text size
Тоа што Европа ја фаворизира Украина во однос на евроинтеграциите не е фер однос, смета премиерот на Унгарија, Виктор Орбан. Тој, како партнер што долго време преговараше со ЕУ, го смета за срамно тоа што го прави Унијата.
„Можам да спомнам и други држави од Западен Балкан за нефер однос од Брисел, но најгрдата работа се гледа тука. Најголемиот морален долг сега е кон Северна Македонија. Се разбира, Унгарија без да си ја потцени својата сила или тежина треба да признае дека не е способна ова сама да го изменаџира и ќе се обидеме само што потесно да соработуваме со Северна Македонија на сите полиња, што секако не е замена за интеграцијата, туку е само утешна награда, ако може така да се смета“, рече унгарскиот премиер Орбан на денешната прес-конференција во рамките на посетата на македонската владина делегација на Унгарија.
МИА
Тој потенцира дека Македонија и натаму може да смета на унгарската поддршка за зачленување во ЕУ, и тоа не само затоа што е срамно што процесот бавно оди напред, а за тоа не е одговорна Македонија, туку членките на ЕУ. Унгарија го поддржува членството не само на Македонија туку секое проширување го смета за добро бидејќи, според премиерот Орбан, така ЕУ ќе ја зголемува конкурентноста.
Премиерот Христијан Мицкоски потенцира дека тој постојано и секаде се обидува да ја пренесе фрустрацијата на граѓаните од земјава, кои жртвуваа многу во интерес на тие евроинтеграции, а не го добија ветеното.
„Да потенцираме дека тоа што граѓаните го дадоа за реализација на нашата стратегиска цел, да бидеме дел од европското семејство, е бесценето, односно цената е толку голема што не може да се утврди бидејќи пред сė зборуваме за билатерализација, а не европеизација на процесот на преговори“, рече премиерот Мицкоски, потенцирајќи дека сепак мора да останеме оптимисти и да продолжиме да се бориме и во иднина да ја реализираме таа цел.
„Оваа влада нема да прави компромиси како во минатото. Ние ги почитуваме нашите обврски, ама бараме и другите да ги почитуваат своите обврски, независно од тоа дали се дел од ЕУ или не. Само така може да одиме напред и да бидеме пријатели, бидејќи пријателството значи двете страни да се почитуваат меѓусебно“, рече премиерот Мицкоски.
МИА
Претставници на македонската и унгарската влада денеска имаа заедничка седница во Будимпешта, на која, како што истакна премиерот Мицкоски, биле усогласени клучни прашања од заеднички интерес за двете земји.
„Разговаравме за целокупната поддршка што ја добиваме. Тука имаше и финансиска поддршка од страна на Унгарија, на почетокот на мандатот од оваа влада, средства со кои ја модернизираме државата. Стана збор и за уште подлабока идна меѓудржавна соработка во делот на инфраструктурата, но министрите за внатрешни работи и за одбрана разговараа за можна соработка во тој дел, како и за здружување и настап на трети пазари“, рече премиерот Мицкоски.
Според унгарскиот премиер, регионот има потенцијал за заеднички настап на трети пазари.
„На денешната средба зборувавме за билатерални односи. Нашата трговска размена постепено расте. Од 2010 година за седум пати е зголемена трговската размена меѓу двете земји. Северна Македонија и Унгарија припаѓаат на ист економски регион, а тука е и Србија. Според нас, ова може да е заедничка економска зона со огромен потенцијал, но проблемот е што ние сме во Унијата, а тие две држави се надвор од неа и затоа не може да се организираме како единствен простор. Затоа тука на средбата не е само премиерот туку цела влада“, рече унгарскиот премиер Орбан.
Во врска со случувањето во Украина, премиерот на Унгарија рече дека неговата земја и Македонија се на исто стојалиште во врска со тоа.
„Три години живееме во сенката на војната. Ние ги поздравуваме преговорите меѓу САД и Русија и сме заинтересирани за успешен исход. Ние им се спротивставуваме на оние држави од Европската Унија што се наши пријатели и сојузници, но кои решија дека војната во Украина мора да продолжи. Сметаме дека продолжувањето на војната е лошо, опасно и грешка и за тоа ќе зборуваме в четврток во Брисел“, рече премиерот Орбан, потенцирајќи дека Унгарија и Македонија се на исто стојалиште и го поддржуваат предлогот на САД.
„Заедно да поддржиме и иницираме Европа да има поинтензивна улога за постигнување траен и одржлив мир преку партнерство и сојузништво со САД, нешто што е во полза и за Унгарија и за самата Европа“, порача унгарскиот премиер. Иако досега со комуникација и насмевки можеше да се поправат работите, Орбан смета дека тие алатки веќе не може да донесат успех.
„На самитот в четврток ќе разговараме каква стратегија сака Европа да примени како во економијата така и во одбраната и ќе се обидеме да најдеме начин за соработка“, рече премиерот Орбан.
На меѓувладината седница се обрна посебно внимание и на миграцискиот проблем, па премиерот на Унгарија рече дека неговата земја ѝ е благодарна на Македонија бидејќи ја чува својата граница, а со тоа им помага и на европските земји.
Премиерот Мицкоски рече дека најголемиот дел од двете влади е во постојана комуникација и многу скоро ќе се преземе чекор напред со конкретни договори за соработка во делот на инфраструктурата, земјоделството, одбраната, образованието итн., а со цел да се подобри животот на граѓаните.