Марин Ле Пен ќе може да учествува во трката за следен претседател на Франција, откако судот во жалбена постапка ја потврди пресудата за проневера, но ја ублажи забраната за кандидирање.
Претседавачката судијка Мишел Ажи ја потврди пресудата на Ле Пен, со образложение дека таа и уште неколкумина од партијата Национален собир неправилно користеле средства од Европската Унија наменети за исплата на асистенти. Сепак, жалбените судии ја намалија нејзината забрана на 15 месеци, со што ѝ го отворија патот да ја предводи партијата на следните избори.
Ле Пен, која пристигна во придружба на својот адвокат, ги поздрави своите поддржувачи, а со некои од нив се ракуваше пред судиите да влезат во судницата.
Прочитај повеќе
Ле Пен прогласена за виновна за проневера на европски јавни пари
Судот процени дека вкупната штета изнесува 2,9 милиони евра бидејќи пратениците на партијата на Ле Пен вработувале луѓе во Европскиот парламент.
31.03.2025
Левицата победи во вториот круг од парламентарните избори во Франција
Францускиот премиер Габриел Атал ја објави својата оставка во неделата вечер.
08.07.2024
Ривалите на Ле Пен земаат залет пред изборниот хаос
Последниот притисок на партиите што имаат цел да ja задржат екстремно десничарскaта Национално обединување на Марин Ле Пен надвор од власт доби замав.
04.07.2024
Екстремната десница на Ле Пен победи во првиот круг на изборите
Францускиот политички свет сега започнува интензивен дводневен период на тргување.
01.07.2024
Со оглед на значењето на оваа одлука, ваквата пресуда би требало да го означи неофицијално почетокот на деветмесечната трка за наследник на Емануел Макрон. Иако Ле Пен сѐ уште може да поднесе жалба до највисокиот суд, таа најави дека дури по оваа пресуда ќе соопшти дали ќе се кандидира. Политичарката претходно посочи дека најверојатно би се повлекла доколку за време на изборната кампања биде обврзана да носи електронска алка. Според неа, во такви околности не би можела ефикасно да води изборна кампања, бидејќи за секој настан или одржување предизборен митинг би морала да бара дозвола од судија.
Џордан Бардела е подготвен да ја преземе улогата на главен кандидат на Националниот собир. Триесетгодишниот политичар на избирачите би им понудил поинаков профил од Ле Пен, која во три последователни претседателски кампањи постепено ја зголемуваше поддршката. Според неодамнешна анкета, и Ле Пен и Бардела би биле во водство по првиот круг од претседателските избори.
Ле Пен првично беше осудена во март 2025 година од првостепениот суд, кој ѝ изрече петгодишна забрана за кандидирање и двегодишна затворска казна, чие извршување беше одложено до завршувањето на жалбената постапка. Нејзината партија веднаш реагираше, а Бардела ја осуди, како што рече, „тиранијата на судиите“.
Во жалбената постапка Ле Пен настапи со попомирлив тон отколку на првото судење. Во сведочењето дадено претходно годинава таа изјави дека, доколку воопшто било сторено прекршување, ниту таа ниту членовите на нејзината партија „не биле свесни“ дека ја преминуваат дозволената граница. Сепак, таа категорично негираше дека била во центарот на систем за проневера на средства.
Обвинителството тврди дека Ле Пен неправилно искористила околу 474.000 евра во периодот од 2009 до 2016 година, додека беше пратеничка во Европскиот парламент, за вработување парламентарни соработници. Таа е обвинета и дека ги охрабрувала другите европратеници од својата партија да пренасочуваат уште милиони евра за да го намалат финансискиот товар на Националниот собир.
Во средиштето на случајот е прашањето дали парламентарните соработници биле ангажирани со „фиктивни“ договори и работеле на домашната политичка агенда на крајно десничарската партија, наместо на прашања поврзани со Европскиот парламент, како што налагале нивните договори. На првото судење беа осудени вкупно 25 лица, како и самата партија. Некои не поднесоа жалба.
Се очекува Ле Пен вечерва во 20 часот, по париско време, да гостува на телевизијата ТФ1, каде што би можела да соопшти дали ќе се кандидира на претседателските избори во 2027 година.
Во меѓувреме аналитичарите оценуваат дека денешната судска одлука засега нема значително да ги промени процените на инвеститорите. Финансиските пазари и натаму остануваат чувствителни на политичката и фискалната неизвесност во Франција, која се продлабочи по парламентарните избори во 2024 година, кога распарчениот парламент ѝ овозможи на партијата на Ле Пен и Џордан Бардела да стекне доволно влијание за да го попречува усвојувањето на буџетот и да придонесе за пад на владите.
Според актуелните анкети, разликата во поддршката меѓу Ле Пен и Бардела е мала, па засега нема основа да се заклучи дека денешната пресуда значително ќе ја промени политичката неизвесност. Исто така, не се забележуваат ниту поголеми разлики во нивниот пристап кон буџетот за 2027 година, ниту кон економските политики што би ги спроведувале доколку некој од нив на крајот стане претседател на Франција.