text size
За да се разбере геополитичкото значење на изборниот пробив што минатиот викенд го постигна Алтернатива за Германија (АфД) во малата сојузна покраина Саксонија-Анхалт, треба да се обрне внимание на навидум неповрзаните коментари од Кремљ што се појавија во тој период.
Во неделата германската популистичка партија од тврдата десница победи со 44 отсто од гласовите, само малку под мнозинството потребно за самостојно да управува со покраината. Како и многу нејзини идеолошки сојузници низ Европа, АфД е проруска, верувајќи дека со Москва дели заеднички непријател во европскиот либерален естаблишмент. Овие партии се природни сојузници за Москва додека таа се обидува да ја обезбеди најдобрата надеж за победа во војната во Украина: да ги убеди Европејците да ја прекинат воената и финансиската поддршка што ја одржува одбраната на Киев.
Најубедливиот аргумент за постигнување на оваа цел вклучува поттикнување страв кај европските гласачи дека нивните влади, наместо да запрат закана од истокот со поддршка на Украина, всушност предизвикуваат војна со нуклеарна суперсила.
Прочитај повеќе
Путин ќе ги засили нападите врз Украина, преговорите во ќорсокак
Русија размислува за интензивирање на моќните напади со конвенционални балистички ракети врз Киев, вклучувајќи го и центарот на главниот град, како и напади врз инфраструктурни цели во други украински градови.
26.08.2026
Политички потрес во Германија: АФД освои 44,5 отсто гласовите
Крајно десничарската Алтернатива за Германија (AfD) убедливо победи на покраинските избори во Саксонија-Анхалт, во услови на растечко незадоволство на јавноста од политичкиот естаблишмент, но се очекува дека нема да освои апсолутно мнозинство потребно за самостојно формирање влада
06.09.2026
Да го разгледаме рускиот став за вооружениот дрон откриен на аеродромот во Лајпциг/Хале во Германија. Како што неодамна посочи мојот колега Андреас Клут, требаше околу еден месец за германската влада да ја обвини Москва дека го планирала нападот и да возврати - и тоа со пердув. Таа затвори руски конзулат и културен центар и, заедно со неколку други европски земји, ги повика амбасадорите на Владимир Путин на разговор.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја нарече оваа млака реакција „еден вид почеток на вистинска војна“, во изјави што руската државна телевизија ги објави на Телеграм во неделата, на денот на гласањето во Саксонија-Анхалт. Негирајќи ја вмешаноста на Русија во случајот со дронот, тој рече дека реакцијата на Берлин го потсетила на Втората светска војна, кога нацистичка Германија ги повлекла своите дипломати од Русија непосредно пред инвазијата. „Тие повторно сакаат војна“, заклучи тој.
Тие не сакаат - а Лавров е многу свесен за тоа. Германија нема нуклеарно оружје и има малку противвоздушна одбрана, артилерија, дронови или борбени трупи што може да ги распореди, па затоа никогаш не би избрала да војува со Русија. Тој разбира дека потегот на Адолф Хитлер да ги испразни дипломатските мисии во земја што се подготвувал да ја нападне има сосема спротивно значење од затворањето канцеларии на германска територија од страна на канцеларот Фридрих Мерц.
Во реалноста, неуспешниот заговор со дронот беше само еден дел од широка руска офанзива на саботажи, додека германската реакција беше симболична, осмислена за да се избегне ескалација. Хиперболата на Лавров е дезинформација насочена кон поттикнување страв од војна кај Германците и засилување на пораките на партии блиски до Кремљ, како АфД.
Оваа кампања е системска и не е ограничена само на Лавров. Така, кога САД минатиот месец испратија во Норвешка лансирни системи способни да стрелаат крстосувачки ракети „томахавк“ за воени вежби, портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, рече дека Русија ќе мора соодветно да одговори на оваа нова безбедносна закана. Сосема очекувано, неколку дена подоцна украинското разузнавање објави дека руска единица вооружена со ракети „орешник“ се упатува кон источна Белорусија, во близината на границите на НАТО.
„Орешник“ е хиперсонична балистичка ракета со нуклеарен потенцијал и дострел до околу 5.500 километри, која може да стави голем дел од Европа под ризик. „Томахавк“ е многу побавна крстосувачка ракета без нуклеарен потенцијал, која би имала ограничен дострел во внатрешноста на Русија од местото каде што се одржаа вежбите, меѓу норвешкиот брег и остров на половина пат до Гренланд. Не беа употребени „томахавки“ - ова беше десетдневен експеримент за да се утврди дали лансирните системи би можеле да бидат пренесени со авион во Европа за употреба, доколку биде потребно.
Иронијата овде е дека безбедносната ситуација на Русија навистина се влоши, но целосно како резултат на нејзините сопствени постапки. Во 2014 година, кога Русија го анектираше Крим, повикувајќи се на заканата од проширувањето на НАТО, таква закана не постоеше. Северноатлантската организација во 1996 година се согласи да не распоредува бази на териториите на своите нови источноевропски членки, а тоа не го направи до 2017 година, како одговор на руските постапки. Исто така, во времето на анексијата на Крим и во текот на деветте месеци од војната што следуваше, украинскиот устав забрануваше членство во НАТО; Украинците не го сакаа тоа. Европските буџети за одбрана сè уште се намалуваа. Само една година претходно САД ги повлекоа последните активни тенкови од континентот.
Но додека во 2014 година немаше зголемување на капацитетите што руските генерали би можеле да ги протолкуваат како потенцијална закана, денес има. По целосната руска инвазија на Украина во 2022 година, Финска и Шведска му се приклучија на НАТО. Европските - а особено германските - буџети за одбрана го прекинаа падот. Американските тенкови се вратија во Европа и има постојани воени бази на НАТО на територијата на источните членки на Алијансата. Членството во НАТО е клучна цел на украинската држава и има широка поддршка кај населението.
Во земјата, Путин овој пресврт го претставува како доказ за агресијата на НАТО, што му овозможува на руските родители да им каже дека нивните деца не ги испраќаат да умираат во Украина за да освојат неколку запуштени рударски града, туку за да ја бранат татковината од уште една егзистенцијална закана од Западот, слична на наполеонските и нацистичките инвазии. Во Европа, Русија и нејзините, понекогаш платени, пријатели во популистичките партии како АфД ги претставуваат поддршката за Украина и напорите за обновување на изгубените одбранбени капацитети на НАТО како провокации што носат ризик од трета светска војна и потенцијално нуклеарно уништување.
Никој во НАТО нема интерес да ја нападне Русија, но овие измислици претставуваат моќни пораки и му носат резултати на Кремљ. Успехот на АфД во Саксонија-Анхалт нема да биде последен. Други европски популистички партии исто така би можеле да постигнат успех на изборите во текот на следната година, поткопувајќи ја поддршката за финансирање на Украина и воведување санкции против Русија. Франција, каде што крајно десничарската партија Национален собир на Марин Ле Пен води во трката пред претседателските избори следната пролет, претставува најголема потенцијален добивка. Оваа недела претседателот на нејзината партија Жордан Бардела рече дека е време да се престане со плаќањето за одбраната на Киев.
Ваквиот став и победата на AфД во текот на викендот го објаснуваат континуираното одбивање на Путин да направи компромис во мировните преговори, и покрај растечките економски и политички трошоци од војната во земјата. Тие ќе го зајакнат неговото уверување дека ја добива информативната војна во Европа и дека, ако почека само уште малку, новата политичка конфигурација ќе му ја предаде Украина, заедно со поделен Запад и скршено НАТО. Тоа му дава сосема ново значење на советското име од времето на Студената војна за приврзаниците на Москва од Западот: корисни идиоти.
- Марк Чемпион е колумнист за „Блумберг опинион“, кој известува за Европа, Русија и Блискиот Исток. Претходно бил шеф на дописништвото на „Волстрит журнал“ во Истанбул.