text size
Британскиот премиер Кир Стармер денеска ја објави својата оставка. Тој се повлече без политичка борба откако стана јасно дека веќе не ја има поддршката од кабинетот или од поширокиот парламентарен блок. Стармер рече дека ја прифатил одлуката со „добра волја“.
Сепак, емоционалниот набој беше очигледен кај премиерот, кој ги задржа солзите на крајот од својата изјава додека зборуваше за својата сопруга и семејство.
Одлуката на Стармер да се повлече без борба ќе биде олеснување за кандидатите за неговата функција. Отстранувањето на лидер на Лабуристичката партија, особено таков што ја држи моќта на премиерската функција, е тешка работа. Добра илустрација за тој факт е дека вакво нешто никогаш не се случило во 126-годишната историја на партијата.
Прочитај повеќе
Стармер пред тешки одлуки, ривалот Барнам повторно станува фактор кај лабуристите
Сè погласни се шпекулациите дека Кир Стармер се подготвува за повлекување, додека Енди Барнам ја зајакнува позицијата како најсериозен кандидат за наследник.
21.06.2026
Кандидатите за лидерската позиција треба да обезбедат номинации од 20 отсто од членовите на Лабуристичката партија во Долниот дом. Исто така, ќе им биде потребна поддршка од 5 отсто од изборните единици на Лабуристичката партија - локалните, основни тела на партијата - или најмалку три од придружните организации на Лабуристичката партија, од кои две мора да бидат синдикати.
Сојузниците на Стармер очекуваат тој да постави патоказ за неговото заминување од функцијата, насочувајќи ја Велика Британија на пат кон седмиот премиер за една деценија и отворајќи го патот за Енди Бернам да го замени.
Неговата одлука доаѓа неколку дена откако Бернам освои парламентарно место, што го прави подобен да започне процедура за преземање на позицијата од непопуларниот премиер кој сега веќе е во заминување.
Начинот на победата на Барнам на дополнителните избори во Мејкерфилд - каде што ја победи партијата Реформа на Најџел Фараж, која е водечка на анкетите - го зголеми притисокот врз Стармер, при што многу пратеници од Лабуристичката партија заклучија дека Барнам е нивниот единствен обид да ги сопрат десничарските популисти на следните општи избори, кои треба да се одржат до 2029 година.
„Премиерот признава дека постои предизвик за него, дека има кандидати кои се борат“, изјави министерката за образование Жаки Смит за радиото „Тајмс“ во понеделникот наутро. „Тој помина време размислувајќи навистина внимателно за тоа што да направи во најдобар интерес на земјата.“
Со заминувањето на Стармер се отвора нова политичка неизвесност за Велика Британија која ќе го назначи седмиот премиер во период од една деценија, речиси незамислив исход во времето кога Стармер освои доминантно парламентарно мнозинство во 2024 година. По хаосот од годините по Брегзит - кога Конзервативната партија ги замени Дејвид Камерон, Тереза Меј, Борис Џонсон, Лиз Трас и Риши Сунак како свои лидери - Стармер дојде на власт ветувајќи нова ера на стабилност.
Британските финансиски пазари ја примија оставката на премиерот Кир Стармер со претпазливост, а инвеститорите сега ја следат неизвесноста околу идната економска политика на земјата. Фунтата остана под притисок, со пад од 0,1 отсто во однос на доларот, на ниво од 1,3223 долари, додека приносот на 10-годишните британски обврзници остана речиси непроменет на 4,85 отсто. Главното прашање за пазарите е дали новото политичко раководство ќе донесе промени во фискалната политика и какво влијание тоа би имало врз јавниот долг и буџетските планови.
Инвеститорите особено го следат можното доаѓањето на Енди Бернам како наследник на Стармер, но неговите идни економски политики сè уште не се јасни. Пазарите се чувствителни на секој сигнал за зголемено државно трошење и ново задолжување, бидејќи Велика Британија веќе се соочува со висок долг. Аналитичарите предупредуваат дека политичката транзиција и неизвесноста околу идниот министер за финансии можат да станат клучни фактори што ќе ги движат приносите на обврзниците и курсот на фунтата во следните месеци.
И покрај политичкиот пресврт, реакцијата на финансиските пазари засега е умерена. Стратезите оценуваат дека инвеститорите моментално ја гледаат ситуацијата повеќе како политичка нестабилност отколку како директна закана за финансиската доверба во Велика Британија. Сепак, фунтата веќе беше под притисок поради очекувањата дека Банката на Англија би можела да ги намалува каматните стапки побавно од американската централна банка (Фед), при што британската валута ослабе околу 2,5 отсто од изборите на 7 мај.
* Дополнето со информации за реакцијата на финансиските пазари по објавената оставка на Стармер