Основниот суд во Струга донесе решение со кое на градоначалникот Рамиз Мерко му се одзема пасошот и друга исправа со која може да премине граница. Наложено му е повремено да се јавува пред судот.
Решението е донесено на барање на Основното јавно обвинителство од Струга. Мерките се побарани поради опасност од бегство. Претходно, вчера, струшкиот градоначалник беше ставен на „стоп – листа“.
Како што соопшти ЈОРСМ, надлежен јавен обвинител, по спроведена претходна постапка, поднесе Обвинителен предлог затоа што обвинетиот, како градоначалник на општина Струга, во март годинава, поставил спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда, со кое поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга, со што сторил кривично дело предвидено во член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја.
„Имајќи предвид дека обвинетиот е долгогодишен јавен функционер, против кого ОЈО Струга во краток временски период годинава поднесе повеќе обвиненија и веќе води осум судски постапки за кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување и Несовесно работење во службата, надлежниот јавен обвинител оцени дека постои реална опасност обвинетиот да се обиде да го избегне кривичниот прогон“, се наведува во соопштението.
Со ова обвинение, во основните судови во Струга и во Битола, против обвинетиот ќе се водат вкупно девет активни судски постапки, при што за секоја од нив му се заканува и затворска казна.
Градоначалникот Мерко од редовите на ДУИ се наоѓа на црната листа на САД поради корупција. На листата се наоѓа и неговата сопруга и трите деца.
Од неодамна на црната листа на САД се наоѓа и поранешниот вицепремиер Артан Груби, исто така од ДУИ. Тој потоа во земјава беше обвинет за милионска проневера во случајот на Државна Лотарија, но избега од земјава пред да биде уапсен.