САД и Иран се во ќор-сокак од април, кога беше договорен прекин на огнот, без успех да постигнат договор за завршување на војната, која трае повеќе од два месеца, а однесе илјадници животи и предизвика глобален енергетски шок.
Тензиите остануваат високи бидејќи Иран ја задржува строгата контрола врз пловидбата низ Ормускиот Теснец, додека САД одбиваат да ја укинат поморската блокада на бродови поврзани со Иран. Откако во мај ја отфрли иранската контрапонуда за прекин на непријателствата, претседателот Доналд Трамп изјави дека примирјето е на „апарати“.
Сè уште постојат големи разлики меѓу двете страни, но и двете изгледа се движат кон краткорочен договор што би го решил проблемот со Ормускиот Теснец, додека покомплексните прашања, како иднината на иранската нуклеарна програма, би се оставиле за подоцнежни преговори.
Прочитај повеќе
Што е смртоносниот хантавирус и како се проширил на крузерoт „Хондиус“?
Симптомите на хантавирусот често почнуваат како грип, но кај тешки случаи може брзо да преминат во респираторни компликации. Не постои специфичен лек или широко достапна вакцина.
08.05.2026
Зошто моделот Митос на „Антропик“ предизвикува загриженост низ цел свет?
„Антропик“ изјави дека неговата нова алатка за вештачка интелигенција (ВИ), Митос, е премногу моќна за да биде објавена за општа употреба.
23.04.2026
Зошто „Лајв нејшн“ е обвинувана за високите цени на концертните билети
Судењето против „Лајв нејшн“ заврши со тежок удар за концертниот гигант, обвинет дека држи монопол и дека преку „Тикетмастер“ ги крева цените на билетите.
16.04.2026
Ормускиот Теснец
Ормускиот Теснец, преку кој обично поминува околу една петтина од светската нафта и течен природен гас, стана клучна точка на конфликтот.
Иран ја ограничи пловидбата по почетокот на војната на 28 февруари, што ги зголеми цените на енергентите и ја влоши глобалната инфлација, додека дозволува транзит само на одредени бродови, понекогаш и со високи такси.
Bloomberg Mercury
САД одговорија со економски притисок и поморска блокада на бродови поврзани со иранските пристаништа, што доведе до застој: Иран бара укинување на блокадата пред отворање на теснецот, додека Трамп инсистира дека блокадата останува до постигнување договор. Техеран, пак, најавува дека сака долгорочно да го задржи влијанието врз овој клучен морски премин.
Иранската нуклеарна програма
Едно од главните спорни прашања е и иранската нуклеарна програма. САД бараат Иран да биде лишен од капацитети за збогатување ураниум, освен за цивилната електроцентрала во Бушер, за да се спречи развој на атомско оружје. Иран долго време негира дека сака да развие нуклеарно оружје - тврдење што некои западни влади го прифаќаат со скептицизам - и инсистира дека има право да збогатува ураниум за цивилни цели.
Администрацијата на Трамп се залага за временски ограничен мораториум на иранските активности за збогатување ураниум. Иран е отворен за пократка суспензија од 20-годишната што ја предложија САД, објави „Волстрит журнал“ (Wall Street Journal), повикувајќи се на лица запознаени со прашањето.
Покрај идното збогатување, постои и прашањето за постојните ирански резерви од ураниум. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека војната на САД и Израел со Иран не е завршена бидејќи овој нуклеарен материјал мора да биде отстранет, а преостанатите капацитети за збогатување демонтирани. Договор што не ги исполнува овие критериуми ризикува нова израелска воена интервенција.
Последниот пат кога надзорното тело на Обединетите нации за нуклеарна енергија можеше да ги провери иранските резерви од ураниум беше пред американските и израелските напади во јуни 2025 година. Инспекторите од Меѓународната агенција за атомска енергија утврдија дека Иран има складирано 441 килограм (972 фунти) ураниум збогатен до 60 отсто, што ако дополнително се обработи, би било доволно за околу десетина нуклеарни бомби.
Bloomberg Mercury
Иран понудил да разреди дел од високозбогатениот ураниум и остатокот да го испрати во трета земја, според „Волстрит журнал“, но исто така побарал гаранции дека пренесениот материјал ќе биде вратен ако САД се повлечат од мировниот договор.
Конфликтот во Либан
Иран инсистира дека договорот за завршување на војната мора да го опфати и конфликтот во Либан, каде што Израел води паралелна војна против милитантната група Хезболах поддржана од Иран.
САД водат одделна дипломатска линија за деескалација на конфликтот во Либан. Тие посредуваа во кревкиот прекин на огнот меѓу Израел и Либан кон средината на април, а двете страни потоа одржаа разговори во Вашингтон. Хезболах не беше дел од преговорите.
Разговорите досега не донесоа пробив, а Израел и Хезболах продолжија со напади и по објавениот прекин на огнот. Едно од клучните барања на Израел е разоружување на Хезболах, но групата одбива да се откаже од своето воено крило, а либанската влада досега не успеа да ги разоружи.
Санкции, балистички ракети и милиции
Другите услови на Иран за договор вклучуваат укинување на санкциите и ослободување на замрзнатите средства. САД понудија отстапки во овие области во својот мајски предлог, објави „Аксиос“ (Axios). Иран исто така постави и барања што веројатно нема да бидат прифатени, како компензација за воените штети и повлекување на американските борбени сили од регионот.
САД бараат Иран да ја ограничи својата балистичка ракетна програма. Овие оружја претставуваат конвенционална воена закана што може да достигне надвор од Блискиот Исток и би можеле да се користат како систем за лансирање нуклеарно оружје, доколку Иран одлучи да развие таква способност.
Администрацијата на Трамп исто така бара Иран да престане да вооружува и финансира милиции во регионот, како Хезболах во Либан и Хутите во Јемен, и двете означени како терористички организации од страна на САД. Иран ја гледа својата мрежа на прокси-групи како дел од „оската на отпор“ за проекција на влијание на Блискиот Исток.
Трамп може да биде подготвен за компромис на неговите максималистички барања и да остави некои клучни прашања нерешени, бидејќи се соочува со политички и економски притисок да најде излез од војната. Конфликтот ги зголеми цените на бензинот во САД над 4,50 долари за галон за првпат од 2022 година, зголемувајќи го притисокот врз потрошувачите пред изборите за Конгресот во текот на оваа година.