И покрај уверувањата на бројни коментатори дека Џорџ Симион нема харизма и дека е тешко да се поверува оти ќе стане претседател со „трикови“ за „измама на наивните“ и „придобивање на разочараните од етаблираните партии“, лидерот на најголемата крајно десничарска опозициска партија – Алијансата за унија на Романците (АУР) – во првиот круг од претседателските избори сериозно се приближи до претседателската палата.
За разлика од предизборните анкети кои му предвидуваа околу 30 отсто гласови, овој десничар, кој се угледува на американскиот претседател Доналд Трамп, освои речиси 3,9 милиони гласови (40,96 отсто), пласирајќи се во вториот круг како најпопуларен кандидат, што претставува нов удар за актуелната власт на премиерот Марчел Чолаку, но и за проевропската опозиција во земјата.
Во вториот круг, како независен кандидат, влезе и градоначалникот на Букурешт, Никушор Дан, кој освои нешто помалку од два милиона гласови (20,99 отсто), додека поранешниот лидер на Либералната партија, Крин Антонеску – кој имаше поддршка од владејачката коалиција – заврши на трето место со околу 1,9 милиони гласови (20,07 отсто).
Ова е втор обид да се избере претседател на Романија, откако минатиот ноември Уставниот суд на Романија го поништи целиот изборен процес по првиот круг, поради, како што тврдеа властите, руско мешање и манипулации на социјалните мрежи кои му оделе во прилог на кандидатот од крајната десница Калин Георгеску, кој тогаш освои најмногу гласови. Истото тело оваа пролет ја потврди одлуката на Централната изборна комисија на Романија да му се забрани ново учество на изборите, што предизвика улични протести и дебати – дали станува збор за борба против руското влијание врз романската демократија или токму со таа забрана е загрозена самата демократија.
Симион сега се кандидираше со поддршка од Георгеску, освојувајќи повеќе гласови отколку што тие двајцата заедно освоија минатата година.
Фрустрации кај гласачите
По претходните погрешни проценки за ограничениот изборен дострел на Симион, романските аналитичари и коментатори главно се воздржани, истакнувајќи дека резултатот од вториот круг ќе биде многу неизвесен.
Романската новинарка Јоана Ене Догиои резултатот од првиот круг го објаснува како делумна последица од фрустрацијата поради поништувањето на изборите минатата година, а делумно поради кампањата во која проевропските кандидати се дискредитирале меѓусебно навредувајќи се. За романскиот портал „Спотмедија“ (Spotmedia), таа вели: „Никој всушност не разбра што се случи во последната година – и ние ја плаќаме цената за тоа“.
Никушор Дан за победа мора да освои уште 30 процентни поени во вториот круг
Bloomberg
„Прашањето сега е дали Симион може да биде поразен на 18 мај, со оглед на огромната разлика во гласовите“, додава таа, укажувајќи дека во вториот круг на Симион му требаат уште само „единаесет процентни поени“ за победа, додека на Никушор Дан му требаат 30 отсто.
Вториот круг, кој ќе се одржи на 18 мај, според анкетите ќе биде неизвесен. Како што оценува „Блумберг“, исходот ќе одреди дали Романија, како членка на ЕУ и НАТО, ќе продолжи по доследниот трансатлантски курс или ќе се сврти кон антисистемска политика што го доведува во прашање либералниот поредок на Европската Унија.
Симион себеси се претставува како „романски Трамп“, нагласувајќи дека граѓаните се вртат против естаблишментот поради хроничната сиромаштија, корупцијата и недостатокот на одлучност на актуелната влада да ги заштити интересите на Романија во ЕУ и во светот. Неговите критичари го сметаат за пропутински ориентиран поради неговиот критички став кон военото снабдување на Украина, кое делумно се спроведува преку романска територија. Кога на тоа ќе се додадат и коментарите од официјален Вашингтон, може да се каже дека во Романија дојде до судир меѓу пропутинскиот трампизам и проевропските елити.
Трампистичка борба против „елитите“
Поранешниот дописник на агенцијата АП (AP) од Романија, Дан Пери и поранешниот премиер и министер за надворешни работи на Романија, Михај Разван Унгуреану, во авторски текст за американското списание „Форин Полиси“ (Foreign Policy), оценуваат дека Романија „веројатно се наоѓа во нултата точка на нова глобална борба во која демократските институции се поткопуваат ширум светот не само со надворешни закани, туку и одвнатре“.
„Избраните лидери ја користат легитимноста на изборните кутии за да го деактивираат судскиот надзор, да ја замолчат медиумската критика и да ја елиминираат одговорноста. Ова не е демократија во акција – тоа се избори што се користат како оружје за елиминација на заштитните механизми против корупцијата и деспотизмот“, истакнуваат тие. Авторите го оправдуваат тоа што „елитата“ во Романија интервенирала со поништување на претходните избори, но додаваат дека тоа ја направило земјата пример за она што Доналд Трамп и неговите сојузници го претставуваат како глобална завера на елитата за контрола на изборите и потиснување на „народот“.
„Романија стана погодно реторичко бојно поле за трампистичката кампања против ’елитите’. Но токму тие, иако многу оклеветувани елити, се тие што ја штитат либералната демократија – и во Романија и на многу други места низ светот“.
Протиести поради поништувањето на претседателските избори минатата година
Bloomberg
Авторите наведуваат дека Романија, како релативно успешна посткомунистичка држава длабоко интегрирана во западните сојузи, го претставува токму тој вид на либерално-демократски модел кој е загрозен од наративот на Кремљ за неизбежниот распад на Западот. Според нивното мислење, руското „подривање на Романија исто така служи на повеќе стратешки цели: тестирање на одлучноста на ЕУ, разнебитување на единството во Источна Европа и сеење недоверба во изборните процеси“.
„Тоа е евтино, но високоприносно бојно поле за руското хибридно војување – особено во изборен циклус подложен на дигитални манипулации“, сметаат тие, но посочуваат дека американските власти биле вознемирени од тоа што романскиот регулаторен орган се повикал на европскиот Закон за дигитални услуги барајќи транспарентност на алгоритмите на онлајн платформите. „Сето тоа предизвика негодување во кругови поврзани со Трамп во САД и во странство, кои ги обвинија романските елити дека ја укинуваат волјата на народот“.
Поранешниот главен стратег на Трамп од првиот мандат, Стивен Бенон, неодамна се сретнал со Симион, додека најбогатиот човек на светот, Илон Маск, на својата социјална мрежа Икс објави фотографија од шефот на романскиот регулаторен орган со порака: „Можете да ги препознаете лошите момци по тоа што бараат цензура“.
„Тоа не беше цензура. Тоа беше интервенција за заштита на демократскиот систем под дигитална опсада“, сметаат авторите на статијата во американско специјализирано списание за надворешна политика, додавајќи дека „т.н. романски елити – вклучувајќи уставни експерти, обвинители за борба против корупцијата, либерални политичари и новинари, од кои многумина се образувани во западни институции и остануваат посветени на демократските норми – не воспоставиле авторитарна власт“. „Всушност, некои од нив може да се сметаат за заслужни за корекција на резултатите од изборите очајно корумпирани со странско мешање. Тие го спроведувале законот“.
Овие автори сметаат дека и во Романија и во САД секогаш ќе постои важна улога на „елитите“ во одржувањето на либералната демократија.
Најава на длабока политичка криза
Успехот на Симион, според новинарката на италијанскиот весник „Република“ (La Repubblica), Тонија Мастробуони, е доказ дека историјата се повторува и дека „суверенистичкиот модел е многу популарен во многу земји од поранешниот источен блок“.
„Сценариото е многу слично во Унгарија, Словачка, Полска и сега Романија: чувство на жртва и носталгија по старите добри времиња, непријателство кон елитите, евроскептицизам, антимигрантство, груб национализам и одбивност кон Украина“, наведува Мастробуони и додава дека Симион нагласил дека сака да ја истакне својата „единствена мисија: враќање на уставниот поредок и демократијата“.
Професорот Чипријан Апетреји, пак, е загрижен за поделеноста на романското општество. Во коментар за романскиот дневен весник „Адеварул“ (Adevarul), тој истакнува дека овие избори се „можеби најчудни во историјата“, прашувајќи се што заслужуваат оние кои се одговорни за тоа и 'против што следно ќе се насочи народниот гнев'.
„Претседателот нема магични моќи, но има огромна симболичка моќ. Сепак, тој сам не може многу да промени. Претходните претседатели ги надминуваа своите овластувања за да остварат влијание во владата и парламентот. Тоа најверојатно ќе се случи и во иднина“, истакнува Апетреји и додава дека „изборите ќе поминат, а општеството е поразделено од кога било“, прашувајќи се „како повторно да го откриеме нашето братство?“
Коментаторот на романскиот весник ЏН (Jurnalul National), Даниел Апостол, истакнува дека претседателските избори навестуваат потенцијално длабока политичка криза. Како што посочува, сегашната влада, фатена меѓу потребата од драстични фискални мерки и популистички притисок, ризикува колапс без разлика кој ќе се всели во претседателската палата.
„Но овие избори не се само за тоа кој ќе биде претседател, туку – што е уште поважно – за економската и геополитичката иднина на земјата. Романија е на работ на острица“, оценува Апостол и додава дека земјата ризикува да биде перцепирана како нестабилна, место каде инвестициите се неизвесни, а политичките одлуки повеќе се диктирани од популизам отколку од економски причини.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...