Иран разговара со Оман за воспоставување некаков вид постојан систем на такси, со кој формално би се регулирала неговата контрола врз поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец.
„Иран и Оман мора да ги мобилизираат сите свои ресурси и за обезбедување безбедносни услуги и за управување со пловидбата на најсоодветен начин“, изјави во средата во Париз, во интервју за „Блумберг“, иранскиот амбасадор во Франција, Мохамад Амин-Неџад.
Bloomberg
„Тоа ќе создаде трошоци и сосема е логично оние што сакаат да имаат корист од овој сообраќај да го платат својот дел“, изјави тој, додавајќи дека системот ќе биде транспарентен. „Ако денес постои желба за подобрување на ситуацијата, мора да се најде решение за отстранување на причината за проблемот.“
Владата на Оман не одговори веднаш на барањето за коментар.
Иранското затворање на теснецот, без преседан досега, е најголемата последица од американско-израелската војна против Исламската Република. Сообраќајот се намали од почетокот на конфликтот кон крајот на февруари, при што Иран пропушта само ограничен број пловила, додека САД ги блокираа иранските пристаништа. Тоа предизвика скок на цените на енергенсите и глобална распродажба на државни обврзници, бидејќи инфлациските притисоци се засилуваат.
Теснецот меѓу Иран на север и Оман на југ го поврзува Персискиот Залив со Индискиот Океан и вообичаено низ него минуваат една петтина од светските испораки на нафта и течен природен гас, како и други суровини, меѓу кои алуминиум и ѓубрива.
Иран одбива повторно да го отвори Ормускиот теснец додека САД не се согласат да ја укинат поморската блокада на иранските пристаништа. Амин-Неџад инсистираше дека сообраќајот не е целосно прекинат, а Иран без докази тврдеше дека меѓу вторникот и средата низ теснецот поминале 26 танкери и други бродови со помош на Исламската револуционерна гарда.
Тоа би било невообичаено висок број за последните недели, но и натаму далеку под нивото пред војната, кога низ теснецот минувале околу 135 бродови дневно.
Амин-Неџад за падот ги обвини превисоките трошоци за осигурување, иако бродските компании велат дека главниот проблем е ризикот од ракетни и беспилотни напади, како и од морски мини. Повеќето компании наведуваат дека нема да испраќаат пловила низ теснецот додека не заврши војната.
Иран и САД на 8 април се договорија за кревко примирје и преку Пакистан разменуваат пораки за можен мировен договор. Сепак, завојуваните страни и натаму се далеку од договор, напротив, во последните денови и двете порачаа дека се подготвени повторно да продолжат со судирите.
Ормускиот теснец останува клучна спорна точка, бидејќи САД, Европа и арапските држави од Заливот, како Саудиска Арабија, тврдат дека Иран не може да има контрола врз овој тесен поморски премин што се наоѓа во меѓународни води.
Иран сега ја прошири својата јурисдикција и воведе нови правила за бродовите што сакаат да минуваат низ пловниот пат, кој на најтесниот дел е широк околу 39 километри. Тоа значи дека бродските компании мора да се обратат до ново тело наречено Управа за Персискиот Залив, кое издава барања за плаќање и до два милиони долари за безбеден премин.
Иран тврди дека држави како Кина и Јужна Кореја се координирале со морнарицата на Исламската револуционерна гарда за нивните бродови да можат да поминат низ теснецот. Ниту една од тие држави не го потврди тоа.
Техеран сигнализира дека ќе ја задржи контролата врз Ормускиот теснец и по завршувањето на војната, со цел да спречи идни напади од САД и Израел. Тоа би можело да стане и начин за зголемување на приходите на ослабената економија.
Американскиот претседател Доналд Трамп, откако претходно навести дека и САД би можеле да воведуваат такси, сега му порача на Иран „подобро да не помислува“ на патарини. Во еден момент дури спомена и можност за заедничко американско-иранско управување со теснецот.
Првиот човек на најголемата нафтена компанија од Обединетите Арапски Емирати предупреди дека со Ормускиот теснец се создава „опасен преседан“.
„Штом ќе прифатите дека една држава може да ја држи како заложник најважната поморска рута во светот, слободата на пловидба каква што ја знаеме е завршена“, изјави во средата Султан Ал Џабер. „Ако денес не го браниме тој принцип, следната деценија ќе ја потрошиме справувајќи се со последиците.“
Амин-Неџад, пак, ги минимизираше тензиите со Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија. Според „Блумберг“, двете земји пред примирјето извршиле одделни тајни напади врз Иран, како одговор на илјадниците беспилотни летала и ракети што Иран ги испрати кон нив и кон држави како Катар и Бахреин.
„Најтешките моменти за нас беа кога немавме друг избор освен да нападнеме воени бази во државите од кои беше нападната иранската територија“, рече Амин-Неџад, додавајќи дека „насобраните недоразбирања“ лесно би можеле да се решат по завршувањето на војната.
Голем број ирански проектили беа насочени кон цивилни и невоени цели, како пристаништа и нафтени рафинерии. Амбасадорот оцени дека САД ја потцениле издржливоста на Иран.
„Нивната анализа се темелеше на верувањето дека со притисок врз иранскиот народ, санкции и речиси целосно ембарго, за три или четири дена целосно ќе го решат проблемот“, изјави тој.
„Замислуваа дека Иран е некоја друга Венецуела“, рече Амин-Неџад, алудирајќи на апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро во јануари.
Во подготовката на текстот помогнаа и Голнар Мотевали и Пол Волас.