Земјите од Персискиот Залив и Пакистан ги засилија напорите кревкиот прекин на огнот во војната со Иран да го претворат во траен мировен договор, додека американскиот претседател Доналд Трамп повторно сигнализираше дека конфликтот наскоро би можел да заврши.
Асим Мунир, командант на пакистанската армија и омилен посредник меѓу САД и Иран, во петокот го посети Техеран на разговори за договор со иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, кои траеја до доцна во ноќта. Арагчи одделно разговараше и со своите колеги од Оман, Турција, Катар и Ирак, како и со генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, соопшти иранското Министерство за надворешни работи.
Прекинот на огнот беше договорен пред шест недели, со што привремено беа запрени борбите што избувнаа кога САД и Израел на 28 февруари започнаа воздушни напади врз Иран. Иран возврати со ракетни и напади со дронови врз земјите од Персискиот Залив и пошироко. Илјадници луѓе загинаа, а најголем дел од нив во Иран.
Прочитај повеќе
Пакистан и заливските земји во мисија за спас на мирот
Привремениот прекин на огнот накратко ги намали тензиите, но клучните прашања и натаму остануваат нерешени, оставајќи ја судбината на регионот и светските пазари неизвесна.
23.05.2026
ОАЕ, Саудиска Арабија и Катар го молат Трамп да му даде шанса на мирот
Арапските земји богати со нафта се плашат од хаос во нивните економии доколку продолжи војната со Иран
22.05.2026
Најлошото сценарио изгледа поверојатно за европските акции
Европските акции под притисок: инвеститорите се повлекуваат за првпат по 2024 година, додека економијата слабее, инфлацијата останува висока, а пазарите стануваат сè понеизвесни.
22.05.2026
Ураниумот и таксите во Ормуз главни пречки за договор меѓу САД и Иран
Додека цените на нафтата силно осцилираат, светот внимателно следи дали Блискиот Исток оди кон договор или кон нова ескалација.
22.05.2026
Затворањето на Ормускиот Теснец може да предизвика рецесија како во 2008 година, според „Рапидан“
Цените на нафтата речиси се удвоија од крајот на февруари.
22.05.2026
Траен мировен договор засега останува недостижен, што ги држи глобалните енергетски пазари во неизвесност, а цените на нафтата над 100 долари за барел. Обединетите Арапски Емирати им се приклучија на Катар и Саудиска Арабија во апелите до Трамп да остави повеќе време за преговори, велат повеќе лица запознаени со темата.
Трамп од почетокот на прекинот на огнот постојано менуваше тон, од уверувања дека мировниот договор е речиси на дофат до закани со нови воздушни напади. На митинг во сојузната држава Њујорк во петокот порача дека војната ќе заврши „наскоро“ и дека „цените на нафтата ќе паднат веднаш штом заврши со Иран“, додека државниот секретар Марко Рубио изјави дека е постигнат „мал напредок“ во преговорите.
„Не сакам да претерувам, но има мал напредок, и тоа е добро“, изјави Рубио пред медиумите во петокот на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Шведска.
„Тасним“, полуофицијалната иранска новинска агенција, цитираше извор близок до преговарачкиот тим на Техеран, кој изјавил дека е постигнат поголем напредок за некои прашања во споредба со претходните разговори, но дека никаков договор нема да биде постигнат додека не се решат сите спорни точки.
„Трамп нема друг избор освен да ги прифати барањата на иранскиот народ и да ги признае правата на Иран“, ја цитираше полуофицијалната агенција „Фарс“ изјавата на Реза Талаеи-Ник, портпарол на иранското Министерство за одбрана. „Игнорирањето на американските национални интереси од страна на Трамп, неговото застанување на страната на израелскиот режим и неговото арогантно однесување ќе го доведат САД уште подлабоко во военото мочуриште.“
Во меѓувреме, „Аксиос“ (Axios) и „Си-Би-Ес њуз“ (CBS News) објавија дека Трамп се подготвува за можен нов бран напади, иако сè уште нема донесено конечна одлука.
Какви било нови напади од САД или Израел би го прошириле конфликтот на „нови регионални фронтови“, цитираше „Тасним“ изјава на ирански воен извор.
Противењето на обновување на непријателствата расте меѓу Американците револтирани од остриот раст на цените на горивата, бидејќи конфликтот ги нарушува глобалните енергетски пазари. Овие стравувања, отсликани во повеќе анкети, одекнуваат и на Капитол хил, само неколку месеци пред изборите што ќе одлучат кој ќе го контролира Конгресот.
Претходно неделава, Сенатот под контрола на републиканците со процедурално гласање сигнализираше сè поголемо противење на продолжување на војната. Во четвртокот партиските лидери ненадејно го откажаа гласањето за конфликтот, бидејќи отсуството на републикански сенатори се закануваше со непријатен пораз за претседателот.
Правото на контрола врз сообраќајот низ Ормускиот теснец, клучен премин за глобалното снабдување со енергија кој во голема мера е затворен од почетокот на војната, заедно со иранската нуклеарна програма, остануваат главните пречки за дипломатијата.
САД повеќепати нагласија дека нема да му дозволат на Иран да развие нуклеарно оружје и бараат Техеран да се обврзе на прекин на збогатувањето ураниум најмалку една деценија. Иран јавно го отфрли тоа барање, инсистирајќи дека нема намера да произведе атомска бомба.
„Договорот и понатаму е поверојатен од ескалација, иако за влакно“, наведува „Еуроазија“ (Eurasia Group) во својата белешка. „Доколку договор биде постигнат викендов, тој веројатно би служел како привремен аранжман што би го продолжил прекинот на огнот за 30 дена и би создал простор за дополнителни рунди разговори за отворените прашања, вклучително и иранската нуклеарна програма.“