text size
За време на предизборната кампања во балтичкиот пристаништен град Росток неделава, премиерката на источната германска покраина, која сака да го продолжи својот деветгодишен мандат, го критикуваше Фридрих Мерц затоа што не успеал да се справи со наглиот раст на цените на горивата.
„Сојузниот канцелар не им влева на луѓето чувство дека ги согледува и ги разбира нивните проблеми“, изјави Мануела Швезиг, популарната лидерка на Социјалдемократската партија (СПД) во Мекленбург-Западна Померанија. Мерц „дозволува ова да се влече со месеци, а тоа е неодржливо - предизвикува фрустрација“.
Оваа критика го отсликува ризикот со кој се соочува Мерц пред изборите во две германски покраини во недела. Критиките не дојдоа од крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД), која го потресе политичкиот естаблишмент во земјата, туку од висока функционерка на СПД, партијата со која конзервативците на Мерц владеат во Берлин.
Прочитај повеќе
Зошто изборната победа на АфД е одлична вест за Путин?
За да се разбере геополитичкото значење на изборниот пробив што минатиот викенд го постигна Алтернатива за Германија (АфД), треба да се обрне внимание на навидум неповрзаните коментари од Кремљ што се појавија во тој период.
10.09.2026
Германските бизнисмени бараат побрзи реформи по победата на АфД
Итно е потребна промена на политиката за да се врати довербата во економските перспективи и да се ограничи поддршката за популистичките партии, изјави Кристоф Алхаус.
07.09.2026
Политички потрес во Германија: АФД освои 44,5 отсто гласовите
Крајно десничарската Алтернатива за Германија (AfD) убедливо победи на покраинските избори во Саксонија-Анхалт, во услови на растечко незадоволство на јавноста од политичкиот естаблишмент, но се очекува дека нема да освои апсолутно мнозинство потребно за самостојно формирање влада
06.09.2026
Крајната десница во Германија е на пат кон историска победа на покраинските избори
Антиимигрантската AФД според анкетите има поддршка од околу 40 отсто, речиси двојно повеќе отколку пред пет години и значително пред Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на канцеларот Фридрих Мерц
06.09.2026
Мануела Швезиг/Sean Gallup/Getty Images
Само две недели откако АфД убедливо ги порази долгогодишно владејачките демохристијани на Мерц во источната покраина Саксонија-Анхалт, со што се приближи до можноста да ја формира првата покраинска влада на крајната десница во Германија по Втората светска војна, Мерц ризикува нови загуби што би можеле да го доведат во прашање неговиот 16-месечен мандат како канцелар.
Германскиот лидер за недела навечер свика состанок на високите функционери на ЦДУ во Берлин, каде што ќе ја проценуваат поддршката што ја уживаат во текот на пребројувањето на гласовите во балтичката покраина и во градот-покраина Берлин. Избирачките места во двете покраини се затвораат во 18 часот по локално време, кога ќе бидат објавени излезните анкети.
Мерц и неговата партија особено ќе ја следат Мекленбург-Западна Померанија, покраина со 1,6 милион жители во која Швезиг (52) силно се спротивстави на продорот на АфД, а поддршката за конзервативците опадна. Анкетата објавена во четвртокот покажа дека СПД првпат по повеќе од три години ја престигна антиимигрантската партија, која привлече голем број гласачи во некогашната комунистичка Источна Германија.
ЦДУ, која последен пат управуваше со покраината во 1998 година, падна на шест отсто, покажа анкетата на институтот „ФГ Вален“ (FG Wahlen). Тоа би ги довело конзервативците во опасност да паднат под прагот од пет отсто за влез во парламентот, што би било првпат од основањето на Сојузна Република Германија во 1949 година демохристијаните да бидат исфрлени од покраински парламент.
Мерц би се соочил со ризик од отворен бунт во партијата. Иако неделава ја доби поддршката од моќната група покраински премиери од редовите на ЦДУ, членството на партијата би можело да побара негово заминување. Тој го откажа планираното патување во Њујорк на Генералното собрание на Обединетите нации следната недела за да остане во Берлин, каде што ќе се сретне со партиските лидери и пратениците.
Еден ден откако Швезиг го нападна Мерц, тој најави дека неговата влада ќе реагира на наглиот раст на цените на горивата и вети олеснувања за возачите. Владата во петокот претстави пакет помош во вредност од 2,5 милијарди евра.
Швезиг, од друга страна, се обидува да го оспори тврдењето на АфД дека нејзиниот подем е незапирлив. Таа стана централна фигура во кампањата на својата партија, истакнувајќи ги резултатите на нејзината влада во проширувањето на економијата и отворањето работни места, особено во секторите како бродоградбата. Во Росток без проблем се проби низ преполниот шатор во кој симпатизерите пиеја бесплатни пијалаци и јадеа братвурст (печен колбас).
„Швезиг е убедливо најпопуларната и најпознатата политичарка во покраината“, изјави Волфганг Муно, политиколог од Универзитетот во Росток. „Затоа кампањата на владејачката СПД во голема мера е насочена токму кон неа.“
За разлика од тоа, прошетката на Мерц меѓу граѓаните во градот Килунгсборн, западно од Росток, кон крајот на август беше засенета од гласното негодување на локалното население насочено кон канцеларот и кандидатот на ЦДУ на покраинските избори, поради што партијата го откажа планираното обраќање. Во текот на партиската кампања во Саксонија-Анхалт, канцеларот беше држен подалеку од гласачите.
Ниту Швезиг не е без контроверзии. Внимание привлече нејзината улога во основањето фондација за заштита на климата во 2021 година, која служеше за заштита на компаниите вклучени во проектот за гасоводот Северен тек 2, контролиран од Русија, од американските санкции.
Парламентарната истрага посебно го испитуваше можното руско влијание врз одлуките на владата со кои беше поддржан проектот, но Швезиг ги бранеше своите постапки како дел од широкиот консензус во германската политика и економија. Подоцна таа изјави дека било „грешка“ да се верува дека Русија е заинтересирана за мирен соживот.
Во Берлин анкетите покажуваат дека ЦДУ, која во 2023 година ја презеде власта првпат по повеќе од две децении, води тесна трка со партијата Левица (Die Linke), која ја заснова кампањата врз трошоците за живот и ветувањето дека ќе ги експроприра станбените портфолија на големите компании за недвижности. Нејзината водечка кандидатка Елиф Ералп, ќерка на политички бегалци, би можела да стане првата градоначалничка на Берлин со турско потекло.
Во трката се и Зелените и АфД, а некогаш доминантната СПД падна на петтото место.
Пораз од Левицата, која делумно ги влече корените од источногерманската комунистичка партија, би претставувал нов удар за Мерц. Сепак, најверојатно ќе остане неизвесно која партија би можела да формира коалиција во германскиот главен град.
За време на предизборната кампања во Берлин во четвртокот, одржана во релативно безбедното опкружување на партиското седиште наместо на собир, Мерц ја претстави Левицата како закана, заедно со крајната десница. Тој ги повтори критиките кон партијата, во која дејствуваат и групи што ги критикуваат израелските дејства во Газа, обвинувајќи ја дека толерира антисемитизам, што Ералп остро го осуди.
„Не можеме да дозволиме криминалот на странците и антисемитизмот да станат вообичаена појава во Германија или во Берлин“, изјави Мерц. „Оваа земја мора да се заштити од тоа.“