Претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик, денеска беше прогласен за виновен поради неизвршување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина (БиХ). Судот на БиХ му изрече казна од една година затвор и мерка забрана за вршење на функцијата претседател на РС во траење од шест години од денот на правосилноста на пресудата. Додик не ја прифаќа пресудата.
Вршителот на должноста директор на Службениот гласник на Република Српска, Милош Лукиќ, беше ослободен од обвиненијата.
Додик и Лукиќ не присуствуваа на изрекувањето на пресудата во Сараево. Станува збор за првостепена пресуда, на која е дозволена жалба до Апелацискиот совет на Судот на БиХ.
Додик не ја прифаќа пресудата и најавува „враќање на Дејтон“
Додик од Бања Лука, каде што е во тек заседанието на Народното собрание и народниот митинг, уште пред изрекувањето на пресудата порача дека нема да ја прифати и дека парламентот на Република Српска, како реакција на пресудата, ќе донесе одлуки со кои ќе бара враќање на Босна и Херцеговина во уставните рамки и на уредувањето воспоставено со Дејтонскиот мировен договор.
Тоа, како што наведе, значи дека одбраната, граничната контрола, индиректните даноци и другите надлежности ќе се вратат на ниво на ентитетите на кои, според Уставот на БиХ, им припаѓаат.
„Република Српска ќе направи сè во согласност со Уставот. Нашата прва цел е да го одбраниме Уставот на БиХ, да ја повикаме Федерацијата БиХ на преговори и да ги вратиме работите на дејтонскиот Устав. Ако тоа не биде можно, ќе донесеме соодветни одлуки“, рече Додик пред пресудата.
Судски процес
Судскиот процес против Додик и Лукиќ започна на 16 октомври 2023 година, доказната постапка заврши на 5 февруари оваа година, а завршните зборови беа изнесени во средата, на 19 февруари.
Постапката против нив беше покрената бидејќи Додик потпиша Указ за прогласување на Законот за необјавување на одлуките на високиот претставник во Службениот гласник на РС, како и Указ за прогласување на Законот за неспроведување на одлуките на Уставниот суд на БиХ на територијата на РС, додека Лукиќ ги објави тие укази во Службениот гласник.
Станува збор за закони кои ги усвои Народното собрание на Република Српска, а кои високиот претставник Кристијан Шмит ги поништи. Обвинението против Додик и Лукиќ беше подигнато поради неизвршување на одлуките на високиот претставник врз основа на член 203а, став 1 од Кривичниот закон на БиХ, кој го донесе високиот претставник.
Одбраната на Додик и Лукиќ за време на завршните зборови минатата недела побара ослободителна пресуда, додека Обвинителството предложи затворски казни и забрана за вршење на јавни функции во траење од 10 години.