text size
Американскиот министер за финансии Скот Бесент објави дека САД и Кина договориле двомесечно продолжување на трговското примирје, додека Шји Џјинпинг пристигна во Америка во прва државна посета по единаесет години.
Шји и неговата сопруга Пенг Лијуан, позната сопранистка, слетаа во здружената воена база „Ендруз“, во близина на Вашингтон, во средата нешто пред 18 часот по локално време. Доналд Трамп се ракуваше со двојката и стана првиот американски претседател во последните шест децении што пречекал странски колега на тој аеродром, ако се изземат посетите на папата.
Приближно во исто време, Бесент објави дека договорот постигнат минатата година, со кој се задржуваат ниски царините и дел од извозните ограничувања меѓу двете најголеми светски економии, истекува на 10 јануари. Кинеската влада не го потврди тој датум. „Не знам дали може да се постигне поголем договор“, изјави Бесент за „Фокс њуз“ (Fox News).
Прочитај повеќе
Што ќе биде на агендата на самитот меѓу Трамп и Шји во Вашингтон?
Трговската војна, вештачката интелигенција, Иран и Тајван се само дел од темите што можат да ја променат глобалната рамнотежа на силите. Дали следува договор или нова ескалација?
23.09.2026
Трамп побарал забрана за извоз на гориво поради скокот на цените
Цените на дизелот се искачија над 6 долари за галон за првпат досега во САД, зголемувајќи го ризикот од дополнителна инфлација, непосредно пред почетокот на сезоната на најголема побарувачка за горивото.
22.09.2026
САД и Кина ги поздравија конструктивните разговори пред самитот Трамп-Шји
Американскиот министер за финансии Скот Бесент ги пофали „многу успешните“ разговори со своите кинески колеги за вештачката интелигенција, трговијата и инвестициите
21.09.2026
САД и Кина на преговарачка маса во Њујорк - ВИ, Иран и трговијата на дневен ред
Преговарачите ќе го подготват теренот за средбата на претседателот Доналд Трамп и кинескиот претседател Шји Џјинпинг на 24 септември во Вашингтон.
20.09.2026
Неколку моменти подоцна, кинеското Министерство за надворешни работи објави изјава од Шји во која тој вели дека е „уверен“ дека посетата ќе донесе „плодни резултати“.
Очекувањата за голем напредок пред самитот беа ниски. Иако продолжувањето на примирјето обезбедува стабилност до 2027 година, тоа е пократко од продолжувањето за три до шест месеци што го споменуваа некои американски претставници. Дополнителните два месеца, сепак, опфаќаат два самита на светски лидери во Шенжен и Мајами подоцна годинава, на кои се очекува двајцата повторно да се сретнат.
„Ова поставува долна граница за исходот од самитот, што пазарите можат да почнат да го вградуваат во цените, а истовремено остава можност Трамп и Шји самите да постигнат подолгорочен договор“, рече Скот Кенеди од Центарот за стратегиски и меѓународни студии (Center for Strategic and International Studies). Но, пократкиот рок укажува дека САД „сè уште не се задоволни од понудата на Кина за ретките земни елементи, а можеби и за други прашања“, додаде тој.
Реакцијата на берзите беше релативно слаба, а индексот на MSCI за азиските акции речиси не се промени. Паднаа акциите на компаниите што се обидуваат да понудат алтернатива на синџирот на снабдување со ретки земни елементи, во кој доминира Кина, бидејќи продолжувањето на примирјето остава повеќе време за преговори за снабдувањето со овие критични минерали, потребни за повеќето современи технологии.
Во Токио, акциите на „Тојо инженеринг“ (Toyo Engineering Corp.), која развива технологија за извлекување ретки земни елементи од морското дно, паднаа за околу осум отсто. Акциите на австралиската рударска компанија „Лајнас реар ертс“ (Lynas Rare Earths Ltd.) се намалија за дури пет отсто.
Примирјето меѓу Пекинг и Вашингтон беше објавено минатата година на самитот меѓу Трамп и Шји во Бусан, Јужна Кореја. Со него беа суспендирани високите царини, ограничувањата за ретките земни елементи и високите такси за бродовите изградени во Кина или во кинеска сопственост што пристигнуваат во американските пристаништа.
Бесент во средата за „Фокс њуз“ изјави дека исполнувањето на некои обврски „не било совршено од кинеска страна“. Кинескиот извоз на магнети од ретки земни елементи, мали, но моќни компоненти што широко се користат во современото производство, е значително под нивото од пред трговското примирје.
Иако веста што ја соопшти Бесент можеше да го засени свечениот пречек на Шји, церемонијата и без тоа доби помалку внимание во американските медиуми.
Ниту една од петте телевизиски мрежи што се дел од медиумскиот пул на Белата куќа не го пренесуваше пречекот. Тоа се случи откако Трамп им забрани пристап до Белата куќа на три медиуми, незадоволен од начинот на кој известуваат. Неговиот потег ја погодува слободата на медиумите заштитена со Првиот амандман на американскиот Устав. Поради тоа, американските гледачи што сакаа да го следат пречекот во живо мораа да се потпрат на социјалните мрежи или на видеопреноси од конзервативни медиуми.
За разлика од тоа, кинеските државни медиуми го пренесуваа во живо личното пречекување на Шји од страна на Трамп за публика низ целиот свет.
„Тоа беше одличен пречек“, им рече Трамп на новинарите во средата вечерта, по враќањето во Белата куќа. „Имавме неколку добри средби за разни работи. Нема да навлегуваме во детали, наскоро ќе читате за тоа.“
Вообичаено, претседателите ги пречекуваат странските лидери во Белата куќа со формална церемонија. Трамп е првиот што пречекал кинески лидер на аеродромската писта во поновата историја. Тоа отстапување од протоколот му дава можност на Пекинг пред домашната јавност да ја претстави Кина како рамноправна со САД.
„Впечатливо е колку Трамп се труди да му искаже ваква почит на главниот геополитички ривал на Америка“, рече Џонатан Цин, кој беше директор за Кина во Советот за национална безбедност за време на администрацијата на Бајден, а сега работи во Институтот „Брукингс“ (Brookings Institution). „Не е јасно што, ако воопшто нешто, добива Трамп од Шји во замена за сите овие гестови.“
Според американскиот распоред, Трамп ќе го пречека кинескиот лидер во Белата куќа во четврток наутро, со државна церемонија за пристигнување.
Шји го посетува Вашингтон откако минатата година ја искористи доминантната позиција на Кина во снабдувањето со ретки земни елементи за да издејствува отстапки од Трамп за време на царинската војна. Американскиот претседател, пак, настојува да постигне напредок во обврските за купување земјоделски производи и авиони, како и да воспостави канал за комуникација за вештачката интелигенција.
Меѓу двете велесили и натаму постојат длабоки несогласувања за прашања што ги вклучуваат трговијата, Тајван и нивната трка во вештачката интелигенција. Повеќе не се очекува Шји да доведе делегација од кинески директори, што ги намалува изгледите за големи деловни договори какви што претпочита Трамп.
Додека Шји слетуваше во Вашингтон, „Блумберг њуз“ (Bloomberg News) објави дека кинеската влада дошла на посед на потенцијално чувствителни делови за стелт-авионите Ф-35, кои од необјаснети причини биле пренасочени кон Хонгконг.
Последен пат американски претседател пречекал светски лидер, освен папата, во здружената воена база „Ендруз“ во 1962 година. Тогаш Џон Ф. Кенеди го пречекал тогашниот британски премиер Харолд Макмилан, чија земја е долгогодишен сојузник што се борела заедно со Америка во две светски војни. Посоодветна споредба можеби е пречекот што Двајт Д. Ајзенхауер му го приредил на советскиот лидер Никита Хрушчов во 1959 година, за време на Студената војна.
Кога Трамп го посети Пекинг во мај, на аеродромот го пречекаа кинескиот потпретседател Хан Џенг, како и воена почесна гарда и стотици деца што мавтаа со знамиња. Следниот ден Шји го чекаше пред Големата сала на народот, во близина на плоштадот Тјенанмен.
Bloomberg
Аеродромски протокол
Bloomberg
„Мене ова ми изгледа како јасен пример дека Белата куќа отстапува од досегашниот протокол за да го започне самитот со силен гест на почит кон Шји Џјинпинг и да создаде соодветна атмосфера“, рече Џозеф Ториџијан, истражувач на Кина на Американскиот универзитет во Вашингтон и автор на биографија за таткото на Шји. „Тоа е во согласност со уверувањето на претседателот Трамп дека голем дел од меѓународната политика се темели на личните односи.“
И покрај свечениот пречек, и натаму постојат значителни пречки за постигнување поширок трговски договор. Краткото продолжување укажува дека потегот повеќе служи за намалување на тензиите отколку за решавање на подлабоките спорни прашања, оцени Адам Фарар од „Блумберг економикс“ (Bloomberg Economics).
„Сега останува да се види дали дополнителното време може да донесе суштински и предвидлив долгорочен договор каков што очекуваат пазарите“, додаде тој.