Група клучни европски сојузници на Украина работат со Киев на планови за вклучување на Русија во преговори за завршување на војната, бидејќи сметаат дека промената на динамиката на теренот ја зајакнува позицијата на претседателот Володимир Зеленски.
Претставници на трите најголеми европски економии - Германија, Франција и Обединетото Кралство - разговараат за можноста за одржување преговори во кои би учествувале двете страни, според лица запознаени со разговорите. Тие за ова прашање разговарале и со украински претставници, велат изворите, кои побарале анонимност поради доверливоста на разговорите.
Портпаролите на Франција и на Обединетото Кралство не одговорија веднаш на барањата за коментар. Портпаролот на германската влада одби да коментира.
Прочитај повеќе
Масовен руски напад со дронови и ракети врз Украина
Русија изврши масовен ноќен напад со стотици дрона и десетици ракети врз повеќе украински градови, со најтешки последици во Киев и Днепар.
02.06.2026
Русија го забрани извозот на авионско гориво откако се интензивираа нападите врз рафинериите
Забраната ќе трае до крајот на ноември за да избегне недостиг дома.
01.06.2026
Русија наведува украински дронови кон членки на НАТО, обвини Естонија
Естонија ја обвинува Русија за опасна игра со дронови што влегуваат во воздушниот простор на НАТО, додека Балтикот и Финска алармираат за зголемена безбедносна закана.
22.05.2026
Европа се соочува со силен раст на цените за воена опрема
Европските земји се соочуваат со повисоки цени за одбранбена опрема. Тие во некои случаи пораснале за повеќе од 50 отсто во последните две години во време кога НАТО сојузниците го зголемуваат военото трошење
17.05.2026
Зеленски доцна во средата изјави дека разговарал за „нивната заедничка дипломатија со Европа“ во телефонски разговор со британскиот премиер Кир Стармер.
„На Европа дефинитивно ѝ се потребни сопствен глас, сопствен став и сопствен придонес во сите дипломатски напори што можат да помогнат за завршување на војната“, напиша Зеленски на платформата Х. „Ги координиравме чекорите како да стигнеме до тоа.“
Со оглед на тоа што разговорите предводени од САД се во застој, а руските сили трпат сè поголеми загуби во услови на ќор-сокак на бојното поле, трите земји гледаат можност потенцијално да го доведат рускиот претседател Владимир Путин на преговарачка маса, велат изворите. Дополнителен притисок врз Кремљ создаваат сè поуспешните украински напади со дронови длабоко во руската територија, како и одредени знаци на отпор кон војната на Путин во највисоките кругови во Москва.
Со започнување преговори сега, сојузниците би се обиделе да избегнат уште една зима во која Русија најверојатно ќе ги засили нападите врз цивили и енергетска инфраструктура при обид на Путин да го поткопа украинскиот морал.
Изворите нагласуваат дека конечната одлука дали ќе се продолжи со обидите за разговори со Русија е на Зеленски и дека европските земји нема да вршат притисок врз украинскиот претседател да прифати стратегија со која не се согласува. Според нив, Стармер во наредните денови се очекува да разговара со германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон.
Сепак, не е јасно дали Путин е подготвен да разговара со европските лидери, кои повеќепати ги обвини дека помагаат во украинските напади врз Русија како дел од одбраната на Киев од инвазијата што самиот ја започна. Иако американскиот претседател Доналд Трамп се повлече од разговорите за да се фокусира на војната со Иран, Путин и натаму го смета Вашингтон за најважен соговорник за постигнување договор што би ги задоволил руските барања во Украина.
Сепак, тој остави отворена можност во изјавите пред новинарите во Казахстан во петокот.
„Од нас зависи дали ќе се сретнеме со овој или со некој друг актер во денешната западноевропска политика“, рече Путин. „Тие допрва треба да го предложат својот избор, а ние ќе видиме дали ќе го сторат тоа или не, дали има потреба да се сретнеме со овој или со оној политичар и дали можеме да им веруваме на еден или друг начин.“
Зеленски предупреди дека на Украина итно ѝ се потребни повеќе системи „патриот“ и други средства за противвоздушна одбрана, додека Русија продолжува да ги бомбардира украинските градови. Минатиот месец тој изјави дека Европа треба да се обиде да обезбеди сопствена улога во преговарачките напори, кои досега главно ги предводат САД. Украинскиот претседател повеќепати ги повика сојузниците дополнително да го зголемат притисокот врз Москва.
Критичарите на идејата за отворање разговори со Русија во овој момент, меѓу кои има и претставници од таканаречената група Е3, сметаат дека не е време за преговори со Москва бидејќи Путин не покажува знаци дека сериозно пристапува кон разговорите и продолжува да поставува максималистички барања, вклучувајќи и Украина да отстапи територии што Русија воопшто не ги контролира.
Наместо тоа, сојузниците на Киев треба да го искористат моментот за да му обезбедат на Зеленски оружје што му е потребно и дополнително да го зголемат притисокот врз Кремљ преку уште построги и поостри санкции, велат изворите.
Истите извори додаваат дека Е3 треба да работи со САД за да ја доведе Русија на преговарачка маса, бидејќи проблемот е во Москва, а не во Киев. Европските држави не треба да бидат тие што ќе го молат Путин за разговори, туку треба да биде обратно, со оглед на сè поголемите економски тешкотии на Русија и огромниот број месечни жртви, велат некои од соговорниците.
„Блумберг“ претходно овој месец објави дека високи претставници од руското Министерство за финансии и централната банка го предупредиле Путин дека трошоците за војната во Украина се движат по финансиски неодржлива патека, што претставува најсериозен знак за внатрешни несогласувања во Москва од почетокот на целосната инвазија. Сепак, тие предупредувања засега имаат мал ефект врз рускиот претседател, кој им наложил на претставниците да ги заштитат воените расходи и да бараат кратења во други области.