text size
Американскиот министер за финансии Скот Бесент и кинескиот вицепремиер Хе Лифенг во недела во Њујорк ќе ги предводат преговорите за трговијата и за други спорни теми, пред самитот на лидерите на двете најголеми светски економии следната недела.
Преговарачите ќе го подготват теренот за средбата на претседателот Доналд Трамп и кинескиот претседател Шји Џјинпинг на 24 септември во Вашингтон. Бесент и Хе последен пат се сретнаа лично пред четири месеци во близина на Сеул, само неколку дена пред Трамп да го посети Пекинг во мај.
Нарушувањата во снабдувањето со енергенти поради војната со Иран, бумот на ВИ, како и трговијата и инвестициите, веројатно ќе бидат меѓу главните теми на разговорите, при што двете страни настојуваат да ја зачуваат стабилноста во рамките на трговското примирје што истекува во ноември. Дополнителен притисок врз американските претставници да го продолжат договорот создаваат изборите на 3 ноември, на кои инфлацијата и натаму е една од клучните теми за гласачите.
Прочитај повеќе
Трамп најави царини за ЕУ по поканата до Канада за придружно членство
Ако го направат тоа, ако сметам дека тоа на кој било начин е непријателски чин, ќе воведам многу сериозни царини или ќе престанам да тргувам со Европа за многу работи, рече Трамп
17.09.2026
Трамп е свесен за заканите од ВИ, но засега му е поважно да биде пред Кина
Додека експертите и самите лидери на технолошките компании предупредуваат на сè поголеми ризици, Трамп не покажува голема загриженост.
13.09.2026
Трамп отвора врата за кинеските автомобили во САД
Доналд Трамп навести дека кинески производители би можеле да произведуваат електрични автомобили во САД - но само со американски работници.
12.09.2026
Кина го смени моделот на влез во Европа: сега не купува, туку гради фабрики
Кинеските компании продолжуваат да го зголемуваат присуството во Европа, но структурата на инвестициите е многу специфична: огромен дел е концентриран во електрични возила, батерии и поширокиот ЕВ-синџир.
27.08.2026
Шји испраќа порака дека нема да се покори додека САД се закануваат со санкции
Владата на Шји Џјинпинг испраќа порака на пркос кон Доналд Трамп во врска со економските врски на Кина со Иран.
25.08.2026
Зошто врските меѓу Кина и Иран не се толку силни колку што изгледаат?
Техеран бара продлабочување на соработката со Пекинг, но Кина продолжува внимателно да балансира меѓу Иран, неговите регионални ривали и САД.
25.08.2026
„САД се во фаза во односите со Кина во која обидите тие да се трансформираат и зајакнат повеќе не се на врвот на листата со приоритети“, изјави Венди Катлер, потпретседателка на Институтот за политички студии на Азиското друштво.
Целта е „работите да се одржат стабилни, да се спречи ескалација и, практично гледано, да се зачува трговското примирје постигнато во Бусан“, рече таа.
Bloomberg
На преговорите ќе присуствува и американскиот трговски претставник Џејмисон Грир, соопшти неговиот кабинет.
„Администрацијата на претседателот Трамп ќе продолжи да се залага за избалансирана трговија со Кина преку следење на спроведувањето на неодамна преземените обврски, оптимизирање на трговијата со стоки што не се чувствителни и подобрување на пристапот на американските земјоделци, производители и работници до кинескиот пазар“, наведе тој во соопштението објавено во петокот.
Кинеското Министерство за трговија во саботата потврди дека преговорите ќе се одржат.
Најавата за нови американски царини поради обвинувањата дека трговските партнери имаат вишок производствени капацитети е одложена за периодот по состанокот, изјавија лица запознаени со ситуацијата.
„Двете страни сакаат да избегнат ново заострување и веројатно ќе продолжи релативната стабилност на односите“, напишаа економистите на „Блумберг економикс“ (Bloomberg Economics), Никол Гортон-Каратели, Адам Фарар и Маева Кузен, во анализата објавена оваа недела. „Но, бидејќи САД повторно го градат својот царински ѕид, ризикот од нова ескалација останува.“
САД и Кина работат на намалување на царините за американските енергенти и земјоделски производи, објави „Блумберг“, во рамките на пошироката иницијатива за ублажување на пречките во трговијата со стоки вредни по 30 милијарди долари од секоја страна, преку механизмот „Борд оф трејд“ (Board of Trade), воспоставен на почетокот на годинава.
Закрепнување на извозот
Кинескиот извоз во САД годинава закрепна, одразувајќи го скокот на побарувачката за електронски компоненти поврзани со ВИ што се произведуваат во Кина.
Преговорите во Њујорк се одржуваат во пресрет на заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации, кое ќе се одржи во тој град кон крајот на следната недела.
Бесент и Хе во изминатата година и пол одржаа низа разговори, главно во трети земји, за да се нагласи неутралноста на тие средби. Без оглед дали состанокот во Њујорк укажува на поголема меѓусебна доверба или е само практичен избор поради заседанието на ОН, тој исто така сугерира дека следната рунда, поради реципроцитет, би можела да се одржи во Кина.
„Блумберг“ претходно оваа недела објави дека кинеските претставници ја разгледуваат можноста компанијата „БЈД“ (BYD Co.) да биде дел од деловната делегација што би го придружувала Шји Џјинпинг на самитот, што би можело да биде провокативен потег со оглед на царините на Трамп за електричните возила произведени во Кина.
Трамп навести дека би можел да му дозволи на кинескиот производител на автомобили да произведува возила во САД, под услов да го прави тоа со американски работници.
Трговските делегации на САД и Кина се среќаваат ширум светот
Кинески претставник запознаен со подготовките за состанокот изјави дека главна тема за Кина ќе биде Тајван, особено планираната американска продажба на оружје.
Полесниот дел од разговорите ќе се однесува на царините и на земјоделските производи како сојата, а на дневен ред ќе бидат и ВИ, автомобилите, технологијата и електронската трговија, рече претставникот, кој побара да остане анонимен. Тој додаде дека Кина ќе понуди издавање поголем број дозволи за извоз на ретки метали како адут во преговорите, но не откри што би барал Пекинг за возврат.
Bloomberg
Одржувањето на извозот на кинески магнети од ретки метали беше еден од приоритетите на Трамп кога минатата година се согласи на примирје. Оттогаш, месечниот кинески извоз на овие клучни индустриски компоненти е значително под нивоата што важеа пред Пекинг да воведе контроли на извозот во април 2025 година.
Во последните неколку недели ВИ брзо се појави како нова точка на несогласување меѓу САД и Кина.
„Ширење паника“
Вашингтон го ограничи пристапот на Кина до напредни чипови и ги обвини кинеските компании дека развиваат сопствени модели преку „дестилирање“ на способностите од американската технологија.
Пекинг ги отфрли повиците на американските технолошки лидери да го забави развојот на ВИ поради безбедноста, а кинеското Министерство за надворешни работи ги оцени таквите потези како „ширење страв“, при што државните медиуми ги опишаа како „грижа за сопствените интереси“.
„Како убедливо најголема светска сила во ВИ, со Кина на второто место, во интерес на сите нас е да воспоставиме заштитни механизми и да одржуваме блиска комуникација“, им рече Бесент на новинарите на почетокот на овој месец.
Во изјава за „Аксиос“ (Axios) оваа недела, американскиот министер за финансии рече дека се „отворени за разговори за избегнување на заедничките ризици и спречување на раздвојувањето на нашите два система“.
Според Пекинг, потезите на САД се осмислени за да го ограничат подемот на Кина, а Кина одбива да му ја препушти на Вашингтон водечката улога во креирањето на правилата за ВИ.
Понепосредна закана за двете економии е енергетскиот шок, откако Белата куќа го засили притисокот врз Иран и неговите трговски партнери. Кина му обезбедува важен извор на приходи на Иран како најголем купувач на иранската нафта.
Засилување на санкциите
Министерството за финансии предводено од Бесент го засилува притисокот врз финансиските институции во рамките на напорите да се прекинат трговските и финансиските текови меѓу Иран и остатокот од светот, што поттикна шпекулации дека цел би можеле да бидат и кинеските банки.
Бесент на почетокот на оваа недела, за време на сведочењето пред Комитетот за финансиски услуги на Претставничкиот дом на Конгресот, рече дека имал „приватни разговори“ со кинеските претставници за таа тема и дека се надева на натамошен напредок за време на претстојните преговори викендов.
Американската поморска блокада нагло ги намали тековите на сурова нафта кон Кина, зголемувајќи ја можноста за намалување на преработката во следните неколку недели кај помалите кинески рафинерии, познати како рафинерии „чајници“, кои сочинуваат една третина од вкупните кинески капацитети за преработка.
„Кина има интерес теснецот Ормуз повторно да се отвори, но има ограничени можности да принуди која било страна да го промени курсот“, изјави Џеси Маркс, основач на компанијата „РРА“ (Rihla Research & Advisory) и поранешен советник на американската влада за политиката кон Блискиот Исток. „Колку подолго теснецот остане затворен, толку повеќе американските санкции и пошироките нарушувања на регионалната трговија ќе почнат да ги загрозуваат сопствените економски интереси на Кина во Иран.“