text size
„Брансвик“ (Brunswick) и „Ешелон инсајтс“ (Echelon Insights) кон крајот на јуни ги прашаа регистрираните гласачи што би им кажале на американските извршни директори кога би имале можност. Само три отсто од испитаниците спомнале нешто поврзано со политиката. Сепак, пред кој било извршен директор да здивне, истата анкета поставила и прашање за донирањето пари за новата претседателска балска сала во Белата куќа. Тоа било оценето како најштетното нешто што една компанија може да го направи, дури и поштетно од директната поддршка на политиките на претседателот, со нето-негативен резултат од 37 поени.
Сметката за користењето пари за купување политичко влијание токму сега пристигнува за наплата, а извршните директори кои мислат дека најбезбедно е да се држат подалеку од политиката би можеле да откријат дека веќе ја потпишале. Тоа е проблем со кој се соочува секоја голема компанија во Америка, а всушност станува збор за три проблеми. Тука е актуелната администрација, која покажа дека е подготвена да ѝ нанесе вистинска штета на секоја компанија што нема да постапи според нејзините желби. Тука е јавноста, која набљудува како реагираат компаниите. И тука е оној што следен ќе ја преземе Белата куќа, кој ќе ја наследи истата моќ, заедно со евиденцијата за тоа кој што платил и колку. Она што ја штити компанијата од првиот проблем, ја влошува нејзината положба во однос на другите два.
За почеток, треба да се разбере зошто се случува ова, имајќи предвид дека ниту еден закон не го ограничува износот што претседателот може да го собере за непрофитна организација како фондација за балска сала или за својата претседателска библиотека, при што повеќето од тие донации не мора јавно да бидат поврзани со имињата на донаторите. „Волстрит журнал“ на 30 јули објави дека претседателот Доналд Трамп речиси секоја вечер ѝ се јавува на својата главна задолжена за собирање донации за да праша кои компании дале чекови, а кои не, дека често ѝ кажува да го зголеми бараниот износ на донацијата дури до 50 милиони долари и дека ѝ дава имиња на потенцијални донатори, често луѓе кои штотуку се сретнале со него. Извршните директори опишале како разбрале дека нивните пари купуваат пристап. Од еден извршен директор, чие спојување на компании било под регулаторен надзор, не биле побарани пари затоа што ја поддржувал политиката на претседателот. Постоел еден точен одговор и извршниот директор го знаел.
Чековите се испишуваат брзо, но штетата е трајна. Белата куќа во октомври објави список на донатори за балската сала. „Амазон“ (Amazon.com Inc.), „Епл“ (Apple Inc.), „Мајкрософт“ (Microsoft Corp.), „Алфабет“ (Alphabet Inc.), матичната компанија на „Гугл“ (Google), „Мета“ (Meta Platforms Inc.), „Локид Мартин“ (Lockheed Martin Corp.) и „Палантир“ (Palantir Technologies Inc.) се најдоа рамо до рамо со Харолд Хам, основачот на „Континентал рисорсис“ (Continental Resources). Парите на „Гугл“ пристигнале по друг пат. Неговата матична компанија постигнала спогодба од 24,5 милиони долари во тужбата на Трамп поради суспендирањето на неговата сметка на „Јутјуб“ (YouTube), од кои 22 милиони долари биле наменети за балската сала.
Сенаторката Елизабет Ворен, демократка од Масачусетс, и конгресменот Дејв Мин, демократ од Калифорнија, во декември им пишале на седум компании против кои администрацијата водела отворени антимонополски постапки, а нивните одговори ги објавиле еден месец подоцна. „Амазон“, меѓу другото, навел дека уште од август 2025 година разговарал со тимот за собирање донации за износите на прилозите и за вечерата планирана за донаторите.
А потоа теренот се промени. Партијата со која деловната заедница одлучи да соработува сега е исклучително непопуларна, додека демократите имаат предност кога станува збор за преземањето на контролата врз Претставничкиот дом на изборите во ноември. Но гласачите не го гледаат бизнисот како невин набљудувач. „Брансвик“ побарал да ги позиционираат индустриите на политичкиот спектар: нафтената и гасната индустрија добила 52 поени на страната на републиканците, банкарството 27, а технологијата 19. Шеесет и пет отсто од истите гласачи рекле дека компаниите треба да бидат политички неутрални и заклучиле дека тие не се.
Компаниите, исто така, нема да најдат многу заштитници, бидејќи целта на американската антиелитистичка политика се промени. Кога прогресивниот онлајн-медиум „Аргумент“ (The Argument) кон крајот на јули анкетирал 3.000 регистрирани гласачи и ги прашал кого го сметаат за елита, професорите не се нашле на тој список (што малку ме повреди). Ниту новинарите. Милијардерите, пак, убедливо се нашле на него, заедно со познатите личности, а во нешто помала мера и избраните функционери и деловните раководители. Кога „Галуп“ (Gallup) ги прашал Американците на кои институции им веруваат, големиот бизнис според довербата ги надминал само Конгресот и телевизиските вести. Јавноста веќе цела деценија гледа како богатството се претвора во политичка моќ и го извлекла очигледниот заклучок.
Третиот проблем е оној за кој компаниите најмалку размислувале. Моќта поради која се исплатеше да ѝ се плаќа на оваа администрација не останува само кај неа. Во случајот „Трамп против Слотер“, Врховниот суд пресуди дека претседателот може по своја волја да ги разрешува челниците на независните агенции, со што беше поништен преседан што важеше од 1935 година. Федералната трговска комисија (ФТК) спроведува околу 80 закони што опфаќаат речиси секој дел од економијата и сега одговара пред Белата куќа, исто како и Комисијата за хартии од вредност (СЕЦ), Федералната комисија за комуникации (ФКК) и Националниот одбор за работни односи (НЛРБ). Судијата Нил Горсач беше уште попрецизен. Една компанија, рече тој, можеби би можела да избегне поединечна истрага на ФКК, но потоа го постави прашањето дали „компанија што не ѝ е по волја на партијата што ја контролира Белата куќа“ би можела да преживее правило на ФТК со кое се забранува една од нејзините долгогодишни деловни практики, постапка на Управата за безбедност и здравје при работа (ОСХА) и кривична постапка за дело што СЕЦ штотуку го прогласила за незаконско. А тоа го напиша во прилог на одлуката на мнозинството! Она што овој претседател може да го направи за вас, следниот претседател може да го направи против вас.
Затоа опцијата да се молчи е полоша отколку што изгледа. Со молчењето не купувате ништо. Евиденцијата останува јавна, а Конгресот веќе ги има писмата. Тврдењата дека немавте избор вредат точно онолку колку што сте платиле за нив. „Тоа беше изнуда, но го добив она за што платив“ не е одбрана што некој ќе ја прифати.
Она што би можело да функционира е јасно да се покаже дека искуството било толку лошо што деловната заедница е подготвена да се откаже од можноста во иднина да купува услуги. Секоја компанија може да каже дека го мразела тој процес. Само онаа што е подготвена да ја загуби можноста да го повтори, кажува нешто што вреди да се слушне. Веродостојните сигнали се скапи сигнали. Најважното политичко оружје на деловниот свет беа парите. Залагањето за ограничување на нивното влијание е единствениот потег што акционерите, потрошувачите и идниот Конгрес ќе го толкуваат на ист начин.
Администрацијата на Трамп ги промени правилата на американската политика, а деловната заедница за возврат доби даночни олеснувања и дерегулација. Сметката наскоро ќе пристигне за наплата и ќе биде многу поголема од донацијата за балската сала. Демократите можеби нема да победат во ноември, но евиденцијата не исчезнува, оружјето не исчезнува, а кој и да ги преземе Белата куќа и Конгресот следен, ќе ги затекне и едното и другото и ќе има можност да напише нови правила. Нивниот облик ќе зависи од тоа дали деловната заедница ќе биде на масата, а цената на влезницата е да каже нешто сега - додека изговорените зборови сè уште имаат цена.