Поранешниот министер за економија Крешник Бектеши сè уште се наоѓа во полициската станица во Карпош. Тој беше повикан на распит вчера доцна попладне, неофицијално по распитот требало да ја напушти станицата, но тогаш му било кажано дека ќе биде задржан.
Во станицата со него е и поранешната државна секретарка во Министерството за економија Размена Чекиќ Дуровиќ. Потписите на двајцата стојат на фалсификуваната лиценца од кочанскиот клуб во кој загинаа 59 млади лица, а над 150 се повредени.
Партијата на поранешниот министер Бектеши, ДУИ денеска соопшти дека во следните денови ќе ги објави сите документи и докази за тоа кој дозволил да се случи трагедијата во Кочани.
Прочитај повеќе
Дискотеката во Кочани работела во објект наменет за лесна индустрија
Како што истакна министерот за внатрешни работи, над 22-23 лица се осомничени за целиот настан.
17.03.2025
Градоначалникот на Кочани поднесе оставка по трагедијата во градот
Доколку постои каков било основ за одговорност кај мене, го повикувам обвинителството да го испита тоа и да постапи во согласност со законите, посочи Љупчо Папазов.
17.03.2025
Коцевски: Во дискотеката немало хидрант, а имало само два ПП апарати
ЈО засега бара притвор за десет лица.
16.03.2025
Поранешниот министер за економија Крешник Бектеши повикан во полициска станица
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски претходно информираше дека МВР во координација со Јавното обвинителство до овој момент во врска со овој настан има осомничено повеќе од 20 лица.
16.03.2025
„Одговорност мора да има, а во случајов ноторен факт е дека во март 2024 година министерот за економија Крешник Бектеши не дозволил да се издаде лиценца за тој објект, бидејќи објектот не исполнувал услови, лиценца нема во регистарот на Министерството, ниту администрацијата изготвила таква лиценца во 2024 година. А, зошто објектот до март 2025 година работел без лиценца, одговорот треба да се побара на местото каде мора да се бара и добие одговорност за оваа трагедија“, рече потпретседателот на ДУИ Арбр Адеми на денешната прес-конференција во партиското седиште во Скопје.
Адеми рече дека градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов кој три години владее со општината знаел и бил должен, како што наведе, да знае дека фирмата „ММММ Кафе“ од Кочани нема лиценца и не исполнува услови да ја врши таа дејност во неговото населено место.
Според Адеми, тврдењата дека од некој од Министерството за економија издал лажна лиценца се целосна конструкција.
„Министерството за економија, токму поради фактот дека не биле исполнети условите за издавање лиценца и не била доставена потребната документација не издал лиценца. Тврдењата дека од Министерството за економија некој издал лажна лиценца се целосна конструкција, ако некој поточно државниот секретар зел пари да издаде лиценца, истата ќе ја издал и ќе била евидентирана во Министерството, но и во регистарот на лиценци кој постојано месечно се ажурира со најнови податоци, а таква лиценца не е евидентирана бидејќи не е издадена. Ако некој фалсификувал документ надвор од институцијата, одговорноста е на поединецот или групата кои го сториле истото и одговорност мора да има“, рече тој.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и денеска повтори дека од извршениот увид во текот на вчерашниот ден се констатирани низа неправилности во дискотеката – немала лиценца, објектот бил наменет за лесна индустрија, а не за угостителска дејност, не биле испочитувани правилата за противпожарна заштита, немало излези за евакуација, а концертот бил одржан на диво, без договор меѓу организаторот и изведувачите.
„Мене ако ме прашате тоа е штала, и функционирала така 15 години, со криминал, со мито, со корупција, незаконски, без никакви услови. За неверување е што 15 години функционирала така“, изјави Тошковски.