Милош Вучевиќ денеска на вонредна прес-конференција поднесе неотповиклива оставка на местото претседател на Владата на Србија, а како причина го наведе утринскиот физички напад врз студенти во Нови Сад, при што една студентка беше тешко повредена.
Тој истакна дека утрово кога се разбудил ја видел веста од Нови Сад за физичка пресметка на улица. Вучевиќ рече дека конфликтот започнал околу тоа што некој доаѓал до партиските простории на СНС и дека тоа завршило со физичка пресметка во која биле повредени студенти. На најтешко повредената студентка Ана, која поради повредите е задржана во Ургентниот клинички центар на Војводина, ѝ посака брзо оздравување.
Како што рече тој, таквото однесување е недозволиво и „напаѓачите мора да бидат итно уапсени“.
Тој рече дека поднел оставка „за да не се комплицираат дополнително работите“ во Србија и дека Владата треба да покаже највисок степен на одговорност.
Вучевиќ потсети дека функцијата претседател на Владата на Србија ја презел во тешки околности, пред сè геополитички. „Сепак, мислам дека пред сè на полето на економијата постигнавме успех. Добивме инвестициски рејтинг, ја вративме инфлацијата во инфлаторниот коридор, имавме втор по големина раст на економијата во Европа. Овозможивме зголемување на платите од 11 проценти“.
Тој се осврна на трагичната несреќа на 1 ноември во Нови Сад. „Трагедијата во Нови Сад при падот на натстрешницата на железничката станица фрли голема сенка врз сите резултати на Владата и Србија од тој момент остана заглавена во таа несреќа“.
Тој најави дека оставка ќе поднесе и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, и со тоа ќе го покаже „својот дел од одговорноста“.
„Ние сме објективно одговорни за она што се случи во Нови Сад и доброволно ја плаќаме политичката цена. Со тоа ги исполнивме најполитичките барања на дел од најекстремните учесници на протестите“, рече Вучевиќ.
Тој додаде дека поради тоа двајца министри поднеле оставки во Владата на Србија, дека истрагата е поведена во рекорден рок, а дека Владата објавила сè што барале студентите што започнале протести .
„Она што остава длабоки последици за нашето општество е сериозната поделба. Создавање атмосфера во општеството дека сè е на работ на конфликт, дека учениците се пребројуваат кој оди на училиште, дека родителите расправаат дали да се оди на училиште или не...“
Вучевиќ рече и дека Владата на Србија повикувала на смирување на страстите, но дека „по некое зло сценарио секогаш нешто потоа се случувало“.
„И вчерашната конференција на претседателот на Србија требаше да отвори едно ново поглавје, враќање во нормални текови, нормална работа на Собранието и враќање на студентите и учениците во клупите“.
Да потсетиме, во вторникот рано наутро студентите на Филозофскиот факултет во Нови Сад објавија на својот инстаграм „blokada.ffuns“ дека неколку студенти биле физички нападнати и повредени во Нови Сад во раните утрински часови, а дека една девојка е задржана во Клиничкиот центар на Војводина.
Тоа подоцна го потврдија и од Основното јавно обвинителство во Нови Сад, кое се огласи со соопштение по повод два ноќни напада врз студенти во Нови Сад и ги квалификува тие инциденти како насилничко однесување, како и Универзитетскиот клинички центар (УКЦ) на Војводина. УКЦ соопшти дека студентката што била претепана ноќеска во Нови Сад со тешки телесни повреди е примена во оваа болница и задржана на опсервација.
Вучевиќ беше на чело на Владата на Србија од 2 мај 2024 година. Од денеска и целата влада е во оставка, а до изборот на нов премиер Владата ќе биде во технички мандат, рече Вучевиќ.