Владата подготвува измени на Законот за локална самоуправа со кои меѓудругото се предвидува можност да се покрене доверба на градоначалниците преку организирање референдум. Според нацрт-законските измени објавени на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) прашање за доверба на градоначалникот може да се покрене еднаш во мандатот на градоначалникот, но не во првата година и во последната година од мандатот.
„Советот на општината е должен да распише референдум за прашање за доверба на градоначалникот на барање од најмалку 20 проценти од избирачите во општината. Одлуката за недоверба на градоначалникот е донесена ако за неа гласале мнозинство од вкупниот број граѓани кои гласале, доколку гласале повеќе од една третина од вкупниот број на граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина, каде што се спроведува референдумот“, се наведува во документот.
Процедурата предвидува претседателот на советот, во рок од 15 дена од денот на донесување на одлуката да го извести министерството надлежно за работите што се однесуваат на локалната самоуправа.
„Министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа, во рок од 15 дена од денот на приемот на известувањето за донесената одлука ја известува Владата на Република Северна Македонија, која во рок од 30 дена од денот на приемот на известувањето констатира дека е изгласана недоверба на градоначалникот и покренува постапка за распишување нови избори за градоначалник, во согласност со закон“, пишува во нацрт-законските измени.
Потоа, Советот на општината, во рок од 30 дена од денот на објавувањето на одлуката на Владата избира еден од членовите на советот кој ќе ја врши функцијата градоначалник за периодот до изборот на нов градоначалник, на начин на кој се избира претседателот на советот. На членот на советот му мирува функцијата член на советот за времето на вршењето на должноста градоначалник.
„За сите прашања што не се уредени со овој член, се применуваат одредбите од законот со кој се уредува начинот и постапката за распишување и спроведување на референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните“, се наведува во документот.
Во образложението на нацрт-законските измени се вели дека „досегашната примена на Законот ги истакна недостатоците во спроведувањето на одредени конкретни одредби и овозможи индентификување на сите одредби од законот кои треба да бидат унапредени за да се подобри неговата примена“.