Португалскиот премиер Луис Монтенегро се бори да стави крај на шпекулациите за потенцијален конфликт на интереси во врска со компанија која што е во сопственост на неговото семејство. Ова се случува на помалку од една година откако неговата малцинска влада ја презеде функцијата.
Премиерот рече дека вечерва во Лисабон ќе се обрати пред нацијата за да објави „лични и политички одлуки“ како владата би можела да го фокусира „целото внимание“ во служба на земјата. Пред официјалното обраќање тој закажа и вонреден состанок на владата.
Прашањата за семејната компанија го зголемуваат притисокот врз Монтенегро. Минатиот месец тој доби поддршка од опозициските партии, со што не беше изгласана недоверба. Импичментот беше на предлог на екстремно десничарската партија, која сака објаснување за фирмата со цел да се стави крај на сомнежите за потенцијален конфликт на интереси.
Монтенегро на 21 февруари рече дека ја основал компанијата, наречена „Спинумвива“ (Spinumviva), кога не бил активен во политиката и дека е апсурдно да се смета дека поседувањето удел во фирмата генерира конфликт на интереси. Тој во петокот повтори дека никогаш не донел никаква одлука што вклучува конфликт на интереси.
Од „Солверде“ (Solverde), португалски оператор на казина и хотели, за весникот „Експресо“ (Expresso) изјавија дека од јули 2021 година операторот ѝ плаќал на „Спинумвива“ 4.500 евра месечно за услуги поврзани со усогласеност и заштита на лични податоци.
Премиерот, кој порано работеше како адвокат, рече дека не учествува во одлуките кои вклучуваат компании поврзани со него.
Монтенегро (52) ја презеде функцијата во април и моментално му е потребна поддршка од другите партии за буџетите и другите мерки. Тој мораше да направи компромис околу клучните политики, како намалување на даноците.
Владата на Монтенегро има за цел да оствари буџетски суфицит од 0,3 отсто од БДП оваа година, бидејќи економскиот раст се забрзува. Централната банка на Португалија во декември ја зголеми прогнозата за раст за 2025 година на 2,2 проценти.
Доцна синоќа, агенцијата за кредитен рејтинг „СП Глобал“ (S&P Global Ratings) го подобри рејтингот на португалските државни обврзници на А од А-, наведувајќи го раздолжувањето како клучна причина.