Додека познавачите на кинеските прилики очекуваат за американскиот претседател Доналд Трамп да биде организирана голема манифестација на историскиот плоштад Тјананмен во Пекинг, целиот свет со одредена доза страв го очекува самитот на кинескиот претседател Шји Џинпинг со неговиот американски колега, надевајќи се барем на некаков договор меѓу лидерите на двете суперсили, од клучните прашања за глобалната трговија и економските односи, преку конфликтот во Иран и политиката кон Тајван, до иднината на развојот на вештачката интелигенција (ВИ).
Иако во дел од анализите и натаму се очекува оваа средба да означи своевидно формирање на Г2, односно САД и Кина да постигнат договор со кој своите интереси ќе му ги наметнат на целиот свет како некакви одговорни чувари на колективното добро, ваквиот развој на настаните е малку веројатен. Сепак, и покрај меѓусебното економско, стратешко и безбедносно ривалство, сè поизвесно е дека двете суперсили настојуваат да избегнат директен судир во секоја област каде што последиците од таков конфликт би биле погубни за нивните економии.
Според оценката на австриско-бугарската експертка за геополитичка стратегија Велина Чакарова, се соочуваме со реалноста на нова Студена војна меѓу Америка и Кина, која е во стратешко партнерство со Русија, при што „двете суперсили мора да дефинираат одредени правила на однесување и да управуваат со своето системско ривалство на начин што нема да го доведе целиот свет на работ на глобален системски колапс“.
Опипување на пулсот
Првата посета на американски претседател на Кина по речиси 10 години, според оценката на директорот на Центарот за сили во подем и глобален развој при британскиот Институт за развојни студии, Џинг Гу, претставува „стратешко извидување“ меѓу двете ривалски суперсили.
„Двете страни се обидуваат да ги прочитаат најновите потези на другата страна, да ги разјаснат црвените линии и да тестираат до каде може да оди притисокот пред стабилната тензија да премине во судир“, изјави Гу за „Ал Џезира“. „Целта не е нужно да се стави крај на натпреварувањето, туку да се разбере теренот, да се управува со темпото и да се избегне конфликт под неповолни услови. Во таа смисла, посетата е помалку насочена кон помирување, а повеќе кон одржување контролирана тензија во која натпреварувањето може да продолжи без да прерасне во отворен судир.“
Според Гу, сите американски преговори, од трговијата, преку технологијата, до прашањата за управување и безбедност, „се вртат околу клучното прашање: како конкуренцијата да остане интензивна, но сепак ограничена“.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент беше задолжен за трговските преговори со Кинезите во пресрет на самитот./Bloomberg
Според оценката на коментаторот на швајцарскиот весник „Ле Тан“, Фредерик Колер, самитот претставува можност за градење доверба, бидејќи е неопходно тој однос да се стабилизира преку конкретни заштитни механизми за да се избегне ескалација што би можела да го потресе целиот свет.
„Досега двете земји успеаја да го направат тоа без поголеми инциденти. Решавањето на кризата во Ормускиот теснец би можело да послужи како можност за обновување на минимално ниво на доверба, особено во областа на воените комуникации“, истакнува Колер и додава дека, во замена за трговски отстапки од Вашингтон, Пекинг би можел да изврши влијание врз Техеран и да му помогне на Трамп да излезе од ќор-сокакот што сам го создаде. „Ова би била можност да се покаже дека, и покрај нивното ривалство, овие две сили се способни да дејствуваат одговорно.“
Сè повеќе аналитичари ја истакнуваат неопходноста од соработка меѓу големите сили околу фундаменталните предизвици, како што се револуцијата на вештачката интелигенција (ВИ) или климатските промени и нивните последици, како војните за вода, сè поголемите миграциски бранови и пандемиите. Како што истакнува францускиот коментатор Патрик Сабатје, ниту една сила не може сама да се справи со овие предизвици, кои потенцијално можат да имаат катастрофални последици.
„Сепак, Кина и САД се вклучени во технолошка трка во вооружување околу вештачката интелигенција и вселената — првите конфликти во виртуелната војна“, истакнува Сабатје во францускиот весник „Либерасион“. „Тешко е да се замисли соработка меѓу непредвидливите САД, кои се обидуваат да ја зачуваат својата опаѓачка хегемонија, и Кина која сака повторно да го воспостави ‘Средишното кралство' (односно повторно да стане глобален центар на моќ).
Трговски преговори
И покрај тоа што Трамп сака повторно да ги потврди САД како најмоќна земја, а Шји очигледно го сака истото, но за Кина, нивната октомвриска средба во Јужна Кореја покажа дека сепак се подготвени да укинат различни трговски ограничувања по повеќемесечни преговори и тензии, како и по сознанието дека, доколку не се управува со ривалството, тоа може да биде погубно за двете страни.
Сепак, Трамп и Шји и натаму ќе имаат за многу работи да разговараат во текот на овој дводневен самит во Пекинг, при што е очигледно дека американскиот претседател ќе се залага за зголемување на кинеското купување американски земјоделски производи, додека кинескиот лидер сигурно ќе врши притисок врз САД да се откажат од неодамна најавената трговска истрага против кинеските компании за нефер деловни практики.
Кинескиот вицепремиер Хе Лифенг е задоволен од преговорите во пресрет на самитот/Bloomberg
Поконкретно, додека Кина вложува огромни средства во ВИ и хуманоидни роботи, што е дел од она што Шји го опишува како „нови производствени сили“ со кои се надева дека ќе ја придвижи кинеската економија напред, многумина во САД веруваат дека кинеските компании крадат американска технологија за да ги унапредат своите домашни индустрии, како што е обвинувањето дека кинескиот „Дип Сик“ (DeepSeek) ги копира американските ВИ модели.
Во пресрет на самитот, во Сеул подготвителни разговори за економските и трговските прашања веќе имаа американскиот министер за финансии Скот Бесент и кинескиот вицепремиер Хе Лифенг, кои двете страни ги оценија како „искрени, детални и конструктивни“.
Во тие разговори трговските прашања значително се испреплетоа и со геополитичките и безбедносните теми, бидејќи Белата куќа врши притисок врз Пекинг да помогне во повторното отворање на Ормускиот теснец. Поточно, Бесент ја повика Кина да ѝ се приклучи на американската операција за придружба на бродови низ овој поморски пат, заканувајќи се дека САД ќе воведат санкции за рафинериите во Кина што преработуваат иранска сурова нафта.
И додека Трамп уверува дека не го загрижува растот на цените на енергенсите поради блокадата на Ормускиот теснец, туку можноста Иран да развие нуклеарна бомба, конфликтот на Блискиот Исток веќе предизвика нафтена криза, која во наредните месеци би можела да прерасне во многу поширока светска економска криза.
Истовремено, Кина и САД настојуваат да создадат своевиден механизам што би можел да помогне во надгледувањето на нивните трговско-економски односи и управувањето со билатералните несогласувања што се интензивираа во последните години.
Трамп во Пекинг поведе многу извршни директори на најголемите американски финансиски, технолошки, воздухопловни и земјоделски компании, како што се „Тесла“ (Tesla), „Енвидија“ (Nvidia), „Епл“ (Apple), „БлекРок“ (BlackRock), „Блекстоун“ (Blackstone), „Боинг“ (Boeing), „Ситигруп“ (Citigroup), „Џенерал електрик“ (General Electric) и „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs), во обид да направи пробив во постигнувањето договор со Шји.
„Ќе го замолам претседателот Шји, лидер со исклучителен углед, да ја ‘отвори’ Кина за овие брилијантни луѓе да можат да ја покажат својата магија и да помогнат Народна Република Кина да се издигне на уште повисоко ниво“, објави Трамп на социјалните мрежи.
Иако Кина трговски повеќе не е толку зависна од САД како што беше за време на првиот претседателски мандат на Трамп, Шји сигурно ќе сака оваа средба да помине добро бидејќи на Кина ѝ е потребна стабилност во глобалната економија, која е изложена на големи потреси.
Аналитичарите проценуваат дека Пекинг веројатно ќе биде подготвен за помали отстапки, како купување американска соја, природен гас или авиони, како и во однос на кинеските инвестиции во Америка.
Како што истакнува коментаторот на грчкиот дневен весник „Нафтемпорики“, Михалис Псилос, двете суперсили се меѓусебно зависни. Тој наведува дека американската индустрија не би можела да функционира без кинеските ретки елементи, чија вредност изнесува 1,2 билиони долари, што е еквивалентно на 4 проценти од американскиот БДП.
„Но, од друга страна, подеднакво е точно дека кинеската економија не може да опстане без извозот во САД. И тоа е картата што Трамп ја држи во рацете. Иако Пекинг секако може да ги продава своите производи во многу други делови од светот, без извозот во САД би бил принуден да ги преиспита сите свои петгодишни, десетгодишни и петнаесетгодишни планови — и, по сè изгледа, да се подготви за рецесија“, истакнува Псилос и додава дека, дури и ако не се сакаат, Трамп и Шји мора да постигнат договор, што е во интерес на целиот свет.
Со оглед на тоа што Кина е доминантна во ископувањето ретки земни метали и производството на роботи, а САД во производството на врвни компјутерски чипови неопходни за развој на ВИ и роботика, дел од анализите се оптимистични дека сепак е можно да се постигне договор според кој САД би можеле да добијат кинески ретки суровини во замена за најсовремени чипови.
Факторите Иран и Тајван
И додека испораката на суровини претставува своевиден кинески Ормуски теснец, бидејќи Пекинг може да ја запре испораката во секој момент, Кина воедно е и најважниот сојузник на Иран и негов најголем купувач на нафта, па се наоѓа во позиција да изврши ефикасен притисок врз Техеран повторно да го отвори Ормускиот теснец. Тоа воедно би претставувало огромна придобивка за угледот на земјата.
Кина веќе тивко се вмеша како миротворец во оваа војна, и тоа преку своето влијание врз Пакистан, кој се профилираше како посредник во преговорите меѓу САД и Иран.
Германскиот коментатор Јенс Минхрат затоа смета дека Трамп патува во Пекинг како некој што моли, забележувајќи дека американскиот претседател веќе подолго време престанал да зборува за неопходноста од ограничување на Кина.
Кина и САД се прилично меѓусебно зависни во трговијата/Bloomberg
„Но, тоа првенствено е последица на фактот што ‘големиот (мировен) посредник’ во Белата куќа превиде еден мал — но никако безначаен — детаљ: Кина има монопол врз суровините неопходни за американската технолошка индустрија, односно ретките земни елементи“, наведува Минхрат за економскиот весник „Ханделсблат“.
Сепак, и на Кина ѝ одговара иранската војна да заврши, бидејќи блокадата на извозот на нафта и нафтени деривати од Заливот ѝ создава економски тешкотии, и покрај огромните кинески резерви на сурова нафта и преземањето водечка улога во областа на обновливите извори на енергија и електричните автомобили.
Посетата на иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи на Пекинг минатата недела изгледаше како внимателно осмислен потег за да се покаже колкаво влијание има Кина на Блискиот Исток, што не му остана незабележано на официјален Вашингтон.
Истовремено, во преговорите и иднината на Тајван ќе биде значаен фактор, особено во ситуација кога Трамп испраќа нејасни пораки кога станува збор за островот што Кина го смета за дел од својата територија.
Минатиот декември, САД објавија договор за вооружување со Тајван вреден 11 милијарди долари, што ја разгневи кинеската влада, за подоцна Трамп да го критикува Тајван, истакнувајќи дека Кина го смета за своја територија.
„Тој (Шји) го смета за дел од Кина и од него зависи што ќе прави“, изјави Трамп, притоа критикувајќи го Тајван дека на Америка „не ѝ дава ништо“ за американските безбедносни гаранции.
Сепак, Пекинг очигледно прави разлика меѓу објавите на Трамп на социјалните мрежи и официјалната американска надворешна политика, па дополнително го засилува инсистирањето САД да престанат со вооружувањето на Тајван, додека истовремено многу често испраќа свои воени авиони и бродови околу островот.
Економската експертка Алисија Гарсија Хереро укажува на глобалната димензија на тајванското прашање, истакнувајќи дека Тајванскиот теснец е животна артерија низ која поминува најважниот ресурс за вештачката интелигенција.
„Тајван произведува повеќе од 90 проценти од најнапредните полупроводници во светот — чипови што ги придвижуваат дата-центрите за ВИ, најсовремените системи за вооружување и дигиталната инфраструктура на западните демократии. Криза во Тајванскиот теснец би имала последици споредливи со блокада на Ормускиот теснец — или уште полоши“, истакнува таа за шпанскиот весник „Ел Паис“. „Преговорите на Трамп со Шји нема да ја одредат само иднината на островот со 23 милиони жители, туку и рамнотежата на силите во децениите што доаѓаат.“
Остатокот од светот ги чека последиците
Малкумина во светот очекуваат овој самит да донесе повеќе ред во меѓународните односи. Ппред сè се следи какви темели ќе постави за надметувањето на двете суперсили во наредните години.
„Како и многумина во САД, Трамп има конфронтирачки став кон Кина. Сепак, она што навистина изгледа дека го сака е голем договор со Шји на сметка на сите други — вклучително и нас, Европејците“, истакнува Нико Ланге, основач и директор на берлинскиот Институт за анализа на ризици и меѓународна безбедност.
Сепак, од последиците од евентуален американско-кинески договор стравуваат не само во Европа, туку и остатокот од светот. Како што истакнува британскиот експерт Џинг Гу, Европа, Индија, Јапонија, Бразил, Јужна Африка, Блискиот Исток, земјите од АСЕАН и многу економии во развој не сакаат Кина и САД да преговараат за глобалниот поредок без нивно учество.
Европската Унија стравува од американско-кинески трговски договор/Bloomberg
Европа е особено загрижена поради трговски договор што би ја исклучил и дополнително би го забрзал слабеењето на нејзината позиција на светската сцена, особено затоа што трансатлантските односи меѓу ЕУ и САД се обележани со растечки тензии околу бројни прашања, од функционирањето на НАТО, преку прашањето за Гренланд, до воената помош за Украина во одбраната од руската инвазија.
Иако лидерите на ЕУ во февруари се согласија да настојуваат да ја намалат европската зависност од американскиот течен природен гас и кинеските ретки минерали, ЕУ засега е уште далеку од постигнување на таа цел.
Истовремено, и големите земји во развој, како Индија и Бразил, ги гледаат тензиите меѓу САД и Кина како предизвик за сопствените економски и стратешки амбиции.
Помалите земји од глобалниот југ, пак, стравуваат дека евентуален договор за обемни кинески инвестиции во САД всушност би можел да го пренасочи кинескиот капитал и технологија од нивните земји, каде што кинеските компании во последните години значително инвестираа во изградба на производствени капацитети поврзани со чиста енергија.
Иако многу земји сакаат стабилни односи меѓу САД и Кина, вишиот истражувач на ИСД, Џинг Гу, изјави дека Европа не сака „да стане извршител на правила во свет во кој Вашингтон и Пекинг ги одредуваат условите за трговија, технологија, финансирање на климатските промени, управување со вештачката интелигенција и индустриската политика“.
И додека Европа е загрижена поради исклученоста од одлучувањето и подредената позиција, глобалниот југ не сака свет поделен на сфери на влијание или управуван преку билатерален договор меѓу две суперсили.