Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаело Гроси за утре свика итен состанок во седиштето на Агенцијата во Виена, откако САД нападнаа три нуклеарни постројки во Иран.
„Поради итната ситуација во Иран, свикувам за утре итен состанок на Управниот одбор на МААЕ“, напиша Гроси на Икс.
САД изутрината директно се вклучија во конфликтот меѓу Иран и Израел, наведувајќи дека нападнале три нуклеарни објекти во таа земја. Со цел да ја уништат нуклеарната програма на Иран, Израел ја нападна таа земја пред девет дена.
Како што претходно беше објавено, Иран и МААЕ наведоа дека немало непосредни знаци на радиоактивна контаминација на трите локации по нападот.
ЕУ повикува на воздржаност
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта денеска изјави дека е длабоко загрижен поради ситуацијата на Блискиот Исток, повикувајќи ги сите страни на воздржаност и дипломатија.
„Ги повикувам сите страни да покажат воздржаност и почитување на меѓународното право и нуклеарната безбедност“, напиша Кошта на платформата Икс.
Дипломатијата, нагласи Кошта, останува единствениот начин да се донесе мир и безбедност во регионот на Блискиот Исток.
„Премногу цивили повторно ќе бидат жртви на понатамошна ескалација“, рече Кошта, додавајќи дека ЕУ ќе продолжи да разговара со страните и партнерите.
Претходно денеска, високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, апелираше до сите страни да се воздржат од понатамошни чекори и да се вратат на преговори. Таа на платформата Икс напиша дека на Иран не смее да му се дозволи да развива нуклеарно оружје.
НАТО внимателно ја следи ситуацијата
НАТО внимателно ја следи ситуацијата во Иран, откако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека американските воени авиони бомбардирале ирански нуклеарни објекти, изјави денеска официјален претставник на Алијансата.
Анонимниот претставник, коментирајќи ја евентуалната реакција на НАТО и можното влијание на американската воена акција врз Северноатлантската алијанса, рече „дека ситуацијата, секако, се следи внимателно“.