Бугарската интервенција и блокадата на пристапните преговори со Македонија се груба повреда на европската солидарност и тоа не е оправдано, изјави поранешниот претседател на Социјалдемократската групација (S&D) во Европскиот парламент, Јоханес Свобода, во емисија на „ТВ Вистел“
Тој повика Европската комисија и клучните земји-членки да преземат поактивна улога во медијацијата, како што тоа било направено при конфликтот меѓу Хрватска и Словенија.
„И тогаш имаше проблем меѓу две земји – Хрватска и Словенија – но ЕУ реагираше. Истото мора да се случи и сега. Потребни се јасни и остри зборови на критика кон Бугарија,“ рече Свобода.
Свобода посебно ја критикуваше одлуката на бугарскиот претседател да одбие средба со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова на претстојниот НАТО самит во Хаг, и покрај присуството на претставници од ЕУ и САД.
„Одбивањето на средбата е спротивно на европските норми на добрососедство и дипломатија. Тоа не е начин на кој се гради европска иднина,“ потенцираше Свобода.