Американскиот претседател Доналд Трамп го покани кинескиот претседател Шји Џјинпинг во официјална посета на Белата куќа на 24 септември, во момент кога Вашингтон и Пекинг се обидуваат да ги стабилизираат односите по долг период на трговски и геополитички тензии.
„Доколку посетата се реализира, тоа ќе биде прва државна посета на Шји Џјинпинг на САД од 2015 година. Две години подоцна, односно во 2017 година, Шји ја посети Америка на билатерална лидерска средба, а потоа и во 2023 година за време на самитот АПЕК, кога односите со администрацијата на Џо Бајден повторно почнаа да се стабилизираат по спорот со кинескиот шпионски балон.
Според аналитичарите, изборот на 24 септември не е случаен, бидејќи главната недела на Генералното собрание на Обединетите нации започнува на 22 септември. И Кина и САД во изминатиот период изразуваа сомнежи околу ефикасноста на Обединетите нации, иако Пекинг повеќе се залага за реформирање на организацијата отколку за нејзино напуштање.“
Инаку, посетата на Трамп на Кина, која Шји ја нарече „историска“, беше проследена со државен банкет и серија средби на високо ниво, при што и двајцата лидери разменија пофалби за меѓусебните односи и за можностите за соработка меѓу двете најголеми светски економии.
Шји порача дека Кина и САД добиваат од соработка, а губат од конфронтација и повтори дека двете земји треба да бидат партнери, а не ривали. Кинескиот лидер оцени и дека тој и Трамп успеале да ја одржат „целокупната стабилност“ на односите меѓу двете држави преку средби и телефонски разговори.
Трамп, пак, за време на банкетот рече дека разговорите биле „исклучително позитивни и продуктивни“ и дека темите што биле отворени се „добри и за САД и за Кина“.
Кинеските државни медиуми објавија дека Шји за време на разговорите повторно го извикал слоганот на Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема“, кој тој го користеше и за време на нивната средба во Бусан минатата година.
Разговорите опфатиле трговија, царини, енергетика и пристап до пазарите. Според американски претставници, двете страни разговарале за зголемување на трговијата со земјоделски производи и нафта, а биле отворени и теми поврзани со пристапот на американските компании до кинескиот пазар.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави дека Вашингтон и Пекинг разговараат за можно намалување на дел од царините, почнувајќи со околу 30 милијарди долари трговија во области што не се сметаат за чувствителни. Бесент откри и дека се разгледува формирање „инвестициски одбор“, кој би им овозможил на кинеските компании да инвестираат во САД во несензитивни индустрии.
Во разговорите лидерите се осврнале и на ситуацијата на Блискиот Исток. Според американските информации од средбата, Трамп и Шји се согласиле дека Ормускиот Теснец мора да остане отворен, додека Бесент изјави дека кинеските власти ќе направат „што можат“ за повторно отворање на теснецот.
Кинескиот премиер Ли Кијанг, кој се сретна со американски бизнисмени, порача дека економската и трговската соработка меѓу Кина и САД има „огромен обем“ и дека зајакнувањето на соработката не само што ќе донесе заемна корист туку ќе придонесе и за глобален економски раст.
Во американската делегација што пристигна со Трамп беа и директори на некои од најголемите технолошки компании, меѓу кои „Енвидија“ (Nvidia Corp.), „Епл“ (Apple Inc.) и „Тесла“ (Tesla Inc.).
Прашањето за Тајван остана една од најчувствителните теми на разговорите. Шји повторно предупреди дека погрешно менаџирање на тоа прашање може да претставува опасност за односите меѓу САД и Кина. Според американски претставници, Трамп бил „многу цврст“ во одговорите поврзани со Тајван, додека американската страна оцени дека претседателот ги разбира чувствителностите околу ова прашање.
Посетата внимателно ја следеа и финансиските пазари. Кинеските акции ослабеа во текот на денот, а индексите во Хонгконг и континентална Кина затворија блиску до најниските дневни нивоа. Од друга страна, фјучерсите на американските акции забележаа благ раст, додека акциите на „Енвидија“ имаа подобри перформанси во претпазарното тргување.