Нема знаци на напредок во разговорите за прекин на огнот меѓу САД и Иран по најсилниот бран на насилство во последните недели, а во исто време милицијата Хезболах, поддржана од Техеран, во четвртокот го отфрли примирјето во Либан посредувано од САД.
Претседателот Доналд Трамп изјави дека разговорите за прекин на огнот се во „завршна“ фаза. Претходно, иранскиот министер за надворешни работи рече дека преговорите се во застој. Во средата Иран истрела ракети и беспилотни летала кон Кувајт и Бахреин, при што едно лице загина, а десетици беа повредени на главниот аеродром во Кувајт, откако САД нападнаа нафтен танкер што пловел кон Исламската Република.
Во Либан, борците на Хезболах соопштија дека одбиваат да се придржуваат до условите за прекинот на огнот објавен од Стејт департментот на САД само неколку часа претходно. Според либанското Министерство за здравство, најмалку осум лица биле убиени во израелски напади. Израелската војска, пак, соопшти дека Хезболах истрелал неколку ракети кон нејзините војници, без пријавени повредени.
Прочитај повеќе
Израел и Либан се согласиле на прекин на огнот. Што е со Хезболах?
Голем дипломатски пресврт на Блискиот Исток: Израел и Либан се согласија на прекин на огнот, но клучниот потег сега е во рацете на Хезболах.
04.06.2026
Трамп се обидува да ги спречи израелските напади врз Либан
Претседателот Доналд Трамп сè уште е оптимист дека САД наскоро може да постигнат привремен мировен договор со Иран, откако Исламската Република се закани дека ќе ги прекине преговорите поради засилените напади на Израел во Либан.
02.06.2026
Трамп: „Договорот ќе заврши добро и покрај судирите меѓу САД и Иран“
Додека САД и Иран разменуваат напади, Трамп порача дека разговорите за привремен договор се движат во добра насока, соочувајќи се истовремено со растечки домашен притисок поради војната и поскапувањето на енергенсите.
01.06.2026
Запрашан од новинарите во четвртокот во Овалната соба за отфрлањето на примирјето од страна на Хезболах, Трамп рече: „Тие не ме отфрлија мене“ и тврдеше дека „тие нè повикаа“ за да разговараат за прекин на непријателствата.
Цената на суровата нафта брент благо порасна до близу 96 долари за барел, додека златото поевтини како реакција на тековната неизвесност околу статусот на разговорите меѓу САД и Иран.
Трамп повеќепати тврдеше дека договорот е блиску, иако Иран одбива да попушти пред неговите барања во врска со нуклеарната програма и повторното отворање на Ормускиот Теснец. Пред војната низ овој воден пат се транспортираше околу една петтина од светските резерви на нафта, но сообраќајот значително се намали откако САД и Израел го нападнаа Иран на 28 февруари. Претставници од индустријата предупредија дека цените би можеле повторно нагло да пораснат како што ќе се трошат резервите.
Во четвртокот Трамп во објава на социјалните мрежи напиша дека е „точно во средината на моите финални преговори за завршување на војната со Исламската Република Иран“. Тој не даде дополнителни детали за разговорите, туку ја искористи објавата за да го критикува гласањето во Претставничкиот дом, предводен од републиканците, за запирање на војната.
Иако овој потег нема да ја запре американската воена кампања против Иран, тој претставува одраз на растечката непопуларност на конфликтот во САД и загриженоста во самата партија на Трамп за влијанието на конфликтот врз претстојните избори.
Трамп ја објави пораката само неколку часа откако иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека „не е постигнат никаков опиплив напредок во процесот на преговори“ со САД, објави полуофицијалната новинска агенција „Тасним“.
Меѓу условите што ги поставил Иран било запирање на израелските напади во Либан, каде што израелските сили спроведуваат голема операција за протерување на Хезболах, поддржан од Иран.
„За Иран прашањето е дали Трамп ќе го ограничи Израел“, изјави Нејт Свансон, виш соработник во Атлантскиот совет и поранешен американски функционер, кој работел на ирански прашања во Стејт департментот и Советот за национална безбедност на Белата куќа. „Ако не може да ги ограничи во Либан, како ќе може да ги ограничи во Иран?“
Во четвртокот лидерот на Хезболах, Наим Касем, го отфрли договорот посредуван од САД меѓу Израел и либанската влада како „апсурден“. Групата, која не е страна во преговорите, нема да прифати нејзиното присуство во Либан да биде поврзано со запирање на војната и повлекувањето на Израел, наведе тој во писмо. Во јужен Либан судирите продолжија.