Претседателот Доналд Трамп повторно го критикуваше шефот на Федералните резерви, Џером Пауел, додека ги фалеше своите економски политики и царинскиот режим на настан во вторникот, со кој се одбележа неговиот стоти ден од мандатот.
„Инфлацијата е во опаѓање, а каматните стапки се намалуваат, иако имам човек во Фед што навистина не си ја врши добро работата“, изјави Трамп на митинг во близината на Детроит, Мичиген.
Оваа осуда дојде и покрај тоа што претходно месецов Трамп рече дека не планира да го отпушти шефот на централната банка, иако постојано го критикуваше темпото на намалување на каматите. Неизвесноста околу судбината на Пауел ги потресе пазарите и ги засили стравувањата на инвеститорите за царинските планови на Трамп.
Прочитај повеќе

Сто дена во кои Трамп го држи светот во неизвесност и магла
За разлика од првиот мандат, кога со месеци не успеваше да ги пополни празните места во својата администрација, Трамп во вториот мандат влезе повеќе од подготвен.
30.04.2025

Можно ли е Трамп да ги укине царините за возила по жалбите од автопроизводителите?
Компаниите од автомобилската индустрија бараат промени со кои би се укинале некои давачки за странските делови за автомобили и камиони произведени во САД.
29.04.2025

И македонските инвестициски фондови „ранети“ во царинската војна на Трамп
Турбуленциите на светските пазари ги погодија и домашните инвестициски фондови.
30.04.2025

Трамп продолжува да го притиска Пауел: Намали ги каматите!
Американскиот претседател не попушта во барањето до шефот на Фед за намалување на каматните стапки.
22.04.2025

Трамп уверува дека нема намера да го разреши Пауел
Трамп изјави дека нема намера да го разреши претседателот на Федералните резерви и покрај неговото незадоволство од ажурноста на централната банка.
23.04.2025
Може ли Трамп да го смени шефот на Фед? Не баш, еве зошто
Американскиот претседател вели дека централната банка треба да ги намали каматните стапки
19.04.2025
„Не треба да го критикуваш Фед“, рече Трамп. „Треба да му дозволиш да си ја врши работата – ама јас знам многу повеќе од него за каматните стапки“.
Критиката беше дел од поширока одбрана на неговите клучни економски политики. Трамп тврдеше дека неговата сеопфатна царинска програма ќе предизвика бран на економски раст и ќе ги врати производителите назад во САД. Но само неколку часа пред митингот, Трамп потпиша директиви со кои се олеснуваат некои од неговите планирани царини - вклучувајќи и двегодишно намалување на 25-процентните царини за автомобилски делови што се користат во возила довршени со производството во САД.
Трамп ја претстави оваа мерка како „малку флексибилност“ што треба да им даде време на компаниите да го преместат производството назад во земјата – но упати и остра закана до производителите што би продолжиле со увоз на делови.
„Им дадовме малку време пред да ги ‘исечеме’“, рече Трамп.
Анкетите покажуваат дека гласачите се скептични за економската агенда на Трамп и загрижени дека царините може да ја турнат економијата во рецесија и да ги зголемат цените за потрошувачите. Потрошувачката доверба во април падна на најниско ниво во последните пет години.
Иако Трамп во Мичиген ги отфрли анкетите како пристрасни против него, тој се обиде да ја зацврсти поддршката за својата економска политика - претставувајќи ги царините како неопходен чекор за да се надомести цената на новиот пакет на даночни реформи што се подготвува.
Законот претставува продолжение на неговите даночни намалувања од 2017 година, но вклучува и нови мерки, како што се укинување на данокот на бакшиши, на социјално осигурување и на прекувремена работа. Тој предупреди дека ако некои републиканци не ја поддржат агендата, треба да бидат сменети.
„Запомнете кои се тие што само глумат и избркајте ги од нивните канцеларии на следните избори“, рече Трамп.
Настанот го означи симболичниот праг на раниот претседателски успех пред публика што се наоѓа во самото срце на Трамповата кампања за реформа на глобалната трговија и обновување на американската индустриска база.
Трамп на митингот во Мичиген по повод првите сто дена во Белата куќа. Фото: Sarah Rice/ Bloomberg
Округот Макомб - каде што Трамп освои 56 проценти од гласовите на претседателските избори во 2024 година - е симбол на многу поранешни работнички бастиони на демократите, кои позитивно реагираа на неговите економски ветувања за време на кампањата. Освојувањето вакви области му помогна лесно да се врати во Белата куќа, освојувајќи ги сите седум клучни држави и добивајќи ги гласовите на народот.
Многу жители на места како предградијата на Детроит - каде што има фабрики поврзани со „Џенерал моторс“ (General Motors) и „Стелантис“ (Stellantis) - го поддржуваат агресивниот трговски пристап на Трамп, потпирајќи се на неговите ветувања за обновување на домашното производство и добро платени фабрички работни места.
Но производителите предупредуваат дека високите царини би можеле да доведат до затворање на фабриките и губење на работните места.
Ќе ги врати ли фабриките назад или ќе ги упропасти и постојните?
Сè уште не е јасно дали промените објавени во вторникот ќе бидат доволни за рестартирање на производството што беше прекинато поради претходните трговски мерки на Трамп. „Стелантис“ претходно го запре производството за да се приспособи на новите услови, што предизвика привремени отпуштања во Мичиген и во Индијана, како и во фабрика во Канада, преку реката Детроит.
Уште еден можен тест за Трамп е фабриката на „Стелантис“ во Ворен, каде што се произведуваат моделите „џип вагонер“ (Jeep Wagoneer) и „гранд вагонер“ (Grand Wagoneer). Продажбата е разочарувачка, а производството беше привремено запрено поради недостиг од мотори, со очекуван рестарт во почетокот на мај.
Сојузот на автомобилските работници (UAW), чиј претседател Шон Фејн ги пофали царините на Трамп, укажува на фабриката во Ворен како доказ дека „Стелантис“ има капацитет да произведува повеќе возила во САД и да ги врати отпуштените на работа.
Даг Кинг, 30-годишен вработен во „Стелантис“ што присуствуваше на митингот, рече дека е возбуден од трговската визија на претседателот и верува дека зголемувањето на производството во САД ќе се случи „побрзо отколку што мислите“.
„Тој не сака да им наштети на компаниите. Сака да ги спаси,“ рече Кинг. „Ќе ги прилагоди договорите — ќе прилагоди сè — за да функционира.“
Трамп им рече на присутните дека царините „уште и не почнале вистински да важат“, но повтори дека верува оти ќе може да склучи договори дури и со земји како Кина, кои досега одбиваа сериозни преговори.
„Мислам дека ќе успееме“, рече Трамп.
Рејтингот најнизок во последниве децении
Ова триумфално одбележување на првите сто дена од мандатот доаѓа и покрај анкетите што покажуваат дека рејтингот на одобрување на Трамп е на најниско ниво во последниве децении за еден претседател во овој стадиум од мандатот. Овие бројки се намалени поради загриженоста за неговото раководење со економијата и стравот од потенцијална рецесија.
Само 39 отсто од испитаниците во анкетата на „Еј-би-си њуз“, „Вашингтон пост“ и „Ипсос“ (ABC News/Washington Post/Ipsos) се изјасниле дека го одобруваат работењето на Трамп, додека анкетата на „Си-ен-ен“ (CNN) покажа поддршка од 41 отсто.
Имиграцијата останува област во која републиканскиот претседател има релативна предност, откако ја интензивира акцијата за спречување нелегални преминувања на границата и депортација на странци што нелегално престојуваат во САД.
Вториот мандат на Трамп е исто така обележен со кампања за брза трансформација на владата, предводена од милијардерот Илон Маск, чија цел е значително намалување на федералните трошоци и бројот на вработени.
Претседателот дејствува со невидена брзина во менувањето на федералните политики, издавајќи десетици извршни наредби со кои се иницираат регулаторни промени и други приспособувања во области како што се стандарди за бела техника, вештачка интелигенција, па до комуникации и јаглен.
Трамп води и широка иницијатива за редефинирање на односите на САД со светот – обновувајќи го барањето од првиот мандат до европските сојузници да ги зголемат придонесите за НАТО, барајќи слободен премин за американски бродови низ Панамскиот Канал, разговарајќи за можноста за купување на Гренланд и размислувајќи дали Канада треба да стане 51-та американска држава.
Говорот на Трамп следуваше по посетата на воздухопловната база Селфриџ во Мичиген заедно со демократската гувернерка Гречен Витмер. Во текот на неделава претседателот треба да одржи говор на Универзитетот во Алабама.
- Со помош на Габриел Копола и Дерек Волбенк.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...