се движи доволно брзо.
Дури и во огромната зграда Берлајмонт се чувствува незадоволство, бидејќи комесарите се чувствуваат исклучени од важни одлуки, додека водечката улога ја презема нивната шефица и нејзиниот тим.
Приказната се заснова на разговори со повеќе функционери и дипломати кои блиску соработувале со фон дер Лајен и нејзиниот тим и кои, поради дискусија за внатрешни прашања, побараа анонимност. Портпаролот изјави дека комесарите одлуките ги донесуваат колективно, „по инклузивен процес на донесување одлуки“ и дека „веќе самиот број часови поминати во дискусии“ зборува сам за себе.
Bloomberg
Луѓето кои го познаваат работењето на кабинетот на фон дер Лајен директно го поврзуваат нејзиниот претседателски стил на водење со пошироките недостатоци што предизвикуваат незадоволство меѓу водечките претставници на компаниите.
Ја опишуваат како функционерка опседната со докажување дека има сè под контрола, при што со таквиот пристап ги отуѓила бројни високи функционери.
Фон дер Лајен можеби е „најмоќната претседателка на Европската комисија што ЕУ некогаш ја имала“, изјави Муџтаба Рахман, директор за Европа во „Еврпазија груп“ и поранешен британски и европски функционер. „Сепак, забележуваме сè повеќе грешки на нејзината мала група доверливи, но преоптоварени функционери, како и сè посилен и понепријателски отпор од европските престолнини.
Релативната моќ на различните институции што ја сочинуваат ЕУ осцилирала од нејзиното создавање во педесеттите години од минатиот век. Мандатот на фон дер Лајен ја издигна Европската комисија на ниво какво не било видено уште од времето на Жак Делор, кој ја водеше меѓу 1985 и 1995 година и го поттикна развојот на европскиот единствен пазар.
Фон дер Лајен сега на некој начин стана лицето на Европа, на што Трамп минатата година во Белата куќа шеговито се надоврза по склучувањето на трговскиот договор меѓу САД и Европа. Кога ги прими лидерите, меѓу нив германскиот канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони, за фон дер Лајен рече: „Со сите овие држави, не знам, мислам дека можеби сте помоќни од сите овие луѓе за оваа маса.“
Силно централизирана структура на власт и неподготвеност за делегирање предизвикуваат тесни грла што го забавуваат донесувањето на важни политички одлуки.
Нацрт-стратегијата за довршување на внатрешниот пазар на блокот, која ја подготви тимот на потпретседателот на Европската комисија Стефан Сежурне, беше готова уште во ноември, а потоа со месеци стоеше на страна.
На февруарскиот самит лидерите на ЕУ ја повикаа Комисијата планот да го претстави во март заедно со другите институции, но Европскиот парламент и земјите членки документот не го видоа сè до неколку дена пред неговото конечно објавување кон крајот на април. Комисијата соопшти дека нејзината работа „се развивала“ за пошироко да го опфати прашањето на конкурентноста и дека сега станува збор за „документ без преседан со јасен план“.
Во меѓувреме, компаниите гледаат регион што заостанува и што е притиснат меѓу САД и Кина. Европа, на пример, сè уште заостанува зад споредливи економии во искористувањето на потенцијалот на вештачката интелигенција и развојот на секторот за чипови.
Минатиот месец остра оценка даде Роџер Дасен, финансиски директор на компанијата „АСМЛ Холдинг“. Тој предупреди дека компанијата, највредна во Европа, во регионот остварува само еден процент од приходите: „Тука сме, во Европа. Не можам да престанам да предупредувам дека ЕМЕА со еден процент е голем знак за предупредување за индустријата“, им рече на акционерите.
Уште еден пример беше минатолето постапувањето на фон дер Лајен со долгорочниот буџет на ЕУ, спорна тема што предизвикува бурни расправи за приоритетите на потрошувачката и за тоа кој ќе ја покрие сметката. Дури ни тогаш нацрт-планот не им беше доставен на комесарите до последен момент. Поради недостиг на консултации беа незадоволни и земјите членки на ЕУ, иако фон дер Лајен предложи рекорден план за потрошувачка во вредност од речиси два билиони евра.
Само неколку часа по големата презентација, Берлин јавно го одби планот. Канцеларот Мерц беше особено незадоволен од предлогот за воведување данок за компаниите, бидејќи тоа беше спротивно на неговото неодамнешно ветување до германските фирми дека ќе им го намали даночниот товар.
Вистина е дека Комисијата се соочува со немирен свет во кој Трамп повторно се обидува да стекне контрола врз Гренланд, а потоа со нападот врз Иран предизвикува нарушувања во глобалното снабдување со енергија. Но токму тоа за многумина што блиску соработуваат со Комисијата е суштината на проблемот: претседателката постојано интервенира во најновите кризи, дури и кога тие не се во нејзина надлежност, наместо да се фокусира на исполнување на својата клучна задача.
„Европа може полесно да ја надмине својата бавност ако се занимава со помалку работи, но ги заврши многу подобро“, изјави Мелони во интервју за „Блумберг“ на почетокот од оваа година. „Гледам дека одлуките се донесуваат, а потоа ги забавува бирократија за која понекогаш изгледа дека има сопствен план.“
Иако меѓу Комисијата и бројни држави постојат напнатости, германската критика е особено значајна бидејќи фон дер Лајен, Мерц и Јенс Шпан, кој ја води конзервативната парламентарна група, технички гледано се сите партиски колеги.“
Строга контрола
Фон дер Лајен ја презеде функцијата претседателка на Европската комисија во декември 2019 година, а во 2024 повторно беше избрана. За нејзината посветеност од првиот ден немаше многу сомнеж. Дел од нејзиниот канцелариски простор на горниот кат од зградата Берлајмонт беше преуреден во соба во која таа спие за време на неделата
Нејзините поддржувачи велат дека на функцијата ѝ дала нов авторитет и ја зајакнала улогата на ЕУ на светската сцена.
Некои немаат проблеми ни со нејзиниот стил на водење, сè додека работите се завршуваат. Бројни функционери и дипломати на ЕУ, пак, за кочењето на работата на внатрешниот пазар ги обвинуваат земјите членки, бидејќи даваат предност на националните интереси.
Среде меѓусебни обвинувања, континентот ризикува уште повеќе да заостане.
За индустријата едно од клучните мерила за успех на фон дер Лајен ќе биде дали ќе успее да ги реализира големите најави во области како што се критичните суровини и компјутерските чипови. Компаниите внимателно го следат и планираниот преглед на системот за тргување со емисии во блокот, за кој велат дека го ограничува бизнисот.
Дури и по замавот што го донесе одекнувачкиот извештај на Марио Драги за конкурентноста од 2024 година, изгледа дека блокот не е во состојба да напредува со потребната брзина.
Самиот Драги се пожали на темпото кон крајот на минатата година, на годишнината од неговиот извештај.
„Нашиот модел на раст бледее. Ранливостите се натрупуваат. И нема јасен пат за финансирање на инвестициите што ни се потребни“, рече тој. „Различен пат бара нова брзина, обем и интензитет“.