text size
Воената кампања на САД против Иран досега не успеа да го принуди режимот да капитулира. Администрацијата на Трамп повторно се обложува дека задушувачкиот економски притисок ќе ја заврши работата.
Соочени со недостиг на потребна муниција и претпазливи околу продолжување на непопуларната војна, Трамп и неговите високи функционери се враќаат на познатото сценарио со режимот: потпирајќи се на постојано зголемување на економските санкции и поморска блокада за задушување на извозот на нафта.
Обновениот акцент на економската болка - наречена „Максимум притисок“ во првиот мандат на Трамп - е значителен пресврт за администрацијата која, само неколку дена претходно, се закануваше со засилена воена кампања по речиси шест месеци војна против Техеран.
Прочитај повеќе
Трамп тврди дека има контрола врз Ормуз, додека САД и Иран ги зацврстуваат своите позиции
Вашингтон и Техеран ги заострија своите ставови во преговорите за водниот пат, кои беа во ќорсокак.
12.08.2026
Трамп негира дека САД се соочуваат со недостиг на муниција, се закани со затворски казни
Американскиот претседател Доналд Трамп негираше дека САД се соочуваат со недостиг на муниција, тврдејќи дека земјата располага со „огромни количини“, а воедно предупреди дека оние кои тврдат спротивно би можеле да се соочат со казни.
06.08.2026
Трамп вели дека започнуваат разговори со Иран откако откажа нов напад
„Тоа ќе беше најголемиот напад од Втората светска војна“, изјави Трамп.
03.08.2026
Трамп вели дека САД ќе го откажат нападот врз Иран доколку се постигне брз договор
На американската војска ѝ беше наредено да изврши нови напади уште овој викенд.
02.08.2026
Трамп наредил напад врз Иран уште овој викенд
Според „Волстрит џурнал“, нападите имаат за цел да го убедат Техеран да се предаде.
01.08.2026
Има добри изгледи за договор со Иран, вели Трамп
Дали се отвора пат кон договор меѓу САД и Иран? Трамп тврди дека шансите се добри, но предупредува: ако дипломатијата пропадне, нападите повторно ќе започнат.
28.07.2026
Иако пристапот не успеа да го донесе резултатот што претседателот Доналд Трамп го сакаше пред 2020 година, тој и неговиот тим тврдат дека овој пат ќе го постигне тоа.
„Операцијата ‘Економски бес’, предводена од секретарот Скот Бесент, ја уништува иранската економија“, изјави американскиот амбасадор во Обединетите нации, Мајк Валц, за „Фокс њуз“ на 10 август. Тој рече дека земјата ќе „ги апсорбира бомбардирањата“, но дека Иранците повеќе се плашат од Бесент отколку од секретарот за одбрана Пит Хегсет.
Трамп даде сличен коментар во неделата за „Аксиос“, велејќи дека сега ја стишува работата во врска со Иран и дека сѐ е под контрола. „Ние само го набљудуваме Иран со неговата огромна инфлација и фактот дека немаат пари“. Бесент се осврна на слична тема неколку недели претходно на „Фокс“, велејќи дека „владата предизвикува страдање на луѓето и ние ќе продолжиме да притискаме“.
Bloomberg
Тоа е одраз на аргументот изнесен од некои аналитичари кои тврдат дека режимот се движи кон економски колапс и има сѐ помалку опции за избегнување на санкциите преку други земји како што се Обединетите Арапски Емирати.
„Како што јурисдикциите некогаш експлоатирани за избегнување на санкции, вклучувајќи ги и ОАЕ, стануваат многу помалку гостопримливи за иранските нелегални финансии и трговија, а глобалните пазари ја намалуваат својата зависност од иранските стоки, постојните американски санкции стануваат многу посилни“, рече Миад Малеки, поранешен службеник за санкции на Министерството за финансии на САД, кој сега е виш соработник во Фондацијата за одбрана на демократиите.
Против таа теорија е фактот дека САД го санкционираат Иран, како и неколку други нации, со децении без да предизвикаат значајни политички промени. Други примери се Северна Кореја и Куба - уште една од неодамнешните цели на Трамп.
САД додадоа околу 2.200 санкции кон Техеран откако Трамп почна да трупа нови санкции во 2018 година, според Џереми Панер, партнер во „Хјуз Хабард и Рид“ (Hughes, Hubbard & Reed), кој ги следи санкциите во нафтениот и петрохемискиот сектор на Иран. Околу 350 од нив беа дел од програмата „Економски бес“ на Бесент.
Тоа досега не успеа да го принуди Техеран да се откаже од својата нуклеарна програма или да го намали својот притисок врз Ормускиот Теснец, или многу други работи.
„Режимот е вкопан“, рече Дејвид Таненбаум, директор во „Блекстоун Комплајенс Сервисиз“ (Blackstone Compliance Services), консултантска фирма фокусирана на санкции. Иако санкциите се ефективни бидејќи ги задушуваат ресурсите на режимот, тој додаде: „Не мислам дека тоа ќе го промени режимот. Не мислам дека тоа ќе ги убеди да се откажат од својата нуклеарна програма“.
Запрашан за коментар за новиот пристап, официјален претставник на Белата куќа рече дека санкциите и поморската блокада го оставија Иран целосно скршен и дека Трамп има многу лостови што може да ги искористи во наредните месеци. Службеникот не даде повеќе детали за тоа што можеби има на ум Трамп.
САД сè уште можат да му отежнат на Техеран да ја продава својата нафта или да ги врати приходите дома. Но, секое искачување на скалата на санкции носи поголеми дипломатски трошоци - и намалување на сигурноста дека дополнителната економска штета ќе се претвори во политички отстапки од Иран.
Една опција за затегнување на обрачот би можела да биде да се дејствува врз Кина и Индија, двата најголеми купувачи на иранска нафта - при што Кина е одговорна за над 90 отсто од извозот на нафта од Техеран. Казните за субјектите што ги олеснуваат овие купувања директно би ги намалиле приходите од нафта на Иран.
САД веќе воведоа санкции против некои кинески рафинерии и фирми откако почна воениот конфликт со Иран, но досега не ги таргетираа главните кинески банки што ја финансираат трговијата.
Санкциите врз големите кинески финансиски институции би можеле да ги намалат приходите од нафта на Иран, но тие исто така би ризикувале да отворат уште еден фронт со Пекинг пред планираната средба во септември меѓу Трамп и кинескиот претседател Шји Џјинпинг.
„Ако се стремиме да имплементираме поагресивна стратегија, мора да размислуваме за мултилатерални аспекти, не само на билатерални“, рече Џес Ховерсен, поранешен службеник на американската Канцеларија за контрола на странски средства (OFAC), кој сега е главен економист банка со дигитална платформа.
Други можни цели се менувачници во земји како Обединетите Арапски Емирати кои му помагаат на Иран да ги репатрира средствата. Откако Иран ќе ја изврши продажбата на нафта, сè уште му се потребни менувачници и посредници за да ги конвертираат плаќањата - често примени во кинески јуани - во валути што Техеран всушност може да ги користи. Сепак, тој потег сам по себе веројатно нема да направи значителна разлика.
„Дали тоа ќе го натера Иран да капитулира?“ вели Панер. „Веројатно не само по себе.“