Вака или онака, даночникот доаѓа по најбогатите граѓани на Франција.
Додека премиерот Себастијан Лекорну се обидува да ја задржи политичката стабилност, 39-годишниот политичар е под притисок од левицата, крајната десница и дури од сопствените центристички сојузници да вклучи повисоки давачки за богатите како дел од напорите за намалување на најголемиот дефицит во еврозоната.
Петтиот премиер на земјата за помалку од две години во петокот ги критикуваше повиците за воведување данок на богатство, вклучувајќи еден предлог именуван по економистот Габриел Зукман. Но, тој ја остави отворена можноста за мерки кои би ги погодиле најбогатите, велејќи дека е невозможно да не се слушне барањето на Французите за „даночна правда“.
Прочитај повеќе
Додека францускиот пазар стагнира, еден стартап годинава порасна за 500 проценти
Иако Франција годинава е една од најслабите алки во Европа, еден од впечатливите исклучоци е француска компанија што се појави како апсолутен победник.
15.09.2025
Макрон го назначи Лекорну за нов премиер на Франција
Лекорну (39) е единствениот министер кој е дел од владата континуирано откако Макрон стана претседател во 2017 година.
09.09.2025
Француската политичка неизвесност ги крена европските акции
Европските берзи пораснаа додека Франција се соочува со политичка неизвесност и избор на нов премиер, а CAC 40 предводеше во регионот.
09.09.2025
Иднината на Франција е на коцка поради високиот јавен долг
Париз има трет највисок јавен долг во Европската Унија, веднаш по Атина и Рим, што би можело да знаци недоверба за актуелниот француски премиер — особено во земја која веќе има највисоко даночно оптоварување во Европа.
06.09.2025
Француските тврдења за италијански „фискален дампинг“ ја налутија Мелони
Францускиот премиер Бајру ја обвини Италија за „фискален дампинг“. Канцеларијата на Мелони возврати дека обвинувањето е неосновано.
01.09.2025
Во Франција беснее ретко интензивна дебата за тоа дали богатите треба да имаат поголема улога во полнењето на државната каса. Демонстранти — некои носејќи транспаренти со натпис „Земете од богатите“ — маршираа низ Париз и други градови, полицијата уапси лица кои планирале да го блокираат седиштето на компанијата за бродски транспорт „СМА СГМ СА“ (CMA CGM SA), контролирана од милијардерот Родолф Сааде и неговото семејство, а телевизиските дебатни емисии се преплавени со дискусии за нееднаквоста и фискалната правичност.
Bloomberg
Буџетот за 2026 година треба да биде поднесен во октомври. Со сегашната парламентарна математика, за да биде усвоен финансискиот текст, премиерот Себастијан Лекорну ќе мора да обезбеди или пратениците од Социјалистичката партија или оние од Националното обединување на Марин Ле Пен да се воздржат од гласање за недоверба. Двете партии досега се спротивставуваа на предлозите на претходната влада за кратење на трошоците, при тоа правејќи од „даночната правда“ своја главна порака и заканувајќи се дека ќе го симнат Лекорну доколку не направи отстапки. Тоа значи дека исполнувањето на барањата богатите да плаќаат повеќе би можело да му послужи како спас од политичкиот и фискален ќор-сокак, но во исто време би ја нарушило про-бизнис политиката на претседателот Емануел Макрон.
Во интервју за „Ле Паризиен“ (Le Parisien), Лекорну изјави дека ќе предложи некои давачки да се зголемат, а други да се намалат, но, како што вели, парламентот ќе има последен збор за тоа што ќе влезе во буџетот. Тој предупреди на опасностите од некои од порадикалните предлози за „данок за богатите“.
Социјалистичката партија, која го поддржува предлогот на економистот Габриел Зукман за општ данок од 2 отсто на богатство над 100 милиони евра, соопшти дека на барање на Лекорну ќе има средба со него оваа недела. Но, доколку не дојде до суштински промени, нејзините пратеници сепак ќе гласаат за негова смена. Ле Пен, пак, за телевизиските канали изјави дека нејзиното Национално обединување ќе чека премиерот да се обрати пред парламентот пред да донесе одлука, додавајќи дека нема доверба во еден од „лојалистите на Макрон“.
Доколку Лекорну биде принуден да поднесе оставка, Макрон би можел да назначи наследник, но и тој би се соочил со истиот притисок.
„Владата не може да го заобиколи ова прашање, особено кога е комбинирано со нивото на јавна поддршка. Значи, во некаква форма, данокот на богатство ќе се врати,“ изјави Фамке Крумбмулер, политички аналитичар и партнер во ЕИ Геостретџи (EY Geostrategy). „Перцепцијата и симболиката се оние што го прават прашањето толку комплицирано — симболика за француските гласачи, наспроти симболика за бизнисот.“
Bloomberg
Предлозите за данок на богатство опфаќаат широк спектар.
Освен таканаречениот „данок на Зукман“, тие вклучуваат и давачки на „финансиски богатства“ и попрецизни мерки што би ги зафатиле холдинг-компаниите и наследството на семејните фирми. Дури и центристичките сојузници на Лекорну бараат оданочување на „непродуктивното“ богатство, продолжувајќи ја иницијативата на претходната влада која работеше на измени за спречување на „злоупотребливата оптимизација“.
Буџетот за 2025 година веќе го зголеми оданочувањето на најголемите и најпрофитабилни компании во земјата и воведе дополнителни давачки до 4 отсто за поединци со годишен приход над 250.000 евра, за да се направат мерките за кратење на трошоците поприфатливи. Владата првично процени дека од дополнителниот данок за компаниите ќе се соберат 8 милијарди евра, а од мерката за домаќинствата 2 милијарди евра. Двете мерки беа замислени како привремени, но заминувачките министри порачаа дека последната треба да стане трајна.
Порадикалните мерки би имале широка јавна поддршка. Истражување на „Ифоп“ (Ifop) — спроведено по нарачка на Социјалистичката партија — покажа дека 85 отсто од граѓаните сакаат напорите за стабилизирање на буџетот да се насочат кон големите компании и богатите. Анкетата на 1.000 лица спроведена на 10 и 11 септември откри и силна поддршка за данокот на Зукман, вклучително и кај 92 отсто од симпатизерите на центристичката партија на Макрон.
Темата е исклучително чувствителна за претседателот, чија економска политика се темели на ограничување на даноците со цел поттикнување на деловната активност. Во текот на неговите осум години на власт, тоа даде резултати — со пад на невработеноста и раст на странските инвестиции. Но, истовремено, му го донесе прекарот „претседател на богатите“, а критичарите укажуваат на раст на стапките на сиромаштија за време на неговата администрација.
Bloomberg
Таканаречениот „данок на Зукман“ потсетува на првиот социјалистички претседател на Франција по Втората светска војна, Франсоа Митеран, кој воведе годишна давачка за недвижен имот и непрофесионални средства со вредност над 3 милиони франци, наречена Данок на големите богатства (Impôt sur les Grandes Fortunes). Во наредните четири децении, данокот познат како ИСФ (ISF) беше укинуван, повторно воведуван и менуван од страна на различни администрации. По доаѓањето на власт на Емануел Макрон во 2017 година, давачката беше ограничена и остана да се применува само на недвижен имот.
Себастијан Лекорну изјави дека не планира повторно воведување на стариот ИСФ.
Иако Франција последниве години поддржуваше иницијатива за воведување глобален данок на милијардерите, низа министри за финансии и премиери тврдеа дека луѓето би можеле да ја напуштат земјата ако таа биде прва или единствена што ќе го спроведе. Тоа се случи за време на Митеран и повторно за време на претседател Франсоа Оланд, кој воведе краткотраен „суперданок“ од 75 отсто на приходи над 1 милион евра.
Околу 1.800 ултрабогати жители, регистрирани како даночни обврзници во Франција, би биле опфатени со данокот на Зукман, што веќе предизвикува вознемиреност кај најбогатите. Основачот на „ЛВМХ“ (LVMH), Бернар Арно — најбогатиот човек во Европа со богатство од околу 167 милијарди долари — овој месец изјави дека таквата мерка би ја „уништила либералната економија“. Против неа се изјаснија и првиот човек на државната инвестициска банка „Бпифранс“ (Bpifrance) и низа бизнис асоцијации.
Националното обединување на Марин Ле Пен има помалку радикален предлог. Според нивната идеја, данокот на недвижности на Макрон би се трансформирал во „данок на финансиско богатство“. При тоа, еден станбен имот, деловните средства и 75 отсто од вложувањата во акции на мали и средни компании би биле ослободени од оданочување. Партијата, исто така, планира да воведе даноци за финансиска шпекулација, откуп на сопствени акции и прекумерни дивиденди и профити, изјави пратеникот Жан-Филип Танги, кој учествува во формулирањето на економската политика на партијата.
„Не сакаме левицата да има монопол врз даночната правда,“ изјави тој за „Франс Интер“ (France Inter) на 21 септември. „Имаме свои предлози.“
Bloomberg
Според даночната адвокатка Ксенија Лежандeр, управувачки партнер во Париз во „Хоган Ловелс“ (Hogan Lovells), треба да се разгледаат двете опции бидејќи сегашните правила овозможуваат сериозно избегнување на даноци. Таа објаснува дека корпоративните дивиденди што ги прибираат холдинг-компаниите речиси и не се оданочуваат сè додека не се исплатат на поединци, па затоа можат да се акумулираат и да се користат за купување на лични средства на компанијата, како куќи и јахти. Според неа, и правилата „Дутреј“ ( даночни олеснувања воведени за да им помогнат на семејните компании) оставаат простор за злоупотреби.
„Ова е долгогодишен скандал и мора да се испита,“ вели Лежандeр. „Ако луѓето купуваат приватни средства со паричните текови на холдинг-компанија, тоа не е праведно. Тоа создава даночна неправда.“
Bloomberg
Во изминатите неколку месеци, актуелната вршителка на должност министер за буџет, Амели де Моншален, ја отвори можноста за поголема контрола на холдинг-компаниите од страна на француските даночни власти, што би можело пошироко да се однесува на групата милионери, вклучително и приватниот капитал, за разлика од мерките како онаа на Зукман.
Извршниот директор на една компанија што е дел од CAC40, кој побара да остане анонимен, изјави за „Блумберг“ дека иако некои би можеле да прифатат давачка различна од данокот на Зукман, таа би морала да биде придружена со план за намалување на јавниот дефицит. Она што деловните лидери навистина го сакаат, рече тој, се кратења на јавните трошоци кои ги сметаат за неефикасни и непотребни.
Според Пјер Московичи, првиот човек на Националниот ревизорски суд на Франција, најмалку три четвртини од напорот за намалување на дефицитот — кој годинава се очекува да достигне 5,4 отсто од БДП — мора да дојдат преку кратење на трошоците и подобрување на ефикасноста. Тој смета дека иако зголемувањето на даноците за најбогатите е можно и веројатно неопходно за постигнување договор за буџетот, овие мерки не смеат да бидат претерани или да ја ограничат способноста на стартапите и компаниите да растат и да останат конкурентни во Франција
„Овие мерки се барани, без сомнеж се и потребни, и постои простор за нив,“ изјави тој за „Франс Инфо“ (France Info) во петокот. „Но тие мора да бидат доволно прецизни и добро осмислени за да се избегне намалување на нашата конкурентност и удар врз растот.“