text size
Канцеларската функција на Фридрих Мерц никогаш не била позагрозена, бидејќи два покраински избора во недела се закануваат да го дестабилизираат неговиот 16-месечен мандат како германски лидер.
Во покраината Мекленбург-Западна Померанија, на брегот на Балтичко Море, конзервативната Христијанско-демократска унија - ЦДУ (CDU) на Мерц ризикува да не го достигне изборниот праг од пет отсто за влез во покраинскиот парламент - што би било првпат ЦДУ да биде исфрлена од покраински парламент откако Сојузна Република Германија беше основана во 1949 година.
Многумина во ЦДУ сметаат дека тоа би предизвикало внатрепартиски бунт, во време кога повиците Мерц да се повлече стануваат сè погласни. Во изборната трка во градот-покраина Берлин, најновите анкети покажаа дека антикапиталистичката партија Левица има предност пред владејачката ЦДУ.
Еве што треба да се следи во текот на изборниот ден.
Што се случува на изборниот ден?
Гласањето во двата региона почна денеска во 8 часот наутро, а првите прогнози врз основа на излезните анкети се очекуваат по завршувањето на гласањето во 18 часот. Набргу потоа ќе следуваат проекции што ќе ги вклучуваат преброените гласачки ливчиња, а прелиминарниот резултат би требало да биде објавен во текот на ноќта или рано во понеделник.
Најважно ќе биде дали ЦДУ ќе го надмине прагот од пет отсто во Мекленбург-Западна Померанија и ќе освои места во покраинскиот парламент. Ако CDU не влезе во парламентот, партијата може да се обиде да го принуди Мерц да се повлече од функцијата.
Кој се очекува да победи на североистокот?
Социјалдемократската партија - СПД (SPD), коалицискиот партнер на ЦДУ што долго време доминира во регионот, изминатата недела имаше поддршка од 37 отсто, еден процентен поен повеќе од крајната десница, Алтернатива за Германија - АфД (AfD), покажа анкетата на „ФГ Вален“ (FG Wahlen). ЦДУ падна на шест отсто, покажа анкетата.
Во Берлин, Левица беше на чело на поизедначената изборна трка со поддршка од 22 отсто, два процентни поена пред ЦДУ, според ФГ Вален“. АфД беше трета со 18 отсто, пред Зелените, кои имаа 15 отсто. СПД, која долго време доминираше во германскиот главен град, беше на петтото место со 12 отсто.
Зошто Мерц е во толку големи проблеми?
Анкетите покажуваат дека популарноста на Мерц е на најниското ниво забележано кај кој било германски канцелар по Втората светска војна. Поддршката на владата меѓу гласачите нагло падна додека таа се обидува да ги надмине разликите во коалицијата и да го обнови економскиот раст по повеќегодишната стагнација.
Канцеларот го повика раководството на ЦДУ, вклучувајќи ја и влијателната група покраински премиери што потенцијално би можеле да му се спротивстават, да дојде во Берлин во недела навечер, додека се пребројуваат гласовите. Тој планира да побара од нив или отворено да ги соопштат евентуалните намери да го заменат - или да застанат зад него, според лице што зборуваше под услов да остане анонимно бидејќи разговорите се водат зад затворени врати.
Може ли крајната десница да победи?
Германскиот политички естаблишмент беше потресен од победата на АфД пред две недели во источната покраина Саксонија-Анхалт, со што партијата доби можност потенцијално да ја формира првата крајнодесничарска покраинска влада во земјата по Втората светска војна. Поддршката за ЦДУ, која управува со регионот од 2002 година, драстично падна.
„Овој ден не ги промени работите само во Саксонија-Анхалт, туку и во Германија во целина“, им рече Мерц на новинарите во Берлин еден ден по гласањето, нарекувајќи го тоа најлошиот резултат на ЦДУ во последните неколку децении. „Секако, ќе мора да има последици.“
Анкетите покажуваат дека двете изборни трки во недела нема да бидат повторување на тој резултат, и покрај растот на крајната десница. СПД во Мекленбург-Западна Померанија, предводена од популарната покраинска премиерка Мануела Швезиг, ѝ пружа силен отпор на АфД. Дури и ако крајната десница освои најмногу гласови, би била далеку од мнозинство. Сите други партии одбија да соработуваат со неа, со што речиси се исклучува можноста за влада на АфД на брегот на Балтичко Море.
Берлин одамна е политички наклонет кон левицата, поради што поддршката од 18 отсто за АфД таму е особено забележителна. Но партијата би била далеку од каква било можност да управува, дури и ако извојува тесна победа.