Шпанија доби изземање од амбициозната цел на НАТО – издвојување по пет отсто од БДП за одбрана – по неколку дена дипломатски преговори, кои беа исмевани од Доналд Трамп, непосредно пред самитот на лидерите на воениот сојуз во вторник.
„Целосно ја почитуваме легитимната желба на другите земји да ги зголемат инвестициите во одбраната, но ние нема да го направиме тоа“, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез во неделата попладне. Шпанија ќе ја зголеми одбранбената потрошувачка до 2,1 отсто од БДП – „ниту повеќе, ниту помалку“. Во писмо до генералниот секретар на НАТО, Марк Руте (од 22 јуни), во кое „Блумберг“ имал увид, Санчез наведува дека Шпанија ќе ги исполни амбициозните цели на Алијансата во однос на оружје и човечки ресурси, но без обврска да ја плати цената што НАТО ја предвидел.
Според Руте, Шпанија самостојно ќе одлучи како да ги исполни зададените цели, а соопштението што ќе биде усвоено на самитот ќе ѝ даде „флексибилност“ да го „одреди својот засебен пат кон постигнување на тие способности“.
„Дискусиите за соопштението се завршени и тоа е усогласено меѓу сите сојузници“, изјави официјален претставник на Алијансата. „Очекуваме лидерите на сојузниците формално да го усвојат соопштението“ кога ќе се соберат на самитот во Хаг. Официјалното соопштение ќе биде објавено јавно во тој момент.
Спротивставувањето на Санчез на целта од пет отсто – која ја нарече неразумна и контрапродуктивна за неговата земја – во петокот предизвика потсмев од Трамп, кој ја нарече Шпанија „слаб плаќач“ и додаде дека треба повеќе да придонесува за одбраната.
Самитот во Хаг се одржува во момент кога Трамп драматично ги вклучува САД во израелските напади врз Иран, додека Европа со нетрпение ја очекува неговата одлука за бројот на американски трупи во регионот, во сенка на војната меѓу Русија и Украина.
Сојузниците го зголемија притисокот врз Шпанија да се согласи со целта за потрошувачка, откако скептични земји како Италија и Белгија веќе беа убедени да се приклучат на иницијативата. Санчез понуди зголемување на одбранбената потрошувачка на 2,1 отсто од БДП, но се соочува со отпор дома – вклучувајќи и од коалициските партнери во владата.
„Сметаме дека дебатата не треба да се води околу процентот, туку околу способностите“, изјави шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес во понеделникот во Брисел. „Можеме да ги постигнеме способностите што ги бара организацијата со 2,1 отсто, и тоа е признаено и прифатено од НАТО“.
Depositphotos
Иако Руте првично ја предложи 2032 година како рок за постигнување на целта за потрошувачка, според најновиот нацрт, тој рок се поместува на 2035 година. Исто така, отстранета е и неговата желба да се воведат задолжителни годишни зголемувања на потрошувачката, што треба да го олесни процесот за земјите што заостануваат со издвојувањата.
Постојната цел на НАТО налага земјите членки да трошат два отсто од БДП на одбрана. Според новата цел, дополнителни 1,5 отсто би се однесувале на поширока потрошувачка поврзана со одбраната – како сајбер-безбедност и инфраструктура за преместување трупи и воена опрема. Според соговорници, критериумите се доволно широки за сите сојузници брзо да го исполнат тој дел од планот. Сепак, зголемувањето на основната одбранбена потрошувачка од 2 на 3,5 отсто ќе биде значително потешко за остварување.
Во рамките на редовната процедура, НАТО во 2029 година ќе спроведе ревизија на опремата и човечките ресурси што ги смета за неопходни. Тогаш би можела да се преиспита и вкупната цена на тие способности, што можеби ќе даде одреден маневарски простор за земјите со најниски издвојувања.
Вашингтон веќе извесно време инсистира на зголемување на одбранбените трошоци без преседан, тврдејќи дека европските сојузници мора да преземат поголема одговорност за сопствената безбедност.
„Не мислам дека ние треба да го направиме тоа, но мислам дека тие треба“, изјави Трамп во петокот вечер, коментирајќи ја целта од 5 отсто и внесувајќи дополнителна неизвесност во последен момент, иако САД претходно најавија дека ќе ја поддржат таа цел.