Вкупно 10.465 македонски граѓани што е приближно еднакво на бројот на жители на Делчево или некој друг од помалите градови во земјава лани добиле црвен картон од Европската унија односно биле затекнати како нелегално престојуваат во ЕУ, им било наредено да се вратат или пак им бил одбиен влез на европските граници. Според Евростат, најбројни (5.080) биле македонските граѓани кои во 2025 година биле затекнати како нелегално престојуваат во некоја од земјите на Европската Унија.
Прочитај повеќе
Дали иселениците купуваат - расте продажбата на станови во помалите градови
За разлика од Скопје, каде што побрзо растат цените, во помалите градови побрзо расте продажбата. А најголем број станови се продадени во општините со најголем број иселеници.
19.12.2025
Иселениците лани испратиле помалку пари во Македонија, што е причината?
Девизните дознаки, иако намалени во 2024, сочинуваат 16 отсто од БДП на Македонија
17.06.2025
Потоа, следуваат 2.940 македонски граѓани на кои лани им бил одбиен влез во земјите од унијата, а на третото место (2.445) се македонските граѓани кои биле вратени откако им била изречена наредба за враќање.
Податоците на Евростат покажуваат дека во 2025 година, на 132.600 државјани на трети земји им бил одбиен влез во ЕУ на една од нејзините надворешни граници, што претставува зголемување од 7,1 проценти во споредба со 2024 година. Најголем број одбивања е забележан во Полска (28.960 или 21,8 проценти од вкупниот број на ЕУ), по што следат Франција (12.210/9,2 проценти), Хрватска (12.090/9,1 проценти) и Шпанија (10 610/8 проценти).
Во 2025 година, мнозинството (53,9 проценти) од државјаните на трети земји на кои им бил одбиен влез во ЕУ биле на надворешни копнени граници, проследени со воздушни граници (43,1 проценти), додека само мал дел (3 проценти) биле на морски граници.
Најголем број државјани од трети земји на кои им е одбиен влез во ЕУ е забележан кај Украинците (26.975), по што следат Албанците (12.430), Молдавците (11.660), Колумбијците (6.565), Турците (5.635) и Србите (5.440), од кои повеќето се од земји што делат копнени граници со ЕУ.
Во 2025 година, главната причина за одбивање на влез била „неоправдана цел и услови на престој“ (30,3 проценти), по што следувале „лицето веќе престојувало 3 месеци во рок од 6 месеци“ (16,9 проценти) и „нема важечка виза или дозвола за престој“ (15,3 проценти).
Нелегален престој
Во 2025 година, 719.395 државјани на трети земји беа откриени како нелегално присутни во ЕУ, што е намалување од 21,7 проценти во споредба со 2024 година. Германија (23,4 проценти од вкупниот број во ЕУ) и Франција (22,2 проценти) пријавиле најголеми удели, по што следуваат Италија (11,5 проценти), Грција (8,5 проценти) и Шпанија (8,2 проценти).
Лани, алжирските државјани учествувале со најголем број државјани на трети земји за кои е утврдено дека нелегално престојуваат во ЕУ (70.905), по што следуваат државјаните на Авганистан (42.635), Мароко (39.030) и Украина (36.800).
Наредба да си заминат
Во минатата година на државјани на трети земји во ЕУ им биле издадени 491.950 налози за напуштање/враќање, што претставува зголемување од 5,8 проценти во споредба со 2024 година. Франција пријавила најголем број (137 550 или 28 проценти од вкупниот број во ЕУ), по што следуваат Германија (55.240 или 11,2 проценти) и Шпанија (53.700 или 10,9 проценти).
Најголем број државјани на трети земји на кои им било наредено да ја напуштат територијата на земја од ЕУ биле државјани на Алжир (45.725), по што следуваат Мароко (29.030), Турција (24.780) и Сирија (20.055).
Во 2025 година, 135.460 државјани на трети земји кои добиле наредба да ја напуштат земјата на ЕУ биле вратени во трета земја, што претставува 87,3 проценти од вкупните враќања (155.110). Лани, најголем број државјани на трети земји вратени во трета земја во ЕУ биле државјани на Турција (13.405), по што следуваат Грузијци (10.475), Сиријци (8.370), Албанци (8.020) и Руси (5.725).