На денот на претставувањето на договорот меѓу Христијанско-демократскиот блок ЦДУ/ЦСУ и социјалдемократите од СПД, објавена е анкета која за првпат ја покажува крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) како најсилна политичка сила во земјата. Дури и пред да ја преземе функцијата канцелар, Фридрих Мерц прекрши неколку предизборни ветувања, што резултираше со пад на популарноста.
Според анкетата на Ипсос, ЦДУ/ЦСУ падна од речиси 29 отсто од гласовите на 23 февруари на само 24 отсто поддршка. Некои од нивните гласачи се префрлија на АфД, која скокна од 21 на 25 отсто, што претставува прв пат по Втората светска војна една крајнодесничарска партија да стане најсилна во Германија, и покрај фактот што е под надзор на германските безбедносни служби поради екстремизам.
Стравот дека новата влада нема да може да го запре подемот на АфД го делат и аналитичарите и самиот Мерц. Очекувањата од него се големи и во Германија и низ Европа.
Прочитај повеќе
Мерц постигна договор со зелените за германскиот долг
Договорот треба да биде потврден и одобрен од пратениците.
14.03.2025
Веќе не е штедлив и рационален - Мерц ја подготвува Германија за револуција
Германија е поделена во ставовите меѓу зголемени трошоци за одбрана и економско закрепнување. Што ќе одлучи парламентот?
13.03.2025
Германската стратегија за „отклучување“ на буџетот ги јакне европските пазари
Германскиот референтен берзански индекс порасна за 3,4 отсто.
06.03.2025
Допрва им претстојат главоболки на победниците на германските избори
Предвремените парламентарни избори во Германија не ги решија политичката нестабилност и спротивставените интереси на водечките партии...
24.02.2025
Изгледите за реформите на Мерц ги возбудуваат пазарите
Индексите во регионот денеска главно паднаа откако петочните економски показатели во САД го одразија забавувањето на економијата и упорната инфлација.
24.02.2025
Во интервју за АРД, Мерц најави брзи реформи за растоварување на економијата, која веќе три години е во блага рецесија, но предупреди дека не може да се очекуваат брзи резултати.
Во последните денови од претходниот мандат, Мерц изврши уставни измени кои овозможуваат задолжување за повеќе од трилион евра во наредните години за одбраната, инфраструктурата и зелената транзиција. Ова, според некои коментатори, е основата за закрепнување на германската, а со тоа и на европската економија.
Каде одат европските интеграции?
Со оглед на низата надворешнополитички предизвици кои ја очекуваат новата германска влада, како што се намалувањето на американско-европската соработка во безбедносниот сектор и трговската војна на Доналд Трамп со Америка, експертите сметаат дека Западен Балкан нема да биде приоритет на администрацијата на Мерц.
Иако коалицискиот договор меѓу ЦДУ/ЦСУ и СПД се протега на 146 страници, едвај четири реченици зборуваат за прием на земји од регионот кои сè уште не се членки на ЕУ.
Од една страна се наведува дека проширувањето на ЕУ со шесте земји од Западен Балкан, Украина и Молдавија е „заеднички интерес“, но веднаш потоа се нагласува дека „проширувањето и можноста ЕУ да прими нови членки мора да оди рака под рака“. Со други зборови, без претходна реформа на институционалната структура на Унијата, нема да има нови проширувања.
„Проширувањето на ЕУ и нејзиниот капацитет за апсорпција на нови членки мора да одат рака под рака. Затоа, најдоцна со следното проширување, потребна е внатрешна консолидација и реформи на ЕУ за институционално зајакнување на Унијата“, се наведува во договорот и се додава дека принципот на консензус во Европскиот совет не смее да стане кочница за донесување одлуки. „Ова во принцип важи и за сите други одлуки кои во моментов бараат едногласност во Советот на ЕУ.
Иако се чини дека оваа формулација не открива многу, во суштина го замрзнува европскиот пат на земјите од Западен Балкан, поточно самото проширување на ЕУ. Всушност, ваквиот став на идната влада на Мерц означува промена на германската политика кон Западен Балкан, со што се изедначува со политиката на францускиот претседател Емануел Макрон.
Bloomberg
Макрон постојано истакнуваше дека ЕУ може да се прошири само по реформирање на методот на гласање за надворешната политика и безбедносните прашања, кои според сегашните основачки акти на ЕУ бараат едногласност од сите членки, за разлика од бројните економски прашања за кои е доволно квалификувано мнозинство. Поточно, Макрон предупреди дека дури и со 27 членки на ЕУ, ЕУ понекогаш функционира полошо отколку подобро, прашувајќи се како би изгледало со 35 членки.
Според Мајкл Мартенс, дописник на „Франкфуртер Алгемајне цајтунг“, ова е де факто напуштање на претходната реторика на Берлин за проширувањето на ЕУ.
„Ова го формулира она што одамна беше вистина: недостатокот на капацитет на ЕУ за одлучување е клучна пречка за прием на нови членки. Секое ново полноправно членство со себе носи дополнително право на вето во Европскиот совет во оние области на политиката кои бараат едногласни одлуки“, посочува Мартенс.
Тој додава дека доколку ЕУ ги прими сите земји кои сакаат да се приклучат или веќе преговараат, резултатот би бил дека, на пример, ништо во надворешната политика не може да се реши без согласност на Белград, Кишињев, Киев, Сараево, Скопје, Подгорица, Приштина или Тирана.
„Кој подобро ќе ја погледне внатрешната структура и надворешнополитичката ориентација на тие земји, лесно може да замисли какви последици тоа би можело да има. Земете ја, на пример, Србија. Покрај стагнацијата во владеењето на правото, приемот на таа земја би значел дека би било тешко да се носат одлуки против Москва во ЕУ“, смета Мартенс, додавајќи дека дури и сега, поради положбата на Унгарија често е тешко да се носат одлуки. „Иако со години се тврди дека реформата е неопходна, сепак пречка е едногласноста потребна за нејзино укинување“.
Додека Мартенс споменатиот дел од коалицискиот договор го оценува како „знак на надворешнополитички реализам“, во исто време забележува недостиг на јасност во позицијата на официјална Австрија, каде неодамна беше формирана нова влада. Новата австриска министерка за европски прашања изјави дека би сакала ЕУ да прими нови членки најдоцна до 2030 година, но не ги споменува предизвиците што би можеле да го спречат тоа.
Нова ера за европските конзервативци
Според умерено левиот германски дневен весник „Зидојче Цајтунг“, тоа го означува почетокот на „новата ера за демохристијаните и конзервативците во Европа“.
Влада на РСМ
„Тие веќе формираат мнозинство меѓу политичките лидери, мнозинство во Европскиот парламент, а ја имаат и претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен. Европската политика сега ќе се фокусира повеќе од кога било на заживување на економијата и обезбедување чувство на сигурност, и во Европа и на глобално ниво. „Истото важи и за заштитата на климата, која во иднина ќе има подредена улога во однос на економските приоритети. Но, политиката јасно ја одразува волјата на мнозинството граѓани во Европа.
Шпанскиот дневен весник „Ел Паис“ во својот уводник го гледа идниот канцелар на стабилна стартна позиција, нагласувајќи дека предноста на Мерц е што ги спроведе уставните измени пред почетокот на канцеларската функција.
„Реформата му дава невиден простор за маневрирање, дозволувајќи му да ја ревитализира економијата и да ја зајакне одбраната на земјата“, пишува „Ел Паис“, додавајќи дека коалицискиот договор „е скромен, но тоа не треба да ја спречи најголемата европска економија и најнаселената членка да ја игра својата целосна улога во Унијата“. „Во светот на Доналд Трамп, Владимир Путин и Шји Џинпинг, тоа е поважно од било кога.
Мек неолиберализам
Коментаторот на германскиот неделник „Ди цајт“ Марк Шиериц смета дека од се што е наведено во коалицискиот договор покажува дека коалицијата се одлучила за она што може да се нарече мек неолиберализам, кој се ублажува со обемните владини програми за трошење.
„Тоа е компромис за кој двете страни успеаја да се договорат. Имајќи ја предвид ситуацијата во Германија и светот, тоа не е најлошиот можен компромис“, оценува Шиериц. Тој додава дека, доколку американскиот претседател Доналд Трамп не направи нешто сосема лудо, Германија може да излезе од периодот на економска стагнација. „Но, останува прашањето дали тоа ќе биде доволно за меѓународна конкурентност и за спротивставување на зајакнувањето на радикалните сили“.
За Хенри Донован, коментатор на конзервативниот британски неделник „Спектатор“ новата коалиција на Мерц е лоша вест за Германија, сметајќи дека демохристијаните направиле премногу отстапки на социјалдемократите.
„Кога мејнстрим конзервативците ги предаваат своите принципи, тие не ги претвораат своите гласачи во прогресивни. Тие остануваат политички бездомници, ранливи на радикални алтернативи“, пишува Донован. „Мерц претходно се претставуваше како спасител кој ќе ги врати конзервативните вредности на неговата партија по годините на одење на Меркел кон лево. Но наместо тоа, тој се покажа како уште еден политичар без ’рбет, подготвен да ги жртвува принципите за моќ“.