Истекуваат последните недели од 90-дневната пауза за таканаречените реципрочни царини за увоз на стоки во САД што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп, па по бурната реакција на пазарите ги стави на почек во очигледен обид да изврши притисок и да ги одоброволи засегнатите земји да се договорат за трговските политики по негов терк. Се очекува на 9 јули, американските царински стапки драстично да се зголемат за многу земји доколку нема нови трговски договори или понатамошно одложување. Стоките од Европската Унија, на пример, се соочуваат со царини од 50 проценти, а високи давачки се предвидени и за земјите од регионот кои не се членки на ЕУ како што се Македонија (33 проценти), Србија (37 проценти) и БиХ(35 проценти).
Пристигнува писмен ултиматум од Трамп
Претседателот Доналд Трамп во средата изјави дека има намера да испрати писма до трговските партнери во следните една до две недели во кои ќе ги утврди едностраните царински стапки, пред крајниот рок на 9 јули за повторно воведување повисоки царини.
Прочитај повеќе
Трамп повторно вели дека ќе воведе еднострани царини за две недели
За околу една и пол, две недели ќе испраќаме писма до земјите, кажувајќи им каков е договорот, изјави Трамп.
12.06.2025
Лагард: Насилничкото однесување во трговијата нема да функционира на долг рок
Претседателката на ЕЦБ смета дека актуелните трговски политики не се одржливи
11.06.2025
ЕУ гледа напредок во преговорите со Трамп и покрај зголемените царини
„Верувам дека можеме да постигнеме позитивен резултат“, рече Марош Шефчовиќ од ЕУ. „Но исто така сме подготвени и да направиме сè за да го избалансираме нашиот трговски однос“.
04.06.2025
Трамп двојно ги зголеми царините за алуминиум и челик
Зголемувањето на царините Трамп го претстави како потег со кој што се штити националната безбедност и домашното производство.
04.06.2025
„За околу една и пол, две недели ќе испраќаме писма до земјите, кажувајќи им каков е договорот“, изјави Трамп. „Во одреден момент, ние само ќе испраќаме писма. И мислам дека го разбирате тоа, велејќи дека ова е договорот, можете да го прифатите или да го оставите“, додаде тој.
Bloomberg
Запрашан дали ќе го продолжи рокот за земјите да склучат договори со неговата администрација пред да стапат во сила повисоките давачки, Трамп рече дека ќе биде отворен за тоа.
„Но, не мислам дека ќе имаме таква потреба“, додаде тој.
Трамп првично предложи да се вклучи во разговори со секој партнер, но се оддалечи од таа идеја, давајќи приоритет на разговорите со некои клучни економски партнери како Кина и признавајќи дека администрацијата нема капацитет да преговара за десетици индивидуални договори. Тимот на Трамп, исто така, работи на обезбедување билатерални договори со Индија, Јапонија, Јужна Кореја, како и со Европската Унија.
Конечно договор со Кина, но?
Трамп во средата рече дека договорот во Лондон за трговската рамка со Кина сега е завршен и дека Пекинг ќе ги снабдува САД со ретки земни метали и магнети, а САД ќе им дозволат на кинеските студенти да студираат на американски колеџи и универзитети. Според информациите на американската администрација остануваат давачки за увоз од Кина и тоа основна давачка од 10 проценти, давачка од 20 проценти поврзана со трговијата со фентанил и приближно 25 проценти од претходно постоечките давачки од неговиот прв мандат.
Преговорите во Лондон всушност беа продолжение на Женевскиот договор, за кој двете страни меѓусебно се обвинуваа дека го прекршуваат и кој вклучуваше 90-дневна пауза на многу високите тарифи што двете земји ги воведоа врз увозот на другиот (145 проценти царини за увоз од Кина и 125 проценти царини за увоз од САД), што претставуваше де факто трговско ембарго. Не е јасно дали паузата, која истекува во август, останува на сила и дали двете страни би можеле да го искористат времето за дополнително намалување на увозните даноци. Неодамнешната рунда разговори, исто така, малку направи за да се поправат фундаменталните прашања, како што е огромниот трговски суфицит на Кина со САД.
Трговскиот претставник на САД, Џејмисон Грир, изјави во вторникот дека не се закажани понатамошни состаноци, иако истакна дека страните често разговараат. Главниот трговски преговарач на Кина, Ли Ченгганг, имаше сличен тон, кажувајќи им на новинарите во вторникот дека „се надеваме дека напредокот што го постигнавме ќе биде корисен за градење доверба“.
ЕУ меѓуредови сака пролонгирање на роковите
Министерот за трговија на САД Хауард Лутник во средата изјави дека Европската Унија веројатно ќе биде меѓу последните договори што ќе ги склучат САД, изразувајќи фрустрација од водењето разговори со блокот од 27 земји.
„Блумберг“ објави дека Европската Унија верува дека трговските преговори со САД би можеле да се протегаат и по рокот на претседателот Доналд Трамп на 9 јули. ЕУ го смета постигнувањето договор за принципите на договорот до 9 јули како најдобро сценарио, што би овозможило понатамошни разговори за да се разработат деталите. Се очекува САД да одговорат на последната рунда преговори во наредните денови и да дадат јасност за следните чекори.
Трансатлантските сојузници брзаат да постигнат договор пред рокот во јули, кога Вашингтон ќе го погоди речиси целиот извоз на блокот со царина од 50 проценти, што веројатно ќе предизвика одмазда. ЕУ проценува дека царините усвоени од Трамп сега покриваат 380 милијарди евра (434 милијарди долари), или околу 70 проценти од нејзиниот извоз во САД.
Трамп засега води во правната битка
Судбината на трговската војна на претседателот Доналд Трамп е во рацете на судовите, додека се одвива правна битка околу употребата на вонредни овластувања од негова страна за наметнување царини.
Судот за меѓународна трговија на САД на 28 мај пресуди дека огромното мнозинство од давачките на Трамп биле издадени нелегално и нареди нивно блокирање. Само еден ден подоцна, Федералниот апелациски суд ѝ даде на администрацијата на Трамп привремено одложување од пресудата и последователно одлучи дека царините можат да останат на сила додека не го разгледа случајот, закажувајќи го рочиштето за 31 јули.
Трговскиот суд со седиште во Њујорк заклучи дека Трамп погрешно се повикал на закон за вонредни состојби за да ги оправда царините - ретка опомена бидејќи судовите имаат тенденција да му се потчинат на претседателот по трговски прашања. Доколку неговата пресуда биде потврдена, тоа би означило голем удар за една од препознатливите економски политики на Трамп. Одлуката на крајот би можела да биде на Врховниот суд. Во прашање е иднината на трилиони долари глобална трговија. Освен тоа, оваа правна борба се вклопува во поширок бран тужби за извршни наредби што ги тестираат границите на претседателските овластувања. Исходот би можел да ја тестира и моќта на судовите да ги спроведуваат своите одлуки ако извршната власт одлучи да ги побие наредбите на судиите.
На кои тарифи се однесува одлуката на трговскиот суд?
Наредбата на трговскиот суд се однесува на „реципрочните“ тарифи што Трамп ги објави на 2 април за увоз од речиси 60 земји, кои потоа беа паузирани до почетокот на јули. Исто така, вклучува и посебни тарифи наметнати на стоки од Кина, Канада и Мексико. Член 1 од Уставот на САД му дава на Конгресот овластување да наметнува даноци и царини и да „регулира трговија со странски нации“. Но, пратениците со децении делегираа делови од својата моќ над трговијата преку разни законски прописи, од кои повеќето им дозволуваат на претседателите да воведуваат тарифи само од ограничени причини.
Додека Трамп ги тестираше границите на тие овластувања во својот прв мандат, овој пат, тој се повика на она што го нарече практично неограничени овластувања според Законот за меѓународни економски овластувања за вонредни состојби за да наметне тарифи преку извршни наредби. Законот од 1977 година никогаш претходно не бил користен за оваа цел и не ги споменува тарифите. Трамп ги наведе трговските дефицити со други земји и трговијата со дрога на границата со САД како национални вонредни состојби што му дозволија да го повика законот за да воведе тарифи.
Доколку одлуката на трговскиот суд конечно се потврди, таа би ја елиминирала царината од 30 проценти за увоз од Кина и царината од 25 проценти за стоки од Канада и Мексико. Основната царина од 10 проценти за повеќето други производи што влегуваат во САД - стапка што Трамп се закани дека ќе ја зголеми ако земјите не склучат трговски договор со Америка до 9 јули - исто така би била отфрлена.
Пресудата не влијае на секторските давачки наметнати со користење на различни правни основи, како што се царините за челик, алуминиум и автомобили, воспоставени со искористување на Член 232 од Законот за проширување на трговијата од 1962 година. Овие тарифи зависеа од истрагата на Министерството за трговија која заклучи дека увозот на такви производи претставува ризик за националната безбедност. Администрацијата на Трамп ги постави темелите за таргетирање на фармацевтските производи и полупроводниците, меѓу другото, со тарифите од Член 232. Пресудата на трговскиот суд, исто така, не влијае на тарифите наметнати според Член 301 од Законот за трговија од 1974 година, кој дозволува даноци врз основа на нефер трговски практики.
Македонската Влада ги укинува царините за увоз од САДМакедонската Влада нa една од последните седници усвои предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за царинска тарифа во кој меѓудругото се предвидува целосна либерализација на увозот на стоки со потекло од САД, односно укинување на царинските стапки за стоките кои доаѓаат во нашата земја од САД. „САД се стратешки партнери на нашата земја и соработката со нив е значајна од секој аспект поради што Владата e пoдготвена да го прошири и продлабочи блиското партнерство помеѓу двете земји што се заснова на заеднички цели, интереси и вредности и да воспостави трајна соработка врз основа на заемен интерес. Приоритет на оваа Влада е да креираме политики со кои ќе создадеме поволно и предвидливо бизнис окружување за сите компании, вклучително и за домашните и странските компании и на таков начин да изградиме силна економија“, соопшти тогаш министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Таа информираше и дека со предлог-законот се врши намалување на царинската стапка кај 67 стоки кои се користат во домашната индустрија. Новите царински стапки треба да почнат да се применуваат од 1 јули 2025 година. |
Со помош на Josh Wingrove, Skylar Woodhouse, Erik Larson, Shawn Donnan, Laura Curtis - Bloomberg